„Кромберг и Шуберт Македонија“ – Поим за квалитет, илјадници задоволни вработени и грижа за здрава животна средина

Најголемиот работодавач во државата, компанијата „Кромберг и Шуберт Македонија“ успешно работи во земјава од 2012 година во погонот во Битола, а подоцна и во погонот во Илинден, Скопје. Фабриката во Крушевац во Србија постои од 2015 година. Во сите три погони, над 9.000 вработени вредно работат за гиганти во автомобилската индустрија како Mercedes, Mini Cooper, Audi, кои во своите финално произведени автомобили, наменети за префинети крајни купувачи, вградуваат кабелски снопови произведени во согласност со сите стандарди. Компанијата припаѓа во нискозагадувачка индустрија, континуирано се грижи за животната средина, употребува електрична енергија од 100 % обновливи извори, а воведува и низа акции во насока за „зелено” работење.

МАРИЛИ: „Кромберг и Шуберт“ е светски лидер во автомобилската индустрија. Во нашата земја сте присутни со две фабрики, од кои едната успешно работи повеќе од една деценија, а се проширивте и во регионот со фабрика во Крушевац, Република Србија. Што се произведува одделно во секоја од фабриките?

 КШМК–БТ: Нашата фабрика „Кромберг и Шуберт“ во овој регион успешно постои веќе 11 години, започнувајќи во 2012 година. Најпрво беше отворена во Битола, на почетоците на автомобилската индустрија во државата, а бевме и меѓу првите компании од оваа индустрија што започнавме со работа. Како дел од автомобилската индустрија се занимаваме со изработка на „нервниот систем” на автомобилот, а тоа е кабелскиот сноп преку кој фунцкионираат сите електрични компоненти во автомобилот.

На почетокот почнавме да работиме со помали модули (полупроизводи) што беа наменети за моделите на Mini Cooper. Подоцна го проширивме нашето производство со базични модули за BMW X1 и во 2014 година првпат започнавме со производство на целосен кабелски сноп што по принципот на „Just in Time“ се доставува до нашите клиенти и се монтира во автомобилите за финална продажба. Тука е и производството на кабелски сноп за комбињата на Mercedes, Vito и V-class, модели на патнички и товарни комбиња во различни варијатни од секојдневни до луксузни модели наменети за кампување. Исто така, во нашата фабрика во Битола произведуваме целосни кабелски снопови за моделот на комбе Sprinter, исто под производство на Mercedes. Третиот проект што во моментот е во фаза на влегување на нов наследник е проектот за AUDI, за моделот на А4 во кој се вклучени сите варијатни од спортска варијанта, купе, авант, караван и наредно ќе се продолжи со производство и на кабелски сноп за AUDI A6. Во моментот во фабриката во Битола има 5.300 вработени.

Нашата втора фабрика во регионот беше отворена во Србија, во градот Крушевац во 2015 година, односно тогаш беа почетоците на оваа индустрија во тој регион. Уште од почетокот  таа фабрика започна со производство на целосни кабелски снопови за моделот на Skoda Superb и Skoda Fabia. По проширувањето на фабриката започнавме со производство и на целосен кабелски сноп за екслузивниот бренд на производители на автомобили, а тоа е Porsche за типот автомобил Carrera. Во моментов во нашата фабрика во Крушевац имаме 1.900 вработени и овој број ќе порасне во иднина поради одлуката за проширување на производниот капацитет со нова доградена екстензија што треба да биде готова наредна година.

Фабриката во Скопје, во населба Илинден, е последната отворена фабрика во овој регион со која ја продолжуваме добрата приказна за нашиот бренд во регионот. Се работи за компанија што ја отворивме во 2022 година, но и покрај краткото време на постоење сепак веќе брои над 2.000 вработени, кои доаѓаат од целиот регион на Скопје, како и од градовите Велес, Куманово, Свети Николе, Неготино и Кавадарци. Поради кризата што настана во Украина, во оваа фабрика повторно му се вративме на нашиот клиент BMW и тука се пренесе дел од тамошното производство, а во моментот произведуваме целосен кабелски сноп за моделот на X1 од новата генерација од 2023 година. Во фаза на претсериско производство е кабелскиот сноп за моделот на Mini Country Cooper што од наредната година ќе влезе во сериско производство.

Според овие податоци, нашето портфолио во регионот упатува на над 9.000 вработени и пет клиенти што се гиганти во автомобилската индустрија и кои во своите финално произведени автомобили, наменети за префинети крајни купувачи, вградуваат кабелски снопови произведени во согласност со сите стандарди од нашиот регион и кои се.

МАРИЛИ: На што се должи успехот во паралелното развивање на повеќе производствени капацитети истовремено? Кој е клучот за создавање ефективни и проактивни менаџмент тимови што ќе ги мотивираат вработените за квалитетно и поефикасно работење?

КШМК-БТ: Нашата приказна е преплетена, како што напоменавме веќе 11 години, тоа е една фаза на постоење што е клучна за секоја организација. Самите почетоци беа најголем предизвик, кога прво се влегуваше во нова непозната индустрија за државата, кога требаше да се изградат тимови, кога требаше да се создаваат специјалисти од различни области: од индустриски инженеринг, логистика, човечки ресурси, производство, финансии, кога требаше да се преплетуваат знаење, организациска поставеност и култура, нови начини на работа и нови искуства.

Тоа е една клучна фаза во градењето на секоја организација во која топ менаџментот и тој што е прв човек во компанијата треба да го дадат целото свое знаење, љубов, енергија, желба, мотивација, динамика, пожртвуваност за да ги движат работите, да ги поставуваат процедурите, да ги „туркаат” задачите, да ги „кршат” стравовите кај другите, да бидат вистински лидер што ќе им ја даде и претстави визијата на сите луѓе во тимовите за да тргнат кон исполнување на целите. Кога овој процес правилно ќе се започне, сите добиваат желба да научат, да ги дадат и покажат своите способности, да работат секој ден само подобро, да учат што повеќе од својата област, да стекнуваат самодоверба и да ја „совладуваат” секоја наредна препрека со поголема одговорност и знаење.

Со тоа се гради срцето на компанијата, а тоа се правилни вработени на правилни позиции, со правилен „mindset“ и со поседување клучни специјалистички знаења и вештини.

Кога на овој начин ќе се изгради тимот, тогаш веќе се поставуваат здрави темели на организацијата во насока на преземање поголеми одговорности, градење специјалисти и „мајстори” во својата област што веќе може да прераснуваат во улога на ментори на свои нови колеги и наследници. 

Сето тоа придонесе за проширување на нашата приказна во новите отворени фабрики, во новите тимови што ги создаваме и на новите животни приказни врз кои влијаеме.

Со правилно пренесување на стекнатите вештини, животни поуки и љубовта кон работата, постепено се одеше кон проширување на капацитетите на сите три локации и зголемување на тимовите.

Од најголема важност е стратегијата што ја воведуваат управителите, кои се исти за овие три локации, кои влегуваа со една поинаква поставеност, човечност, со барање за совршенство, со гледање на големата слика, со желба за позитивна промена на цело општество и влијанието на нашата компанија кон целиот општествен поредок во нашиот регион.

МАРИЛИ: Дигитализацијата и автоматизацијата во областа на човечките ресурси е суштинска потреба и континуиран процес во сите индустрии. Дали, колку често и каде спроведувате обуки за усовршување на вашите вработени во делот на дигитализацијата и автоматизацијата на процесите?

КШМК-БТ: Нашата компанија е дел од една од најбрзо растечките индустрии во светот со чести промени, секојдневни измени. Сите сме свесни колку и како напредуваат автомобилите секоја година. Сега стигнуваме во период кога еден автомобил има повеќе можности, апликации и нуди задоволување на потребите на корисникот колку што се поседува во еден дом.

Но сето тоа бара големо вложување, унапредување на производството, голема креативност за да бидеме во тек со нашите клиенти, големите производители на автомобили.

Нашиот производствен систем за базира врз интерниот KSPS (Kromberg & Schubert Production System) и методологијата LEAN преку која континуирано го следиме секој чекор во системот за да ги детектираме и намалиме сите можни осум загуби што настануваат во производството вклучени во оваа методологија. Во овие процеси се вклучени сите вработени, почнувајќи од операторите во производство, преку инженерите за процеси и квалитет, до менаџментот во компанијата. Сите треба да работат, размислуваат, да дејствуваат според методологијата LEAN за да ги подобруваме нашите процеси секој ден.

Во насока на дигитализацијата и автоматизацијата на процесите може да кажеме дека во изминатите години фабриката во Битола е пилот-фабрика за имплементирање на многу нови процеси што го подобруваат перформансот на нашиот производ. Најчесто овие обуки и новини ги спроведуваме заедно со нашите колеги инженери од централата, но исто така нашите вработени, во согласност со годишниот план за обуки, вклучени се и во голем број надворешни обуки, со цел да ги следиме трендовите во нашата индустрија.

Овие обуки се изведуваат во нашата држава, често и во странство, а исто така преку посета на настани, конференции на различни теми, соработка со образовни институции, институти и универзитети од земјата и странство.

Последна новина што се воведува во нашата компанија се системите AGV или Automated guided vehicle што ќе се користат како систем за движење на производните табли и кои ги подобруваат ергономијата и удобноста за вработените, нудејќи можност за адаптација во согласност со положбата на работните задачи што се извршуваат во одреден такт.

Овој систем е во фаза на развивање во нашата фабрика и вклучени се вработени од различни работни позиции, различни тимови и области, кои се мотивирани од новитетите и секојдневно стекнуваат нови вештини и го имплементираат и своето претходно стекнато знаење. 

МАРИЛИ: Како голем производствен капацитет, што преземате за заштита на животната средина? Исто така, како општествено одговорна компанија, колку ги поддржувате екопроектите и придонесувате за подигнување на екосвеста во општеството?

КШМК-БТ: Како дел од синџирот на снабдување во автомобилската индустрија, задолжително ги следиме и ги имаме имплементирано сите зададени стандарди што се воведени на светско ниво и кои се основа од Политиката за квалитет на нашата компанија.

Покрај меѓународните стандарди, секако ги следиме и законските регулативи што важат во нашата држава и кои се во насока на зачувување на околината и подигнување на екосвеста на општествено ниво и најчесто сме пример за компанија што вовела многу новитети кои подоцна ги следат и други компании.

Поради нашата големина како компанија, нашето влијание за екосвеста и заштитата на животната средина директно се одвива преку нашите проекти, но и индиректно тоа им го пренесуваме и на нашите локални соработници, од кои исто така бараме воведување на определени стандарди, а со тоа позитивно влијаеме врз подигнувањето на свеста и работа кон зачувување на околината.

Нашата индустрија е ниско загадувачка индустрија, но во согласност со нашата политика имаме имплементирано процедури за рециклирање на отпадот и за заштита на природата од хемикалии преку ISO стандардите за квалитет.

Од минатата година преку интерен проект за Зелена енергија, воведовме низа акции во насока за „зелено” работење, со што употребуваме и електрична енергија од 100 % обновливи извори, ги исфрливме од употреба загадувачките нафтени компоменти, имаме сопствен извор на техничка вода од бунар, воведовме штедливи светилки низ целиот погон, дадовме можност за купување грејни тела без фосилни горива на нашите вработени, а исто така имавме еден голем проект за засадување на 5.300 садници во шума во околината на Битола, симболично со бројот на вработени во нашата компанија.

Ова се само дел од активностите што сме ги презеле во насока на зачувување и зголемување на екосвеста во нашето општество, со што сме ја покажале нашата општествена одговорност и во оваа област.

МАРИЛИ: Во Вашата компанија работат голем број млади луѓе. Имате постојани и многубројни активности што ги анимираат и мотивираат младите да бидат дел од системот, дури креиравте и сопствен фудбалски тим. Наведете ги најзначајните активности наменети за вработените, особено за помладите?

КШМК-БТ: Нашите вработени се најважни за нас и за нашето работење. Нивното задоволство се покажува понатаму преку нивната мајсторија за изработка на кабелски снопови, а нашата мисија е задоволен вработен и подобрување на неговиот квалитет на животот. Да имаш одговорност за над 9.000 животни приказни значи голема привилегија, богатство и чест што своето знаење, време, искуство и живот одлучиле да ги посветат на тоа заедно да ја градиме нашата приказна. Поради тоа, секоја година воведуваме мотивациска програма во насока на поставување организациона култура, на градење на сплотеност, лојалност и стабилност за нашите вработени.

Нашите мотивациски програми се составени за да ги опфатиме вкусовите на сите наши вработени и да направиме активности во кои секој ќе се пронајде. Така за секој месец имаме посебна активност, меѓу кои воведувавме Крошу ден за децата на вработените, заеднички патувања на нови дестинации, концерти и забави, програми за учење и обука, како и прославување на секој традиционален празник во просториите на нашата фабрика без разлика за која вероисповед станува збор.

Една од последните активности што ја воведовме беше и формирањето на Крошу фудбалски клуб во кој играчи се наши вработени, дел од нив искусни и докажани фудбалери, дел и нови таленти што љубовта кон спортот ја градат со тимот. Како и  другите активности, така и овој спортски клуб го создадовме за да покажеме единство и припадност, за да покажеме дека кога работи заедно, тимот може да постигне најдобри резултати, за да покажеме што значи гордо да се носи бојата на компанијата и храбро да се бориш за своето. Тоа е слика на секој ден во нашата компанија и на начинот како ја градиме оваа приказна, кога секој се бори за своето, успехот е заеднички, а среќата е поголема за секого.

Од друга страна, тоа е богатството на нашата компанија, тука имаме таленти од секоја област, тука секој може да го изрази својот квалитет и да го пронајде своето место. Преку нашите мотивациски програми само се обидуваме да го изразиме тој талент и придонес од секого.  


Статијата е прочитана 11454 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско