Од 1 февруари поскапуваат поштенските услуги

Поштенските услуги во внатрешниот сообраќај од 1 февруари поскапуваат во просек за околу 7 отсто, а кај некои пратки и до 15 отсто. Ценовникот што е одобрен од Агенцијата за пошти веќе е објавен веб страницата на Пошта.

Според новиот ценовник за стандардно писмо до 50 грама наместо досегашните 26 денари сега ќе се наплаќаат 36 денари, новата цена за препорачано писмо изнесува 90 денари, а за вредносно обично писмо 126 денари.

За писмо со тежина до 100 грама испратено со обична пошта цената се зголемува од 34 на 48 денари, ако се праќа препорачано се наплаќа 102 денари, а испраќање на вредносното писмо до 100 грама ќе чини 138 денари. За писмата кои тежат до 1 килограм ќе се наплаќа по 128 денари ако е обична пратка, 182 денари за препорачана, а за вредносна пратка 218 денари.

За најтешките писма до 2 килограми ќе се наплаќаат 176 денари за обична пратка, 230 денари за препорачана, а за вредносно писмо со оваа тежина ќе се наплаќа 266 денари.

На цената на вредносните писма се додава и цена по вредност и тоа три отсто за пратки со вредност до 10.000 денари, а над оваа вредност ќе се наплаќаат плус 300 денари.

Цената на поштенската картичка е зголемена од 9 на 16 денари.

Нови цени има и кај услугите за мали и големи пакети, кај печатените пратки како и диткетните пратки.

Со новиот ценовник се  укинува цената од првата зона за испраќање пакети и ќе важат само цените од втората зона, а цените на поштенските пратки традиционално се ослободени од плаќање ДДВ.

Од Агенцијата за пошти велат дека профитната маржа на АД Пошти со зголемувањето на цените и натаму ќе биде 1 отсто и дека ценовникот не е променет од 2009. При одобрувањето на новиот ценовник биле земени во предвид инфлацијата, зголемените трошоци за струја од над 40 отсто, на гориво од 30 отсто и потребата од стабилни плати во АД Пошта.


Статијата е прочитана 1046 пати.

Сподели: