Усвоен најновиот Квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка

Советот на Народната банка вчера одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот. 

Макроекономската слика за периодот 2023 ‒ 2026 година во овој циклус проекции не е значително променета, во споредба со проекциите од април. Во однос на растот, и натаму се очекува умерено забавување во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на малку понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања. Така, се очекува дека во 2023 година економскиот раст умерено ќе забави и ќе се сведе на 1,9%, додека со подобрувањето на надворешниот амбиент и спроведувањето на јавниот инфраструктурен циклус во земјава, растот би забрзал искачувајќи се до 3% во 2024 година. На среден рок, се очекува натамошно закрепнување, односно раст од околу 4%, под услов да нема позначителни шокови. Во поглед на  структурата на растот, за 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, додека за следните две години се очекува дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите, заради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции.  

Инфлацијата и натаму ќе се намалува и на среден рок ќе се сведе на историскиот просек од 2%. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5%. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7%. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација којашто за целата 2023 година  би изнесувала околу 9,5%. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5% ‒ 4% во просек, а понатаму ќе се сведе на околу 2%. 

Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор се непроменети во однос на очекувањата од априлските проекции, односно се задржуваат оцените за забавување на растот на кредитите во 2023 година и постепено забрзување на растот во наредниот тригодишен период. Кредитниот раст на крајот на 2023 година би се свел на 5,7%, додека со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на растот на кредитната активност за периодот 2024 ‒ 2026 на 6,9%, во просек. Со оглед на попривлечните услови за штедење, како одраз на мерките преземени од страна на Народната банка и зголемената доверба во домашната валута, како и очекуваниот раст на паричните примања на населението, на крајот на 2023 година, се очекува солиден раст на вкупните депозити од 8,4%, повисок од очекувањата во април. За следниот период се проектира натамошен солиден раст на депозитите, којшто во просек би изнесувал 7,8% во периодот 2024 ‒ 2026 година, исто како во априлската проекција.  

Октомвриските согледувања за надворешната позиција на домашната економија се значително поповолни во однос на априлските оцени, посебно кај тековната сметка, како резултат на помалите увозни притисоци. За 2023 година дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања би изнесувал 1,2% од БДП. Значителното стеснување на дефицитот произлегува од пониските цени на енергијата и храната, но и на понискиот количински увоз на суровини и енергенти, во услови кога сѐ уште има високи залихи од претходната година. За 2024 година, се предвидува благо зголемување на дефицитот кај тековната сметка на 2,4% од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери. На среден рок, се очекува стабилизирање на дефицитот во тековната сметка на нивото од 2024 година, коешто е близу до претпандемичното ниво. Очекуваните финансиски нето-приливи ќе овозможат целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и дополнителен раст на девизните резерви. Се очекува дека во целиот период на проекцијата девизните резерви ќе се задржат на ниво што е соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс. 

Општо земено, макроекономската слика во поглед на патеката на економскиот раст и на забавувањето на инфлацијата за целиот период на проекциите не се многу променети во однос на априлскиот циклус. Од друга страна, екстерната позиција на домашната економија се оценува како значително поповолна во споредба со претходната проекција, со помал притисок врз тековната сметка, посебно оваа година, и со солидни финансиски приливи, што следствено ќе овозможи задржување на соодветното ниво на девизните резерви на среден рок. Клучните ризици за основното макроекономско сценарио се слични на оние од априлските проекции, при што ризиците од надворешното окружување, и на краток, и на среден рок, и натаму се неповолни. Во овој контекст, неопходно е следење и на политиките коишто влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.  


Статијата е прочитана 169 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско