Интервју со госпоѓа Емилија Гаврилова, генерален менаџер на радио „Слободна Македонија“

Радио „Слободна Македонија“ емитува програма на повеќе фреквенции и се слуша секаде во Македонија на обичен радио приемник ,а преку интернет наши слушатели имаме од цел свет. Ние воведовме video live striming така што нашата програма освен што се слуша може и да се гледа.

МАРИЛИ: Госпоѓа Гаврилова, колку долго сте присутни во медиумската индустрија? Кое е Вашето лично и професионално искуство, и како дојдовте до радиото „Слободна Македонија“?
ГАВРИЛОВА:
Во радио „Слободна Македонија“ работам веќе втора година. Претходно, 21 год бев дел од друго национално радио каде што ги поминав буквално сите фази на работење во медиум, од основање до програма, маркетинг и управување. Потоа, еден кус период не работев ништо. Медиумската индустрија има своја магија, па тешко можев да се одлучам за друга индустрија, знаејќи дека максималниот придонес и квалитет можам да го дадам токму таму. Токму во тој период дојде понудата од сопствениците на радио „Слободна Македонија“, кои имаа потреба од менаџер за радиото кое се создаваше. Ја прифатив понудата, а истовремено и предизвикот да создаваме нов медиум, со поинаков звук и боја.

МАРИЛИ: Која е фреквенцијата на која се слуша гласот на „Слободна Македонија“ и кои се местата во светот каде може да се слушне?
ГАВРИЛОВА:
Радио „Слободна Македонија“ емитува програма на повеќе фреквенции и се слуша секаде во Македонија на обичен радио приемник ,а преку интернет наши слушатели имаме од цел свет. Буквално имаме слушатели од сите страни на светот САД, Канада, сите земји од Европа, Австралија, Русија, Обединети Арапски Емирати , Индија, Кина, Алжир и др., најверојатно секаде каде се присутни нашите иселеници присутно е и РСМ. Ние воведовме video live striming така што нашата програма освен што се слуша може и да се гледа.

МАРИЛИ: Која е програмската определба на Вашето радио и постојат ли специфики по коишто се издвојувате од другите?
ГАВРИЛОВА:
Радио „Слободна Македонија“ звучи многу... македонски  и тоа е неговата главна специфика, која му беше толку многу потребна на македонскиот етер. Негуваме убава македонска музика (и популарна, но и добра музика од наши млади надежни музичари), литературен македонски јазик, многу содржини од едукативен карактер (историја, уметност, археологија, филозофија, образовни емисии итн.), детска програма, а тоа е програма која можеби не е многу комерцијална, но е национално неоходна. Имаме одлична поддршка од слушателите, кои заситени од напливот на странска музика, шунд музика, непристојност, употреба на сленгови итн., со радост ги прифатија новите фреквенции и програма на радио „Слободна Македонија“ која што нуди широк спектар на бои од музика и програмски содржини кои се собрани на едно место.

МАРИЛИ: Колку е важен квалитетот на соработниците?
ГАВРИЛОВА:
Квалитетна програма се прави исклучиво со квалитетни добро познати, профилирани и етаблирани мајстори од својата област, кои имаат што да понудат на публиката. На фреквенциите на радио „Слободна Македонија“ можат да се слушнат многу такви имиња.

МАРИЛИ: Која е магијата на радиото некогаш и денес, особено со брзиот развој на технологијата?
ГАВРИЛОВА:
Мислам дека и покрај тоа што денес интернетот и сите тренди алатки се широко достапни, сепак радиото останува најлесно достапен медиум, најевтин и најшироко прифатен, а за најголемиот дел од луѓето вклучувањето на радио приемникот сепак останува првиот утрински ритуал, или пак влегувањето во кола автоматски значи и слушање на радио. Така што, сметам дека магијата на радиото е незаменлива и ќе трае...

МАРИЛИ: Кој е Вашиот став по однос на негување и чување на литературниот јазик токму емитуван преку етерот до слушателите во РМ, но и надвор од неа?
ГАВРИЛОВА:
Имав среќа во училиште да учам македонски литературен јазик од прекрасни професори, а подоцна и пишував од хоби, и секогаш ми пречело извитоперување на македонскиот јазик или неговиот несоодветен третман, особено од оние од кои најмногу се очекува да го негуваат и шират, а тоа се медиумите, јавните личности, интелектуалците. Во радио „Слободна Македонија“ имаме став дека македонскиот литературен јазик е наша обврска и должност кон македонските граѓани, нашите слушатели, но и сите оние (особено нашите иселеници) кои нè следат преку интернет и се трудиме и преку секојдневната редовна програма да делуваме и едукативно.

МАРИЛИ: Како жена, кој е Вашиот став да се биде жена менаџер и да се биде успешна на многу полиња? 
ГАВРИЛОВА:
Времето на поделба на улогите и функциите на машки и женски е одамна поминато. Можеби некогаш било невозможно да се има жена менаџер, па дури жената и да се нафати на таква функција, особено во Македонија и средини каде предрасудите биле многу изразени. Но, денес има толку добри жени менаџери што само докажува дека одговорноста, лојалноста и трудољубивоста како претежно женски карактеристики, се и главни карактеристики на менаџерот, воопшто.
Жената е чудно суштество, колку повеќе обврски има, толку побрзо и поквалитетно ги завршува, колку помалку време има, толку е поорганизирана и наоѓа време за сè, и за работата, и за семејството, и за другарките, и за шопинг, и за еден куп, навидум небитни мали задоволства без кои не би била – жена.


Статијата е прочитана 2819 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско