Да им се даде шанса на младите да се уверат дека може да создаваат и во сопствената држава

Интервју за Весна Миладинова, член на Управен одбор на модната конфекција „Албатрос“ – Штип во кое зборува за 30-годишното успешно раководење на шпедитерската компанија „Камилшпед“, за иднината на текстилната индустрија, за справувањето со актуелните кризи, но и за тоа како да се насочат и мотивираат младите да го развиваат својот претприемачки дух во сопствената држава. Миладинова е добитник на наградата „Жена лавица“ што ја доделува здружението „Елит“

 

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е наградата „Жена лавица“ што ја добивте од Здружението на жени лидерки „Елит“. За каква награда станува збор, за што поточно сте наградена? 

МИЛАДИНОВА: Наградата „Жена лавица“ што ја доделува здружението „Елит“ е на предлог на неговите членки, а се доделува за успешност во поширока смисла, односно, за успешна жена во секој поглед, професионално, семејно, за хуманитрани активности во добротворни цели... Оваа награда за мене претставува голема чест и обврска да продолжам и понатаму успешно да ги реализирам сите проекти како на професионален план, така и во насока на добротворни активности и хумани цели. Дотолку повеќе што наградата доаѓа од здружение на жени менаџери и лидерки кои секоја на свој начин се успешни и вложуваат во општествената заедница. 

 

МАРИЛИ: Неодамна прославивте 30-годишен јубилеј на компанијата „Камилшпед“ чиј основач сте лично Вие и која е една од првите шпедитерски фирми водена од жена. Што значеше пред 30 години да се влезе во претприемништвото и колку „лавовски“ се боревте во „машкиот“ бизнис свет? 

МИЛАДИНОВА: Компанијата „Камилшпед“ е формирана на 1 декември 1992 година кога самостојно стартував во приватен бизнис од областа на шпедитерското работење. Предизвикот беше голем, но вербата во себе, знаењето и поддршката од семејството ме охрабрија и сето тоа ми даде ветер во грб да почнам со приватен бизнис што во тоа време беше речиси незамисливо за една жена. Јас бев прва жена во Штип во шпедитерска фирма. Требаше да се докажувам дека како жена можам да се носам во „машки“ бизнис кој бара долго работно време, но и голем дел од слободното време, од викенди, празници. Самото шпедитесрко работење е специфично и нема определено работно време, природата на самиот бизнис е таква бидејќи се работи со секаков вид стока која мора веднаш да се царини и да се дистрибуира. Кога го почнував приватниот бизнис мислев дека ќе работам колку и како сакам, дека сама ќе си го организирам времето, но набрзо се уверив дека обврските ме насочуваат во друг правец и морав да се прилагодувам. Тоа беше специфичен и тежок период на транзиција, а во „машкиот“ бизнис свет имаше скепса за успешноста на моето работење. Но, јас дојдов од позната шпедитерска фирма „Макошпед“, со големо искуство и знаење и сето тоа надополнето со моите организациски способности, принципиелност и истрајност вроди со плод. За тоа е доказ 30-годишното постоење и успешно работење на „Камилшпед“ 

 

МАРИЛИ: Својот работен век паралелно го минавте и во текстилната индустрија, во семејната компанија „Албатрос“ од Штип. Денес сте член на Управниот одбор, а Вашите ќерки го менаџираат бизнисот во целост. Објаснете за нашите читатели во кој сегмент од текстилната индустрија дејствува „Албатрос“ и за кои пазари работи?

МИЛАДИНОВА: Модната конфекција „Албатрос“ од Штип е специјализирана компанија за изработка на машка кошула и 99 проценти од производството е наменето за извоз, а мал процент оставаме како обележје за тука, како текстилна компанија со перформанси за домашниот купувач да има можност да дојде до квалитетен производ. Извезуваме во Германија, Шведска, Швајцарија, Холандија, Полска, Англија, Италија. Работиме партнерски со странските компании, од шаблони, колекции за саемски експонати до финален производ за етаблирани брендови. Тука спаѓа и набавка на суровини, помошни материјали и слично. Специфично за нашата компанија е што изработуваме кошули по мерка, МТМ ,како за странскиот така и за домашниот пазар. Тоа подразбира изработка по нарачка и по избор на клиентот од избор на материјал до модел, па дури се изработува и лого, или сопствени иницијали на кошулите, ласерски принтани копчиња... 

Денес со компанијата раководат моите ќерки Љупка Миладинова Џамбазовски и Марина Миладинова кои, пред се, се вклучени во претставување на компанијата на странски пазари и изнаоѓање нови партнери. Мојата улога во Управниот одбор е главно фокусирана врз финансиското работење. 

 

МАРИЛИ: Штип беше центар на текстилната индустрија во нашата земја со голема традиција, знаење и стручно обучен кадар. Но, денес ситуацијата е сосема поинаква. Каква е Вашата визија за опстанокот и развојот на текстилната индустрија кај нас?

МИЛАДИНОВА: Штип како текстилен центар се уште има повеќе текстилни компании, но во текот на годините постојано се намалува бројот на вработените, бидејќи нема интерес за браншата, не се запишуваат доволно ученици во средното текстилно училиште и нема нов кадар. Од таа причина ние се специјализиравме и одиме на изработка на помали серии и помали количини. Денес ние имаме 250 вработени. Работната сила се заменува со машини (роботи). Начинот на работење станува побрз со машините, бидејќи тие заменуваат голем број работници, но управувањето со нив бара високо стрчен кадар кој соодветно е и повисоко платен. Оттаму, произлегува и визијата за текстилната индустрија дека ќе биде осовремена со напредна технологија, со автоматизирано производство со модерни машини и со високо стручен образован кадар.

МАРИЛИ: Колку и како актуелните кризи влијаеа врз работењето на текстилните компании од нашата држава?

МИЛАДИНОВА: Кризите се почувствуваа силно, но со помош на странските партнери во периодот на пандемијата го преориентиравме производството во изработка на маски, мантили, медицинска опрема за да може да опстоиме. Што се однесува до моменталната криза, успеваме да се адаптираме , иако енергенсите се многу поскапени, но инвестиравме во наша фотоволтаична станица на покривот на самата фабрика. Тоа ни го олеснува процесот на производство, а од друга страна претставува и инвестиција и за во иднина. Кризата колку е негативна толку е и позитивна, бидејќи не прави посилни и не тера да инвестираме во нови посовремени технологи.

 


МАРИЛИ: Европа наметнува строги нормативи во однос на третманот на секаков вид отпад. Кажете ни како во Вашата компанија, но и во Македонија воопшто, се третира текстилниот отпад, колку нашата регулатива е усогласена со европската во однос на ова прашање? 

МИЛАДИНОВА: „Албатрос“ како компанија ги следи сите европски трендови и ги има сите сертификати и аудити (испитување на условите за работникот и грижата околу работникот). Се што наметнува Европа за една компанија, ние го имплементираме, а тоа се однеусва и на екологијата, односно, на текстилниот отпад. Овој отпад го селектираме и го ставаме на страна за наменски да се дислоцира. Сепак, нашата регулатива се уште не е до крај усогласена со европската, но очекуваме во  најскоро време да се реши прашањето околу рециклажата на текстилниот отпад.

 

МАРИЛИ: Вие сте една од најуспешните жени менаџери во нашата држава и бевте наградувана повеќекратно од агенција „Марили“, а член сте и на МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ. Какво е Вашето мислење за овој тип на поддршка, афирмација и соработка помеѓу жените?

МИЛАДИНОВА: Упатувам пофалби и голема благодарност до агенција „Марили“ и МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ за афирмација и промоција на жената во бизнисот. Ваквиот тип комуникација и делување е потреба на бизнисот, бидејќи ги збогатува нашите сознанија за други видови бизниси, овозможува взаемна соработка и најважно, размена на искуства и вмрежување. И сето ова не само во поглед на бизнисот, туку сеопфатно што како личности и хумани поединци го инвестираме и во добротворни цели. 

 

МАРИЛИ: Која е Вашата порака до младите генерации во смисла на суштината за тоа колку е важно да се насочи претприемачкиот дух во сопствената земја и тука да се развиваат иновативните бизнис идеи, со оглед дека сме соочени со огромна миграција и одлив на способен и високо образован кадар?

МИЛАДИНОВА: Сметам дека младите треба од мали нозе да се воспитуваат да ја сакаат својата земја, но треба и да им се дава слобода на размислување и докажување. Тоа може да се види и преку мојот личен пример како јас ги насочив моите деца кои се едуцираа дома, но и надвор од државата, а, сепак, со сите искуства и едукации се вратија дома да продолжат да го развиваат семејниот бизнис. Мислам дека децата не треба да се притискаат, туку само да им се даде поддршка, однсоно, да се најде вистинскиот баланс без голем притисок. На младите треба да им се дадат шанси да излезат надвор од државата, да се дообразоваат, да ги видат можностите и во поразвиениот свет и сето стекнато искуство и знаење да го применат кај нас за добробит на домашните компании, а со тоа и на државата. Да се уверат дека можат да создаваат и дома.


Статијата е прочитана 1130 пати.

Сподели: