Дита Старова-Ќерими со самостојна изложба инспирирана од булките

Вкупно 15 дела работени во техника акрилик на платно, создадени во поново време од денеска до 22 декември ќе бидат изложени во Културно-информативниот центар – Скопје

 

Од 9 до 22 декември 2020 г. Во Културно-информативниот центар – Скопје,  ќе биде поставена изложба на слики на ликовната уметница Дита Старова-Ќерими. На изложбата авторката ќе се претстави со 15 дела работени во техника акрилик на платно, создадени во поново време. Инспирацијата Старова-Ќерими ја нашла во срвениот цвет на булката. 

„Безвременска песна Булка на големиот албански поет Асдрени напишана пред 100-ина години (1912) буди семожни асоцијации и во овие времиња на страдања од пандемијата. Црвениот, кревок цвет на булката кој пркоси на бурни ветрови станува симбол на универзалната надеж. Додека цветаат булките ќе се обновува и надежта за совладување на најголемите тешкотии на животот. Оживувајки ја булката на сликарското платно сакам да ги разбудам поривите на радост и надеж во човековата душа“, изјави Старова Ќерими. 

Д-р Дита Старова – Ќерими е академска сликарка и доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Првата сликарска наобразба ја добива во Париз, во „Lycée Janson de Sailly“, а во родниот град Скопје, по завршувањето на Државното средно училиште за уметност и дизајн Лазар Личеноски дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во класата на Симон Шемов. Докторира во 2014 година наУниверзитетот „Евро-Балкан“ на тема „Муралното сликарство во исламските сакрални градби во Република Македонија низ практична анализа на човековиот придонес“, под менторство на проф.др. Мехмет Ибрахимгил од Гази Универзитетот воАнкара. (Турција).

Како афирмирана ликовна уметница, во својата професионална биографија Дита Старова – Ќерими досега има нотирано 14 самостојни и над 50 групни изложби во Македонија, САД, Франција, Турција и Косово. Добитничка е на бројни домашни и странски признанија.  Нејзини дела се наоѓаат во колекциите на Музејот на современа уметност и на Националната галерија на Република Македонија во Скопје, како и во колекции во Канада, Турција и Франција. Таа е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија  (ДЛУМ), на Здружението на уметници „АrtVizion“ од Скопје, како и на Здружението на уметниците на Македонија „Драудакум“. Добитник е на наградата „13 Ноември“, доделена од Градот Скопје во областа на културата.

Актуелен директор на Националната галерија на Македонија е од 2015 година, период во кој освен на организирање и раководење со бројни изложби работи и на реализација на дел од значајните проекти за реставрација на Спомен куќата на Лазар Личеноски и на изложбените објекти Даут пашин амам и Чифте амам, кои претставуваат заштитено културно наследство.   


Статијата е прочитана 829 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско