Два јубилеја на агенција „Марили“ – 25 години Бизнис каталог и манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“

Агенција „Марили“ во 2021 година одбележува два значајни јубилеја – 25 години од издавањето на Бизнис каталог на Р.С. Македонија и 25 години од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“.

Двата јубилејни проекта се планирани за мај годинава и тоа Бизнис каталогот ќе го промовираме на почетокот на мај, а јубилејната манифестација ќе се одржи на крајот на истиот месец.

Двата проекта взаемно се поврзани и се развиваат паралелно. Овој пат Каталогот ќе ги сублимира интервјуата со најуспешните жени менаџери кои биле дел од манифестациите на агенција „Марили“, а кои постигнале  континуирано успешно менаџирање низ годините, за што ќе бидат и наградени на јубилејната манифестација. Истовремено во Каталогот ќе бидат присутни и значајни содржини и интервјуа од други сфери, како од областа на културата, уметноста, спортот, но и лични ставови на македонски бизнисмени кои дале особен придонес во развојот на економијата во нашето општество. Воведот на Каталогот овој пат му го посветуваме на 30-годишниот јубилеј од независноста на нашата држава, каде од историски и културолошки аспект ќе бидат опфатени сите значајни обележја на посебноста и ентитетот на Македонија. Со тоа, Каталогот заокружува еден значаен период од четврт век на промоција на најдоброто од нашата земја и е сведоштво на сите транзициски процеси низ кои минувавме од економски, но и од секој друг аспект.

Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ исто така ќе биде заокружување на еден значаен процес на поддршка на женското менаџерство, но и лидерство и претприемаштво на жените во бизнисот. Тоа е проект кој афирмираше и промовираше вкупно 250 жени менаџери и претставува поттик и пример за младите генерации, особено за младите жени и високообразовани кадри кои треба да се охрабрат да влезат во бизнис водите и да ја градат македонската економија во иднина.

Оваа 2021 година е година на надеж за надминување на сериозната здравствена и економска криза од светски размери предизвикана од пандемијата со Ковид-19, година во која ќе ги ресетираме сите наши интелектуални, образовни и претприемачки способности за да ги согледаме недостатоците и да направиме исчекор кон подобри економски состојби и да го придвижиме целото општество да оди напред.


Статијата е прочитана 827 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско