Diners Club е картичка за секого, го подобрува квалитетот на животот

Интервју со Божидар Јанковски, извршен директор на Diners Club International во кое говори за 25 годишното успешно постоење на брендот Diners Club во Македонија, за привилегиите што ги имаат членовите на Diners Club, за тоа што ја разликува оваа картичка од другите, за неопходната поддршка од семејството за да се биде успешен во тоа што се работи, но и за тоа како е да се живее со најпознатото женско име во македонската политика.
МАРИЛИ: Вие сте први во бизнисот со платежни картички во земјава, односно Diners Club е прва платежна картичка во Македонија, која минатата година прослави 25-годишнина. Што значи да се биде прв, дали е тешко да се одржува репутацијата на најдобра корисничка поддршка и како се останува атрактивен?
ЈАНКОВСКИ: Секоја работа, без исклучок, бара многу труд и посветеност. Следењето на светските трендови, константното подобрување на услугите, како и држењето чекор со потребите на нашите членови е наша примарна задача. А кога се работи со многу труд, дополнет со долгогодишно искуство и со посветен тим, немате потреба да размислувате за репутацијата, работата неминовно носи позитивни резултати.
МАРИЛИ: Од крајот на 2016 година компаниите на Diners Club International од Македонија се во целосна сопственост на Erste Card Club (ECC), со што ЕСС го презеде ексклузивното право за издавање на картичката Diners Club. Што значеше тоа за развојот на брендот Diners Club, односно какви предности донесе спојувањето на франшизата на регионално ниво и што ѝ донесе конкретно на Македонија?
ЈАНКОВСКИ: Генерално, не се случија големи промени во функционирањето на Diners Club во Македонија. Во однос на услугите и погодностите што ги нуди Diners Club, можам да кажам дека картичката Diners Club стана подостапна и секој може да аплицира за неа. Со тоа обезбедивме поголем комфор во живеењето и отворени можности за секого. Воведовме обврзни групациски стандарди што се надоврзаа на веќе воспоставените стандарди на работењето на DC International.
МАРИЛИ: Diners, генерално, е бренд за побогатите. Според тоа, како стои Македонија во тој поглед, имајќи ја предвид куповната моќ на нашите граѓани? Колку членови денес брои семејството на Diners Club во Македонија?
ЈАНКОВСКИ: Diners Club е картичка за секого. Нуди погодности, попусти и рати, со што го подобрува квалитетот на живот и овозможува поголема достапност до основните потреби на нашите членови, па сѐ до нешто што би се нарекло луксузно живеење. Секојдневно работиме на зголемувањето на продажните места, како и на погодностите што ги уживаат нашите членови. Сакавме Diners да биде картичка за зголемување на семејниот буџет и достапна за голем број граѓани. И успеавме во тоа. Но не застануваме, секоја година е нов предизвик.
МАРИЛИ: Какви привилегии имаат членовите на Diners Club, по што се разликува оваа картичка од другите?
ЈАНКОВСКИ: Она по што примарно како картичка се разликуваме од другите се ексклузивните попусти што ги уживаат само нашите членови при плаќањето со Diners Club. Секако, тука е можноста и за плаќање на рати без камата, како и услугата одложено плаќање. Diners Club е единствена картичка во Македонија со која може да купувате веднаш, а плаќањето да го одложите одреден временски период. За нас во Diners картичките не се пластики, туку наши респектирани членови, а продажните места се наши партнери со кои соработуваме. Има разлика.
МАРИЛИ: Вашата компанија е позната како општествено одговорна компанија. Редовно помагате, особено за ранливите категории. Колку ваквите примери се важни за да бидеме квалитетно општество со европски вредности?
ЈАНКОВСКИ: Не може да бидеш добар во тоа што го работиш без одговорен однос кон околината во која живееш. Сите зависиме од големата слика и од можностите што ги нуди нашето општество, а индиректно тоа зависи од нашето дејствување. Наша секојдневна мисија е да создадеме подобар свет за секого, како и да поттикнеме општествени промени и социјална благосостојба. Во минатото не го рекламиравме тоа, но сфативме дека со промоцијата на нашата помош во заедницата може да ги поттикнеме и другите да го прават тоа.
МАРИЛИ: Добивте специјална награда на изборот на Маж на годината за 2019 година. Што претставува оваа награда и колку џентлменството е присутно како култура на живеење во нашата земја?
ЈАНКОВСКИ: Секоја награда е убаво мало признание на тоа што сте и на тоа што се обидувате да направите. Некако, со текот на времето, моето и името на компанијата се споија во едно, па ова беше награда за мене, но и за DCМакедонија.
МАРИЛИ: Се вели дека зад секој успешен маж стои успешна жена. Имајќи го предвид Вашиот пример, дали може да се каже и обратно, бидејќи Вашата сопруга, Радмила Шекеринска Јанковска, е повеќе од успешна жена. Колку е важна заемната поддршка за да се биде успешен во тоа што се работи?
ЈАНКОВСКИ: Без поддршката од најблиските, од семејството, тешко дека може да успеете и притоа да сте среќен. Сосема се согласувам со тезата во двете насоки. И во добро и во тешко да имате некој со вас и зад вас – тоа ве прави и силен и упорен и издржлив... па затоа и успешен.
МАРИЛИ: Како е да се живее со најпознатото женско име во македонската политика? Дали и колку успевате да се „ослободите“ од политиката во Вашите семејни мигови?
ЈАНКОВСКИ: Јас сум прилично zoon politicon, така што дискусиите за политиката повеќе доаѓаат од мене отколку од неа. Понекогаш се чувствувам и привилегиран што можам, со критика (најчесто), преку Радмила можеби да подобрам некои работи во нашата земја. Да бидам искрен, јас би бил многу незгоден кога по цел ден на работа би дошол дома, а таму да ти кажуваат што и како можело подобро. Во тој поглед, Радмила има и преголемо разбирање за мене. За секој случај, нема да ѝ го покажам ова интервју за да не ѝ текне да се промени.
Статијата е прочитана 2069 пати.
Сподели: