Компаниите да ја користат медијацијата во деловните спорови меѓу себе, со државата и со општините, за да се избегнат долгите судски спорови

Стопанската комора на Северна Македонија заедно со Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ - групација на Светска банка и Националниот совет за медијација-Владино тело беа организатори на ВТОРАТА Регионална конференција на тема: “ЗАЕДНИЧКИ КОН ПОГОЛЕМА АФИРМАЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА ВО РСМ, ЗАРАДИ ИСКОРИСТУВАЊЕ НА СИТЕ НЕЈЗИНИ БЕНЕФИТИ”, која се одржа на 18 октомври 2023 година во Стопанската комора на Северна Македонија.

„Ги охрабруваме сите компании да користат медијација за решавање на својот сегашен или иден спор. Со тоа ќе си помогнат самите себе, ќе останат во одлични односи со своите партнери, ќе им помогнат на судовите преку нивно растоварување, а ќе ѝ помогнат и на државата во целина. Во своите облигациски договори секоја компанија доброволно може да предвиди дека во случај на спор ќе се обиде да го реши по пат на медијација. Тогаш таа медијација ќе биде договорна и тогаш таа ќе претставува еден од најдобрите начини спорот да се реши најбргу, најевтино и нејефикасно. Имајте предвид дека секоја спогодба која ќе се склучи по пат на медијација може да има сила на извршна исправа доколку се солемнизира на нотар. Исто така, имајте предвид дека додека трае постапката за медијација, паралелно не се води никаква друга постапка за тој спор и дека има прекин на рокот на застареност на побарувањето со самото почнување на медијацијата. Затоа, како што тоа го прават високоразвиените европски држави, да покажеме дека и ние можеме да му помогнеме на стопанството преку ваквиот начин на работа. Медијација - зошто ДА? Бидејќи нема ниту еден недостиг“, порачаа од Стопанската комора на Северна Македонија.

Медијација е посредување и начин на решавање на споровите наведени во Законот за медијација, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува истиот да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба.

„Владата на Република Северна Македонија ги има задолжено и охрабрено институциите од јавниот сектор, да ја користат медијацијата при решавање на евентуалните деловни спорови. Главна улога во користењето на медијацијата за решавање на споровите, имаат нејзините начела, кои ја издвојуваат како најпривлечна и најсоодветна, пред останатите методи на алтернативно решавање на споровите или пред судовите, кои вклучуваат: доброволност, рамноправност, неформалност, непристрасност, доверливост, достапност на информации, еднаквост, правичност, ефикасност и економичност. Користењето на медијацијата, заснована на овие начела, носи значителни придобивки, вклучувајќи намалување на бројот на случаи каде спорот доведува до престанок на деловниот однос, како и олеснување и заштеда при спроведување на правдата од страна на државата“, изјави м-р Методија Димовски, Генерален секретар на Владата на РСМ.

Државата и преку сопствен пример ја покажува поддршката на медијацијата, така што државните институции во последните неколку години се едни од поголемите корисници на медијацијата. Од решавањето на споровите по пат на медијација корист имаат не само поединците туку и општеството во целина. Како заменик министер за правда потенцирам дека заложбата за промоција на медијацијата е приоритет. Таа е дел од новата Стратегија за развој на правосудниот сектор 2023-2027, каде се предвидени стратешки цели, мерки и активности за натамошниот развој на медијацијата во државата, рече Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик министер за правда.

Постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан потенцираше дека УНДП го поддржува локалниот развој во Северна Македонија повеќе од 20 години.

„Спроведуваме бројни иницијативи и користиме сеопфатен пристап за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи за квалитетно извршување на нивните улоги и одговорности. Целта на нашата работа на општински ниво е да изградиме поефикасна, поотпорна, поодговорна, потранспарентна локална самоуправа, со крајна мисија подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, изјави Григорјан.

На регионална конференција панелисти беа координаторите од Асоцијациите за медијација при Стопанските комори од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија и Црна Гора кои говореа за постигнувањата и користењето на медијацијата секој во својата земја.


Статијата е прочитана 268 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско