БЕАМ - прв фестивал што ги наградува професионалците и им дава бесмртност на настаните

 

Интервју со Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијацијата ИВАП, организатор на фестивалот БЕАМ. Прв фестивал во Македонија што ги валоризира вредностите во ивент индустријата, ги наградува организаторите за нивната работа, креативност и ги поттикнува на развој. Во интервјуто Бабиќ говори за организацијата на БЕАМ, активностите на ИВАП и предизвиците со кои се соочуваат компаниите од ивент индустријата и нивната борба за опстанок во посткризниот период

 

 

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е фестивалот БЕАМ кој го организира Асоцијацијата за ивент индустрија ИВАП чиј претседател сте Вие. Како се роди идејата за БЕАМ и која е неговата цел?

БАБИЌ: Идејата за БЕАМ не е новина во светот. Речиси во секоја земја каде ивент индустријата е развиена постои ваков фестивал, а најголемиот и најпознат е во Италија. Логично беше, како дел од работата на ИВАП да се насочиме кон организација на ваков фестивал. Идејата се роди на еден од нашите состаноци, кога разговаравме за унапредување на индустријата. Започнавме прво со истражување како се прави во светот, потоа почнавме да го обликуваме и на крај добиените искуства ги адаптиравме за нашите услови и така дојдовме до БЕАМ. На оваа идеја работиме веќе цела година и морам да кажам дека сме крајно внимателни и фокусирани.

Целта на БЕАМ е препознавање и валоризација на нашата работа. Преку ваквите фестивали вие, всушност, му давате шанса за втор живот на некој настан. Спецификата на нашата работа е што настаните се случуваат во одреден временски период и толку. Оние што биле присутни, го виделе, ќе биде објавено во медиумите и потоа настаните на ваков или онаков начин паѓаат во заборав. А знаеме колку енергија и креативен труд вложуваме во секој настан. Со фестивалот, навистина му даваме можност уште малку да живее, да се препознаат сите автори на тој настан, да ја раскажеме приказната. Дополнително, ако имаме среќа и да добиеме награда, тогаш сме му дале бесмртност на настанот. Исто така, во конкуренција влегуваат и компании кои се неизоставен дел од нашата работа.

Втората важна цел заради што постојат ваквите фестивали е подигнување на стандардите во индустријата. Кога излегувате на натпревар, мора да бидете подготвени. Да вложите малку повеќе енергија, креативност, да бидете повнимателни кога ќе го организирате настанот или сте дел од него. Верувам дека со текот на годините БЕАМ ќе придонесе за поголема креативност, за повисоки стандарди и поголема професионализација во нашиот сектор. Конечно, тоа се докажало во светот како сигурна патека.

За годинава подготвуваме уште една манифестација која ќе биде наменета за колегите и индустријата, за која многу скоро ќе објавиме во јавност.

МАРИЛИ: Кога ќе се одржи фестивалот, до кога трае аплицирањето, во колку категории ќе се доделуваат награди, кој се може да се пријави и кој ќе одлучува за наградените?

БАБИЌ: БЕАМ се одвива во фази. Тоа е комплексен систем кој, како што кажав го подготвуваме цела година. Има 15 категории за различни типови настани. Најпрво е фазата на регистрација на нашата интернет страница. Кога ќе се регистрирате, добивате пристап до апликацијата што треба да се пополни. Апликацијата се состои од технички податоци, а потоа и од наративен дел во кој треба да ја раскажете приказната за вашиот настан. Бидејќи се работи за индустрија што е тесно поврзана со визуелното, треба да подготвите видео или фотографии од настаните или од работата на компанијата, во зависност од тоа во која категорија аплицирате. Подготвивме и мал прирачник за тоа како треба да се пополни апликацијата.

Крајниот рок за аплицирање е 20 февруари, со тоа што има можност за рана пријава до 3 февруари, со пониска котизација. Кога ќе заврши рокот за пријавување, апликациите се доставуваат до членовите на жири комисијата која е составена од 20 врвни, искусни и докажани професионалци од креативните индустрии. Критериумот за избор на овие личности беше да се докажани во својата работа, да имаат високо чувство за естетика, да ја познаваат нашата работа и најважно од се, да се личности со висок кредибилитет.

Ова жири ќе ги оценува пристигнатите апликации самостојно, значи секој оценува по свое видување со доделување бодови и тоа по однапред утврдени критериуми. На крајот, бодовите се распределуваат по математичка формула и се добива победникот во секоја категорија. Се погриживме да утврдиме стриктни правила за секоја фаза од процесот, се е транспарентно објавено на нашата страница, така што тврдам дека можноста за неправилни или некоректни одлуки нема да има. Конечно целта ни е навистина да дојдеме до квалитетните настани што заслужуваат награди.

Можност за аплицирање има секое правно лице што во изминатата година направило настан достоен за натпревар. Доволно е да се одбере вистинската категорија и да се следат правилата. Настаните треба да се случиле во 2022 година на територијата на Македонија. Се разбира, ние како тим сме тука за помош и асистенција при изработката на апликацијата, сепак, ова е прв Фестивал од ваков тип.

 

МАРИЛИ: ИВАП е организација што се формираше во времето на пандемијата и вложи големи напори да ја направи видлива ивент индустријата и да им помогне на компаниите во услови на сериозни кризи. Колку ИВАП успеа да ја постигне целта?

БАБИЌ: ИВАП и нашиот ангажман ќе бидат повеќегодишен маратон. Брзи и инстант решенија нема, ниту може да има. Не можете да ја постигнете целта во област која 30 години се движела стихијно, секој сам за себе. Нашата работа е пионерска, нималку едноставна, но сигурна сум дека за десетина години ИВАП ќе биде моторот во нашата индустрија. Големи предизвици беа поставени пред ИВАП уште од самото формирање, како на внатрешен, така и на надворешен план.

Внатрешно требаше да разбереме дека иако сме конкуренција, само заедно можеме да постигнеме резултати. Дека прашањето „што добивам јас со членството“ мора да престане да се поставува како застарена матрица од некои минати векови. Тој процес сѐ уште трае, но сме на добар пат да покажеме дека здружувањето носи само придобивки за сите подеднакво.

На надворешен план предизвиците беа уште поголеми. Требаше да станеме видливи, потоа да работиме на едукација на надлежните што всушност претставува нашата индустрија, кој се ја сочинува. Притоа требаше да се преживее кризата и речиси двегодишно целосно затворање. Некои битки ги извојувавме, некои не целосно, некои решенија не беа по нашиот терк, но, како и да е, успеавме во најголем дел.

Сигурна сум, да ја немаше ИВАП немаше да се добие ниту помош, ниту, пак, да почне да се употребува терминот ивент индустрија. Иако некои сметаа дека ИВАП ќе престане да постои со завршувањето на кризата, ние докажуваме дека нашите планови се многу поголеми од тоа што досега го гледа јавноста. Маратон е дисциплина на издржливост, трпение и, пред се, цврст карактер, а ние ќе покажеме дека сме добри маратонци.

МАРИЛИ: Колку сите овие кризи оставија последици врз овој сектор, односно, дали веќе е достигнато нивото од пред пандемијата и дали се чувствува глад кај публиката за поголем број настани?

БАБИЌ: Не сме направиле длабинско истражување на терен, но моето скромно мислење од тоа што го гледам е дека нашата индустрија е променета. Дали оди кон добро или лошо, ќе покаже времето. Кај поголемиот број колеги нивото од пред пандемијата не е постигнато и не сум сигурна дека ќе може да се постигне доколку се задржи стариот начин на работа.

Некои нешта и навики се тотално сменети, публиката е сменета, исто така.

Дефинитивно ни е потребно прилагодување, воведување нови креативни модели на работа, мораме да понудиме иновативни решенија, поинаку да ги менаџираме буџетите на клиентите. Ивент индустријата постојано се менува, а вистинските професионалци се секогаш подготвени за промени.

МАРИЛИ: Каква е комуникацијата на ИВАП со овој вид индустрии во регионот и пошироко, дали постои соработка и размена на идеи и искуства?

БАБИЌ: Како што кажав и погоре, не само кај нас, туку и во регионот па и светот институциите и владите имаа потешкотии во пандемијата да ја димензионираат и препознаат нашата индустрија. Речиси со сите со кои контактирав го имаа тој проблем. Од шифри на дејност па се до дефинирање кој се припаѓа на оваа индустрија. Англискиот јазик има одлична терминологија – live communications, ќе видиме ние како ќе се крстиме.

Имаме комуникација, разговараме, споделуваме идеи, започнуваат и некои вмрежувања. Дури и БЕАМ планираме да го прошириме, за почеток во регионот. Но, тоа ќе се случи за неколку години, сега сакаме фокусот да биде на домашните компании.

МАРИЛИ: Вие бевте наградена од ивент индустријата во Европа во 2021 година. За каква награда станува збор? На крајот на 2022 бевте повторно номинирана за највлијателна личност во ивент индустријата во Европа, па кажете ни кој Ве номинираше и во која категорија?

БАБИЌ: И минатата и оваа година се работи за Kongres Magazine, водечкиот словенечки портал и магазин за нашата индустрија. Тоа е исто еден вид наградување на професионалците, но на различен начин од нашиот. Таму секоја личност е номинирана од некого, а потоа јавноста гласа. Не знам кој ме номинирал мене и кој гласал, веројатно луѓето следат и препознаваат вистински професионалци. Минатата година бев втора на листата на најкреативни личности во ивент индустријата, а за годинава сум номинирана за најкреативни агенции. Изборот ќе биде кон крајот на јануари.

МАРИЛИ: Што за Вас претставуваат наградите и колку се тие професионална и лична афирмација и мотивација?

БАБИЌ: Секој што ќе каже дека не му значат наградите, не е искрен. Тоа е исто како да кажете дека не сакате да добивате подароци. Наградите се валоризација на вашиот труд, на сите ваши заложби или на годините вложени во некоја работа. Тоа значи дека некој ве препознал, ја следел вашата работа и според одредени критериуми сте биле најдобар во таа година или период. Наградите исто така придонесуваат и во градење на личното портфолио, во позиционирање на личноста во понатамошните професионални предизвици. На личен план, имаат влијание врз градењето на самодовербата, а понекогаш можат да бидат и ветер во грб за идни подвизи.

Бездруго, наградите секаде во свет се репер за многу области и индустрии. Погледнете колку музички и филмски фестивали постојат, познати во светски рамки и каков репер се тие понатаму за индустријата. За жал, во Македонија има премалку манифестации каде се валоризира и се вреднува професионализмот. Затоа се надевам дека БЕАМ е убава новина што ќе внесе малку свежина, па ако сакате и радост помеѓу професионалците во секторот за организација на настани.

 


Статијата е прочитана 965 пати.

Сподели: