Бизнис вести

Ковачевски: „Блиску сме до решение, гасната централа ќе добие гас од Србија“

петок, 18 ноември 2022

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во Белград изјави дека сме многу поблиску до решение од она што бевме на почетокот во преговорите со Србија да се искористат нејзините вишоци на природен гас за нашата гасна централа за производство на електрична енергија.

„На тој начин нашата индустрија ќе добие пониска енергија од онаа што ја добива на берзите, а Србија ќе може да ги надомести своите недостатоци за електрична енергија особено во јужниот дел од земјата. Многу пати не прашуваа дали имаме решение за тоа. Нашите тимови не престанаа да работат и мислам дека во моментот сме многу поблиску до решение од она што бевме на почетокот“, рече Ковачевски на крајот од своето обраќање на заедничката прес-конференција со лидерите на Западен Балкан.

Според него, регионалната соработка е единствениот начин да се преброди која било криза и да се изгради енергетска независност и е можност да се искористат ресурсите од зелената енергија со кои располага Балканот за да се развиеме регионот во нова енергетска сила.

„Во изминатите 30 години регионот беше предмет на поделби и несогласувања, но во изминатите две години стана регион на соработка и на добрососедски односи. Единствен начин да се преброди која било криза и да се изгради енергетска независност, единствено е можно низ регионална соработка со оглед на големината и обемот на инвестиции што треба да се прават, а кои поединечно ниту една држава не може сама да ги направи. Претстои тешка зима, но со солидарноста и соработката меѓу нас, полесно ќе ја пребродиме оваа криза“, рече во своето обраќање Ковачевски.

Премиерот посочи дека земјите од регионот го немаат тој луксуз да имаат преголем фискален простор, како на пример Норвешка, па затоа мора да бидат инвентивни и поагилни.

Тој  потсети дека земјава има искуство и со Норвешка, која имаше удел во изградбата на ветерници во паркот во Богданци и во ревитализација што се вршеше на дел од хидроцентралите во земјава.

„Простор за регионална соработка постои, проекти постојат и исто така постојат и начини на финансирање, дел проекти се завршени, а дел се во поодмината фаза на реализација“, додаде Ковачевски.

Тој ги повика инвеститорите од Норвешка да инвестираат во Северна Македонија и во земјите од Западен Балкан.

Осврнувајќи се на инвестициите што државата ги прави во делот на енергетиката, Ковачевски посочи дека во изминатите 10 месеци се инсталирани 27 мегавати фотонапонски централи, а во фаза на преговори се неколку договори за странски инвестиции во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни електрани и гасна електрана со инвеститори од Франција, Германија и Грција. Се работи и на изградба на нов интерконектор од Грција до ТЕЦ „Неготино”, а со Бугарија е постигнат договор за изградба уште еден интерконектор од Петрич до Струмица, со што, според Ковачевски, земјава би имала три интерконектори.

Хидроцентралата „Чебрен” за која досега имаше 13 неуспешни обиди и за која Ковачевски очекува да биде избран понудувач, рече дека ќе биде стратешки проект не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион.

Пренесено од МИА

 

Содржината е прочитана 31 пати.