Природниот изглед на секој пациент е примарна цел на центарот за дентална и естетска медицина „Перла“

Интервју со д-р Даниела Димитрова, сопственик на Центар за дентална и естетска медицина „Перла“, во кое говори за значењето на естетиката во нејзиното секојдневие, за трендот на естетски корекции во Македонија и за тоа како посветеноста на професијата се надополнува со посветеноста на семејството. Д-р Димитрова е една од топ 10 најуспешни жени менаџери за 2019 избрани од агенција „Марили“.

 

МАРИЛИ: Од кога постои Центарот за дентална и естетска медицина „Перла“ и какви услуги дава?
ДИМИТРОВА:
Во 2000 година е формиран центарот „Перла“ како центар за стоматологија, а со текот на годините и следејќи ги светските трендови ја проширивме дејноста и со нехирушка естетика медицина.

МАРИЛИ: Вие сте стоматолог, но се занимавате и со естетски корекции на лицето. Од каде мотивот и интересот за оваа дејност и како и каде се усовршувавте?

ДИМИТРОВА:Естетиката отсекогаш имала значајно место во моето секојдневно живеење, дури и во најмалите детали од денот. Следствено на тоа и природно дојде мојот афинитет кон естетската медицина. Кога се во прашање обуките, тука немам недоумица, присуствувам на сите најреномирани светски конгреси и предавања на најеминентните светски имиња во оваа област.

МАРИЛИ: Денес естетската медицина е многу актуелна и напредува со брзо темпо. Колку е важна стручноста во имплементацијата на овие методи, со цел да не се случат какви било компликации и да не се наруши природната физиономија на лицето?

ДИМИТРОВА Успехот во естетската медицина е комплекс од огромен број комплементарни фактори. Тешко е да се издвои кои параметри треба да ги исполнува еден успешен доктор, поради тоа што секогаш има што да се додаде. Континуираната едукација во естетската медицина, следењето на новите напредни техники, а наедно и доброто познавање на анатомијата на човековото лице, секако и користењето најквалитетни материјали се најважни.Моја примарна цел е да се задржи природниот изглед на секој пациент што доаѓа во „Перла“. Сечие лице треба да изгледа свежо и витално, но најважно е да се зачуваат контурите и природниот изглед. 

 МАРИЛИ: Колку овој современ тренд се прифаќа во нашата земја и дали има интерес и кај машката популација?

ДИМИТРОВА: Можам да кажам дека Македонија е навистина свесна за трендот на естетиката. Сѐ повеќе жени се свесни дека можат многу повеќе внимание да му посветат на своето лице и на својот изглед. Машката популација полека пројавува интерес за естетската медицина, но мора да признаам дека, сепак, жените се многу поактивни во однос на естетската медицина.

МАРИЛИ: Кои се најбараните корекции и која возрасна категорија најмногу ги прави?
ДИМИТРОВА:
Најчесто се бараат корекции што се поврзани со пополнување и зголемување на волуменот на усните, отстранување на брчките на челото, како и корекција на подочниците. Најголем дел од пациентите се над 30-годишна возраст, но во зависност од типот на услугата што се бара, често и помладите возрасни категории се клиенти на центарот„Перла“.


МАРИЛИ: Вашата професија и Вашата посветеност кон естетиката Ви го продолжуваат работниот ден. Но, сепак, Вие сте и мајка на три деца. Како успевате да се организирате за да го постигнете сето тоа?
ДИМИТРОВА:
За среќа, најчесто моето работно време се совпаѓа со училишниот ден и со постучилишните активности на моите деца. Така што се ослободуваме во исто време и се трудам да поминувам колку што е можно поквалитетно време со моите деца. Со добра организација обврските не се пречка.

МАРИЛИ: Како ги полните батериите, што Ве релаксира и имате ли време за дружење со пијателите?
ДИМИТРОВА:
Батериите најдобро се полнат со добар сон. Тоа е базичен извор на мојата енергија. Но доколку имам повеќе слободно време уживам во глетка на која има голема водна површина. Без оглед дали е езеро или море, тоа е одличен енергенс за мене. Се трудам да најдам време и за пријателите. Сите ние имаме обврски и не секогаш успеваме да се усогласиме со слободното време, но настојувам да поминам квалитетно време со пријателите.
 

 


Статијата е прочитана 2604 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско