Мариа Павловска – сликарски бренд, амбасадор на културата на нашата земја во светот
Интервју со Мариа Павловска, една од најекспресивните уметници во Македонија со интернационална кариера, активна на њујоршката уметничка сцена, единствена од Балканот која е дел од светската институиција за уметност „Mana Contemporary“, добитник на бројни интернационални награди. Кон крајот на минатата година на македонската јавност и се претстави со арт-презентација на својот проект „А Реакција“
МАРИЛИ: Повод за ова интервју е арт-презентацијата на Вашиот проект „А Реакција“ што го реализиравте на крајот на 2020 година, па кажете ни нешто повеќе за самиот проект!
ПАВЛОВСКА: Ја имав честа да ги претставам на македонската јавност активноста и резултатите реализирани и постигнати надвор од границите на државата во последните години. Настанот Арт-презентација: Проект „А Реакција“, кој содржи и видео материјал – документарна содржина се одржа во Кинотеката на Република Северна Македонија на 15 декември 2020. За проектот се разговараше на панел дискусијата каде модератор на презентацијата беше Тони Димков, Културен печат, соработници на проектот беа Горанчо Ѓоргиевски од Национална галерија на РСМ и Кервин Кендал Вилијамсон, фотограф од САД и интерпретатор – англиски превод: Симеон Мони Дамевски.
Целиот настан беше поддржан со Лајф стреем при што посетителите можеа да бидат вклучени во интернационален етер и така да бидат присутни, а и да остане како понатамошен документ. Live stream link: https://www.mariapavlovska.com/live-streaming?fbclid=IwAR21RVfLDZqXUsy-rQBC4Dt4QYWsq5egsX-sgFTh9tNbzVzub-IaZGvALNY.
На настанот Арт-презентација: Проект „А Реакција“ беше претставена мојата активност како македонски автор како и резултатите што ги имам постигнато на интернационален план на полето на ликовното, а кои се последица на уметничкото студио во музејот „Мана Контемпорари“, водечка институција во Њујоршката област во САД. Проектот изработен во студиото е документиран во видео материјал со покровителство на Музејот, а потоа доби покана од Европскиот Културен Центар да учествува на 58-то Венециско Биенале во 2019 година. За целиот процес е издадена и монументална монографија „А Реакција“ во 2020 година, со покровителство на Музејот „Мана Контемпорари“, со што се комплетира и документира цел процес на проектот, од неговото создавање во атељето до изложувањето на Венециското Биенале.
МАРИЛИ: Која е Мариа Павловска и како ја започнавте Вашата интернационална уметничка кариера?
ПАВЛОВСКА: Во мојата 20-годишна уметничка практика ја истражувам уметноста користејќи ги поларните црно-бели бои и се истакнувам со специфичен експресивен стил кој е единствен како кај нас (Балканскиот регион), така и на пошироко меѓународно ниво. Делата се составени од впечатливи, непостојни потези - опфаќаат поларни спротивности: светло и темно, полно и празно, црно-бело. Формите се развиваат од слика или цртеж до видео или инсталација.
Моето уметничко патување започнува уште во рана возраст. Родена сум во Скопје, по студиите одржувам резиденции и самостојни изложби во Париз, Берлин, Словенија, Виена, Нирнберг (Германија) и Њујорк. Веднаш после моите две самостојни претставувања во Македонија со проектите „Црно Бели раскази“ на Скопско лето 1999 и „Моето Бело“ во Музеј на Град Скопје 2001 година, освоената прва награда за Сликарство од ДЛУМ 2000 година и прва награда за Цртеж 1999, поради активноста и забележливоста на изразот бев одбрана за млад автор (возраст 25) во 2001 година да ја претставувам мојата земја при тримесечната резиденција во Австрија / Kunst Mail – AIR Residence - Kunst Halle Krems / во соработка меѓу Министерството за култура на РСМ и Австрија. Евидентниот успех проследен со огромна работа при резиденцијата, резултираше со самостојна изложба „Тишина“ во галеријата „Ланг“ во Виена, каде на отворањето се обратија амбасадорот на РСМ во Австрија, Огнен Малевски и министерот за култура на Австрија, Норберт Риедл. Делата најдоа место во перманентни колекции во македонска амбасада во Австрија, во Министерството за култура на Австрија, Kunst Halle Krems Музејот, како и во приватни колекции. Министерот за Култура на Австрија г-дин Риедел во неговата рецензија кон моето претставување запиша:
„...Според мене, Мариа Павловска е една од најекспресивните млади уметници во Македонија. Начинот на кој таа ги преведува своите теми на избор на сликовен јазик ја демонстрира моќната елоквентна и силна личност која ќе го најде своето место на македонската и крајно европска културна сцена. Нејзините дела ја изразуваат експресивноста со комбинација на реализам и толкување на зрела, уникатна и силна личност“.
Кон крајот на 2001 година по покана од куратор од Kunst halle Krems Музејот изложував на изложба во истиот.
Од Министерството на Австрија ми беше соопштено дека за 2001 година моето дело е одбрано да се печати со проза од австриски поет во годишен програм кој ја документира соработката со уметниците од другите земји. Тоа резултираше со тримесечно уметничко студио во 2002 година за изработка на книгата и нејзина промоција во галеријата „Ланг“ во Виена. Подоцна, во 2003 година тоа беше претставено во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Делата изработени при вториот престој во Австрија и прикажани во МСУ беа перманентна колекција на Амбасадата на Австрија во Скопје.
Така почна мојот интернационален пат. Потоа следеа самостојни изложби и резиденции во Париз, Белград, Сараево, Љубљана, Берлин, Загреб, Нови Сад, Софија, Нирнберг, Њујорк...
МАРИЛИ: Колку долго живеете и работите во САД и што значи да се биде дел од уметничката елита на САД, за што е доказ Вашата вклученост во монографијата „Mana Contemporary“?
ПАВЛОВСКА: После првото соло претставување во Њујорк во 2007 година, живеам помеѓу Скопје и Њујорк и продолжувам да бидам активна на њујоршката уметничка сцена, но исто така изложувам и на интернационално ниво. До сега имам 30 самостојни и повеќе од 100 групни меѓународни изложби. За моето дело се објавени рецензии во многу списанија, написи во весници и во музеи и галерии и каталози ширум светот. Учествував на Биеналето во Венеција 2019 година поканета од Европскиот Културен Центар, Арт Базел Мајами во 2014 година, претставена од МАNA Contemporary US, бев наградена како Ситибанк Уметник на годината за Годишно самостојнa изложба во 2011 година во Њујорк, исто така во Њујорк ја понесов „Кароле А. Феуерман, Фондацијата“ награда за сликарство на меѓународната изложба „Mixing Medias“, чиј домаќин беше Фондацијата „Карол А. Феуерман“ во 2015 година и имам добиено 17 грантови за уметност во текот на кариерата. Мојето студио - aтeље се наоѓа во престижниот Уметнички центар Музеј „MANA Contemporary“, водечки центар за современа уметност во областа Њујорк од 2012 година. Мојата уметност, користејќи ги поларните црно-бели бои се истакнува со специфичен експресивен стил кој е единствен како на Балканот, така и на меѓународно, интернационално ниво.
МАРИЛИ: „Mana Contemporary“ е светска институиција за уметност. Како се станува дел од неа и дали од Македонија и од Балканот има други уметници кои се нејзини членови?
ПАВЛОВСКА: Под покровителство на Музејот е воведена програма на годишни резиденции за современи автори и функционира под конкурс. Поминува низ 5 интервјуа во одбор од 7 члена. Секоја година се реаплицира и врз основа на резултите на полето на ликовното се одлучува за продолжување на резиденцијата.
Не, нема други уметници од Балканот, единствено јас сум во оваа годишна програма. Кога зборуваме за балканските автори да напоменам дека „Mana Contemapoaray“ го изложи делото на Марина Абрамович каде респективно се одржа и посебен прием на отварањето на изложбата и имаат продуктивна континуирана соработка со нејзината Фондација.
МАРИЛИ: Вие сте добитник на престижната награда за сликарство „Carole Feuerman Foundation“ во САД. Што претставува оваа награда и каков придонес е за Вашата кариера?
ПАВЛОВСКА: Откога го добив студиото и беше забележан мојот ликовен израз, учествував на Арт Базел Мајами во 2014 година, во презентација на „МАNA Contemporary US“ како награден автор / Ситибанк Уметник на годината. Добитник сум на Кароле А. Феуерман Фондацијата САД, Њујорк награда за сликарство на интернационаланата иалзжба „Mixing Medias“, чиј домаќин беше Фондацијата Карол А. Феуерман во 2015. Сето ова претставува издвоен момент на ликовната сцена и во САД и интернационлно.
МАРИЛИ: Во 2019 бевте поканета на изложба на 58. Венециско биенале од Европскиот културен центар. Со што се претставивте таму?
ПАВЛОВСКА: Од 2012 до 2018 се изработуваше проектот „А Реакција“ кој соджи и дела и инсталација и видео материјал. Сето тоа, процесот на работа беше документиран во видео запис во продукција на „МАNA Contemporary“; Artist at MANA: Maria Pavlovska : https://vimeo.com/113301023
МАРИЛИ: Во 2015 година издадовте и монографија „ REACTION / Drawing Cycles 2005 - 2015“ од галеријата „Drawing Rooms“. Што претставува таа?
ПАВЛОВСКА: Врз основа на мојата активност во Њујорк и забележливоста на мојот цртеж почна соработката со галеријата „Drawing Rooms“ која исклучително излага Цртеж. После две соло претставувања и три групни изложби бев поканета од истата моето дело да земе учество во едициите на авторите на Галеријата во 2015 година. Овие едиции излегуваат еднаш годишно, по еден одбран автор годишно. Монографијата содржи 10 години Цртеж Циклуси / 2005/2015, : http://www.drawingrooms.org/maria-pavlovska-reaction---drawing-cycles-2005---2015-paperback.html
МАРИЛИ: Во меѓувреме, во Македонија одбранивте докторат на тема „Развојот на цртежот низ историјата и неговата важност“, кој е нотаризиран на англиски. Што претставува оваа докторска дисертација за нашата уметност и во светски размери? Потоа следеше Вашето прво авторско дело кое е преточена докторска теза во монографија насловена „Првиот принцип - Цртежот“ на македонски јазик промовирана 2019 година. Што претставува ова дело?
ПАВЛОВСКА: Докторската теза „Историско - уметнички преглед на темата цртеж низ стиловите, низ епохите, како основа на уметничко дело " под менторство на проф. д-р Кокан Грчев изработена во перод од 6 години беше преточена во монографско дело насловено „ПРВИОТ ПРИНЦИП – ЦРТЕЖОТ“ на македонски јазик. Ова е мое прво издадено авторско дело.
„Предметот на истражувањето на овој труд на д-р Марија Павловска е проблематиката, содржината и важноста на ликовно визуелниот линеарен запис: цртежот, третиран и разбран како примарен визуелен запис и документ кој следствено влијае врз развитокот на сите други визуелни дисциплини: сликарство, вајарство, архитектура. Притоа, прв пат во интернационални размери како тема на обработка историскиот развој на феноменот на цртежот е поставен во контекст на соодветно истражување на ликовно визуелниот запис. Ова истражување особено го подвлекува значењето на цртежот како примарна структура на секое уметничко дело, давајќи му на самиот цртеж значење и функција да опстојува и да биде препознаен како автономен документ, автономна визуелна форма. Фокусирајќи се на цртежот и обидувајки се да го постави во улога на суштина на визуелните дисциплини, истражувањето доведува кон соодветно ниво на разбирање на структурата, дефинираноста, важноста, примарноста, стабилноста, моќта на цртежот и неговиот развој, како основни елементи на темата на истражувањето“, проф. д-р Кокан Грчев
МАРИЛИ: Во 2020 година бевте поканета да бидете дел од Биеналето на цртеж организирано од галеријата „Остен“. Со што се претставивте таму?
ПАВЛОВСКА: Имав чест да добијам лична покана од Одборот на „Остен“ за учество на Биеналето на Цртеж 2020 без апликација за истото. Се претставив со самостојна изложба цртежи - серија „Trembling“ во различни формати. Понатака, одбрано дело беше претставено на изложбата на 75 години „Остен“ во Националната галерија на РСМ во Чифте Амам и бев поканета како награден автор да земам учество на ОСТЕН Арт Симпозиумот. На 18 фебруари 2021 во Националната Галерија во Мала Станица ќе учествувам на ОСТЕН Биеналето, кога ќе биде отворена изложба - ОСТЕН Биенале на Цртеж 2020 која посетителите ќе можат да ја посетат до 18 март 2021.
МАРИЛИ: Како функционирате во услови на пандемија која Ве затекна во Македонија? Имавте активности и интернационално и кај нас.
ПАВЛОВСКА: Искрено, исто многу продуктивно. „MANA Contemporary“ Музејот веднаш уште во април 2020 воведе онлајн програма, каде покрај секојдневна активност на претставување на изложбите, онлајн предавањата, уметничките разговори, ги претстави и уметниците со онлајн програма - претставување на нивните атељеа/резиденции и работата и исто така презентирање на она што го имаат од уметниците во архива.
Во текот на пандемијата со тимот на Музејот беше изработена и монографијата „А РЕАКЦИЈА“ онлине , а беше издадена и во печат (се работеше на подредување на материјалот пет месеци, од април до септември). Уште повеќе добив покана за онлајн виртуелна презентација/ ZOOM за претставување на мојата уметност и активност и на проект што следи во презентација на „Eillen Kaminsky Foundation“ САД ; Разговор со Уметникот, Мариа Павловска и Еилен Камински: https://www.eskff.com/in-conversation-maria-pavolovska
Минатата година бев поканета на 59.издание на Струшки вечери на поезијата да се претставам со самостојна изложба, а исто така и мојот партнер кој се занимава со филмска уметност и поезија се претстави на овој фестивал со официјална покана од одборот. Се обрати со три излагања - Short Stories – Prose од неговата последна издадена книга ‘Lucy Boy’.
МАРИЛИ: Каков е Вашиот став за тоа што треба да се превземе во државата за квалитетна презентација на уметноста надвор од границите на нашата земја?
ПАВЛОВСКА: Најдобрата презентација на една држава е нејзината култура. Претставувањето на културата ги отвора вратите кон светот и придонесува за нејзиниот равој и национален интерес.
МАРИЛИ: Колку Македонецот со својот дух претставува посебност во светската уметност?
ПАВЛОВСКА: Многу. Ние како народ, како структура на размислување се издвојуваме со карактерни особини својсвени за нас, предизвикани од тлото и енергијата на земјата/почвата, структурата. Поинакви сме и по тоа како се издвојуваме. Својствени сме, неповторливи, со своја - наша радикалност кон размислувањето на нештата. Да напоменам за реализираната изложба во МОМА во Њјујорк; Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980 која траше 6 месеци (15.7.2018 - 13.1.2019) и побуди огромна посетеност. За таа изложба уште се зборува
МАРИЛИ: Кои се Вашите планови за 2021 година?
ПАВЛОВСКА: Она што не се реализира во 2019 и 2020, а беше во план за реализација , следи да се реализира во 2021. Сите, па и јас се надеваме на подобро и побезбедно утре, бидејќи се зависи од тоа како се движат работите ден по ден со безбедноста, со оглед на постоењето на вирусот, а сега со неговото мутирање. Сите посакуваме пандемијата да помине и да се вратиме и продолжиме од каде застанавме.
Статијата е прочитана 2316 пати.