Новогодишен концерт за паметење на „Охридско лето“ со германскиот квартет „Диогенес“

Настан за паметење проследен со бурни овации и ракоплескања од публиката донесе синоќа новогодишниот концерт со светски познатиот квартет „Диогенес“ во организација на фестивалот „Охридско лето“. 

Со специјално одбрана програма на дела од Јозеф Хајдн, Ервин Шулхоф и Јоханес Брамс, младите виртуози од светот на класичната музика Стефан Кирпал и Гундула Кирпал на виолина, Алба Гонзалес и Бецера на виола и Стивен Ристау на виолончело приредија несекојдневно доживување за љубителите на класичната музика во Националната опера и балет во Скопје. 

„Изминативе 62 години Националната установа ‘Охридско лето’, како претставник и промотор на врвната уметност прикажува континуирано високо ниво на програмски содржини и ексклузивни уметници, како од земјава, така и од светот. Нашата заложба е фестивалската рамка да ја прошириме и надвор од традиционалната, 12 јули-20 август и тоа успешно го правиме изминативе години. Горда сум што сега за првпат успеавме да реализираме новогодишен концерт со што потврдуваме дека сме скалило погоре во негувањетo и презентирањето на врвната уметност. Тоа е единствениот начин со кој ја оправдуваме водечката улога за обезбедување и презентирање на културните вредности“, рече директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Обраќајќи се пред почетокот на концертот, министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека „Охридското лето“ не познава годишни времиња, туку е фестивал кој надминува какви било врамувања. 

„Едноставно, ова е фестивал кој во себе ја има длабоката суштина на уметноста со што стана еден од најпрепознатливите брендови на земјава, во регионот и во Европа. ‘Охридското лето’ својата мисија на пријателски мост со светот ја шири и со овој празничен концерт. Се разбира дека сите фестивалски вечери на оваа институција се празник, но оваа вечер, пред Нова година носи посебна свеченост и грижа за публиката. Фестивалот ни порачува дека врските што културата ги гради се нераскинливи и трајни,  и дека уметноста го облагородува животот и ги обединува луѓето, што е осбенво важно во време на празници. ‘Охридското лето’ ја покажува својата големина испишувајќи ја својата приказна во текот на целата година, најавувајќи нови копродукции и настани во рамки на Иницијативата Отворен Балкан и како членка на Европската асоцијација на фестивали“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска. 

За љубителите на класичната музика директорката Наташа Поповиќ најави и Осмомартовски и Велигденски концерт во организација на „Охридско лето“, а за претстојното 63. „Охридско лето“, пак, откри дека нѐ очекуваат 40 фестивалски вечери со настапи на светски познати но и докажани домашни уметници.

„’Охридско лето’ е предизвик секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува со нови содржини, токму благодарение на поддршката што ја добиваме од претседателот на државата како покровител на Фестивалот, од Министерството за култура, Општина Охрид, од нашите спонзори и помагатели, како и од амбасадите во Република Северна Македонија“, додаде Поповиќ.

Во прекрасниот настап на уметниците од Германија уживаа бројни љубители на уметноста меѓу кои дипломати и познати личности од јавниот живот.


Статијата е прочитана 685 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско