Неискажливо беше чувството да се биде дел од победничката атмосфера со македонската фудбалска репрезентација

Интервју со д-р Александар Савески, специјалист ортопед, официјален лекар на македонската фудбалска репрезентација во кое говори за последните, најдолги минути од историскиот натпревар што ја однесе Македонија на ЕП, за почетоците како официјален лекар на репрезетацијата, за тоа колку е важна брзата и ефикасна реакција на медицинскиот тим за секоја повреда на фудбалерите, но и за најсовремените достигнувања што се применуваат на Клиниката за ТОАРИЛУЦ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ каде работи професионално како специјалист ортопед, субспецијалист трауматолог

 

МАРИЛИ: Д-р Савески, ја имавте честа на лице место да ја споделите радоста со македонската фудбалска репрезентација која испиша историја обезбедувајќи за прв пат пласман на Европско првенство. Какво беше чувството да се биде дел од победничкиот тим и да се почувствува еуфоријата на триумфот?

САВЕСКИ: Секој натпревар има посебно место во мене. Гледајќи ги како играат со цело срце, ме прави особено исполнет и среќен. Да се биде дел од таа победничка атмосфера за мене е несомнео неискажливо чувство. Последните минути од тој, за нас долгоочекуван пресуден историски натпревар, беа минути кои траеле најдолго во мојот живот, каде одеднаш сфатив дека чекориме гордо низ портите на Европа, кога моменти не делеа од тој историски триумф за нашето знаме гордо да се вее на секој натпревар.

 

МАРИЛИ: Колку стресно лично Вие го следевте натпреварот со оглед дека еден од најдобрите репрезентативци Аријан Адеми играше повреден, а неговиот настап беше неизвесен до пред самиот почеток. Дали мораше Вие лично да преземете некакви конкретни мерки за да му помогнете да издржи две третини од натпреварот? Имаше ли и други фудбалери со некакви помали повреди, кои мораа да бидат стручно следени?

САВЕСКИ: Фудалерот Адеми е талентиран фудбалер со интернационално искуство и репутација. Таквите фудбалери ја прават атмосферата во фудбалската репрезентација. Атмосферата со играчи од таков калибар е победничка. Кога дознав дека е повреден, веста ја примив со стегнато срце, носејќи го на грб неговиот фудбалски дострел. Го прегледавме со целиот медицински тим и констатиравме повреда, односно парцијална лезија на пред ложа. Ваквите повреди се често придружени со јака болка, неможност и несигурност да игра. Но Адеми ги слушаше нашите совети, учествуваше во неговата подготовка и покрај тоа што селекторот го стави под голем прашалник дали ќе игра. Меѓутоа, неговата желба да игра беше поголема од повредата. Јас и медицинскиот тим констатиравме дека тој сака да игра. Излезе на терен, се разлета како незапирлива машина и издржа напорен натпревар. Крајот беше победнички. Нормално, покрај теренот ние од медицинскиот тим секој контакт со него и врз него го пратевме со голем страв, бидејќи тој направи посебна атмосфера, заедничка атмосфера (победничка) и го издржа целиот натпревар.

 

МАРИЛИ: Од кога сте официјален лекар на македонската фудбалска репрезентација и како дојде до тоа?  

САВЕСКИ: Изборот беше благодарение на нашиот селектор Игор Ангеловски, со кој уште од самиот почеток наидов на одлична соработка. Со мојата кариера како лекар на нашата фудбалска репрезентација започнав пред три години, а мојата желба за тоа се појави уште во моите најмлади години, слушајќи и растејќи со приказните на мојот татко, кој, исто така беше дел од фудбалската репрезентација, уште во времето на Дарко Панчев, Канатларовски, Најдовски, Шакири, Христов..., доајените на македонскиот фудбал. Тогаш јас ја почувствував желбата да истрчам на терен како лекар на македонската репрезенатција.  

 

МАРИЛИ: Здравствената состојба на фудбалерите, пред се, заради честите повреди е важен сегмент од успешноста на еден натпревар. Од што зависи и кој го има последниот збор околу тоа дали и колку фудбалерот е подготвен за настап? Каква е Вашата улога во тимот?

САВЕСКИ: Секако дека здравствената состојба е најголем императив за кондиционата способност и квалитетот на покажана игра кај фудбалерите. Не само конечната, туку и секоја одлука е поткрепена со искуството и знаењето на медицинскиот тим, кој се состои од двајца лекари и три физиотерапевти, кои им стојат на располагање за фудбалерите, со цел најпрво да бидат здрави, а со тоа да бидат способни да го дадат својот максимум на фудбалскиот терен. Нашиот ангажман вклучува комплетна дијагностика и соодветен третман на секоја повреда стекната на фудбалските терени. Ние сме подготвени, заедно со фудбалерите да ја посетиме секоја здравствена установа за додијагностика и да навлеземе во длабочината на дијагностиката на повредата. Тогаш медицинскиот тим одлучува дали тој фудбалер е подготвен да игра или не. Лекарот може да направи голема грешка доколку направи лоша проценка и го пушти да игра неспремен. Таквите фудбалери обично се изложени на додатни повреди кои можат да го одвечат од теренот подолг временски интервал што претставува голема загуба не само за фудбалерот туку и за репрезентацијата и матичниот клуб. Ние како медицински тим го правиме се она што се бара од нас, меѓутоа имаме можност и контакт да направиме најсоодветна медицинкса дијагностика и дојдеме до вистинската дијагноза после што следува одлука, ќе игра фудбалерот или не. Императивот секогаш виси над нашата глава. Само здрав и спремен фудбалер може да го даде својот максимум.

 

МАРИЛИ: Дали брзата и ефикасна реакција на медицинскиот тим врз повредата на фудбалерите некогаш може да биде пресудна за нивниот настап, па дури и за конечниот исход на натпреварот?

САВЕСКИ: Навремената и ефикасна реакција може несомнено да помогне во многу случаи доколку постои и минимален сомнеж за појава на повреда, дури и навидум безначајна. За нас тоа претставува прецизен спектар на темелно доиследување за повредата да биде соодветно дијагностицирана и навремено третирана, со цел да се спречи дополнителна повреда која би го спречила фудбалерот да игра и би придонела биде надвор од фудбалските терени

 

МАРИЛИ: Дали постојат посебни обуки организирани од европските и светските фудбалски организации за лекарите на фудбалерите?

САВЕСКИ: Благодарение на фудбалската репрезентација и УЕФА на дофат ни е континуирана едукација во која ние како медицински лица сме активно вклучени со цел редовно да ги следиме и да бидеме во тек со најголемите научно-медицински трендови.

 

МАРИЛИ: Кои се најчестите повреди на кои се подложни фудбалерите и колку треба да се познава спортската трауматологија?

САВЕСКИ: Во спортската трауматологија на фудбалските терени не би можел точно да издвојам која е најчестата повреда, бидејќи природата на играта не ги поштедува фудбалерите од ниту една повреда. Меѓутоа, доколку би пробал да одвојам почести тоа би биле повредите на колено, лигаментарни повреди, мускулни повреди, истегнувања, исчашувања, набиеници , скршеници итн. 

 

МАРИЛИ: Вие сте доктор специјалист ортопед на Клиниката за ортопедија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Кои се најсовремените достигнувања што се применуваат на оваа Клиника?

САВЕСКИ: Да, јас сум доктор специјалист ортопед, субспецијалист трауматолог на Клиниката за ТОАРИЛУЦ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Нашата клиника од секогаш располагала со високо квалификуван кадар кој секојдневно ги следи светските трендови во ортопедско-трауматолошката хирургија. На нашата Клиника се работат најсовремени артроскопски процедури на колено, рамо и скочен зглоб, реконструктивни техники на лигаменти, најсовремени техники на спортски трауматизам и најсовремени остеосинтези на скршеици на локомоторниот апарат, репаративни техники на менискуси и многу други техники кои претставуваат најчеста патологија како кај фудбалерите, така и кај останатите спортисти. Исто така, во оваа институција се изведуваат многу други техники кои не се директно врзани со спортистите, а се дел од нашата секојдневна работа. Рутински се изведуваат артропластиката (замена на вештачки зглобови), детска ортопдија, туморска ортопедија и деформитети на рбет итн.

 


Статијата е прочитана 2720 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско