„Циклама инжинеринг“ ЗНАЕ КАКО со секој градежен проблем

Интервју со Татјана Дејаноска, директор на продажба во „Циклама инжинеринг“ – Гостивар во кое ги открива главните одлики на добро менаџираните семејни бизниси, зборува за основните дејности на компанијата, не запознава со најзначајните проекти во кои „Циклама инженеринг“ учествувала, но и за тоа што е она што и помага да успее во реализирање на поставените цели. Дејаноска е една од топ 10 најуспешни жени менаџери во 2019 избрани од агенција „Марили“.

МАРИЛИ: Вашата компанија постои 30 години на македонскиот градежен пазар. Претставете ни ја накратко целокупната дејност на компанијата!
ДЕЈАНОСКА:
Да... Нашата компанија е формирана во 1990 година и опфаќа две сфери на работење во градежниот сектор и тоа трговија со градежни материјали и изведба на завршни работи во градежништвото.
Главна дејност ни е трговијата со градежни материјали од градежна хемија, како што се хидроизолациони материјали, термоизолации, адитиви за бетони, градежни лепила, фугирачки маси, епоксидни и полиуретански системи, термофасади, бои за внатрешно и надворешно молерисување, битуменски мембрани, ПВЦ-фолии, геотекстили итн. Ние сме увозници и овластени дистрибутери на неколку познати брендови од оваа дејност, како што се INDEX, ISOMAT, TENAX, STIROPAN, а од неодамна почнавме соработка и со SIKA, која е глобален лидер во оваа област. За подобро претставување и проширување на палетата на производи се трудиме да бидеме во постојан чекор со сите новини што се појавуваат во оваа област на европско ниво. За таа цел ние заедно со своите деловни партнери долги години организираме технички семинари за едукација на изведувачите и на проектантите за правилна апликација на материјалите и правилни технички решенија.
Во делот на трговијата наше мото се експедитивноста и навремената услуга кон нашите клиенти. Од тие причини располагаме со голем лагер на материјали во нашиот дистрибутивен центар и со добра организираност нашите клиенти се услужени со наша испорака веќе наредниот ден по приемот на нарачката. Имајќи ја предвид географската близина на нашите партнери од странство за некои поспецифични материјали од моментот на нарачка до моментот на испорака поминуваат максимум три работни дена и мислам дека тоа е сосема краток рок за испорака на специфични материјали, што е многу важно за овој тип работа бидејќи инвеститорите секогаш се во трка со времето.
Во делот на изведбата ги работиме специфичните завршни работи во градежништвото, како што се изолациски работи, санации на објекти што имаат проблеми со влага, изведба на индустриски подови (цементни и епоксидни), изведба на фасади, зелени покриви итн.

МАРИЛИ: Главното седиште на компанијата се наоѓа во Гостивар, меѓутоа имате канцеларија и во Скопје. Каде низ Македонија е присутна „Циклама инжинеринг“?
ДЕЈАНОСКА:
Главното седиште на компанијата се наоѓа во Гостивар, каде што е лоциран и главниот дистрибутивен центар на компанијата. За потребите на потрошувачите во делот на малопродажбата располагаме со два малопродажни објекта во Гостивар и во Скопје. „Циклама инжинеринг“ има своја дистрибутивна мрежа и партнери во сите поголеми градови низ Македонија. Заради потребите од присуство на пазарот во Скопје, како главен град во кој се инвестира во позначајните проекти, пред неколку години тука отворивме свое претставништво – изложбен салон со канцелариски простор за деловно-техничка соработка со нашите партнери и идни инвеститори.
Нашата компанија континуирано се стреми кон проширување на дејноста и вработување високообразован кадар. Наша мисија се коректното однесување кон клиентите и задоволувањето на нивните барања и потреби за квалитетни градежни материјали и услуги.
Мото на нашата компанија е знаеме како до сигурни технички решенија за секој проблем во областа на градежништвото. 


МАРИЛИ: Кои се најзначајните проекти во кои „Циклама инженеринг“ учествувала во последнава деценија?
ДЕЈАНОСКА:
„Циклама инжинеринг“ е вклучена во многу референтни објекти во Македонија, би наброила некои од нив, како што се: управната зграда на ПРОКРЕДИТ во Скопје, СИТИ МОЛ, СИТИ ТАУЕР, објектот СВЕТА МИНА (седиште на А1), објекти во индустриската зона „Бунарџик“, Штуловиот универзитет Тетово, Соравија Центар, Музеј на македонската борба, Панорама резиденс, Стар театар, зградата на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, зградата на Јавното претпријатие „Водовод“, многу приватни и индивидуални станбени објекти.

МАРИЛИ: Компанијата е семеен бизнис, во неа работат и Вашите две ќерки. Сметате ли дека иднината на приватниот сектор во нашата земја е во семејните бизниси?
ДЕЈАНОСКА:
Во 1990 година со многу ентузијазам, на иницијатива на мојот сопруг и со моја поддршка, ја отворивме нашата компанија и го започнавме нашиот семеен бизнис. Формирањето на компанијата некако се совпадна со раѓањето на нашите ќерки во 1990 и 1992 година. Иако беше тешко, сепак, успевавме заеднички да ги истуркаме и двете работи на прав пат, да ги ставиме во колосек, за што сме многу горди на двете полиња.
Нашите ќерки сами одлучија да се вклучат во нашиот бизнис, без притисок од наша страна, што нѐ прави уште посреќни и задоволни дека оваа наша успешна приказна ќе продолжи да се развива и понатаму. Нивниот избор на образование, економија и архитектурата, се вклопи во дејноста што ја работиме, па денес тие се темелно и професионално вклучени во овие сектори на компанијата.
Сметам дека главни одлики на добро менаџираните семејни бизниси се нивната долгорочна ориентираност, реинвестирањето на профитот во понатамошниот раст на бизнисот и зголемувањето на вработеноста. Токму поради тоа тие претставуваат важен сегмент во економијата. Исто така, од големо значење е пренесувањето на вештините, искуството и знаењето од една на друга генерација. Ние секојдневно се трудиме да им го пренесеме нашето искуство во секој поглед, особено во делот на тимската работа и почитта кон вработените бидејќи успехот на компанијата е успех за сите вработени. Горда сум и благодарна што во фирмата имаме вработени што кај нас се повеќе од десет години...
Во делот на општествената одговорност се трудиме да вратиме нешто во средината каде што егзистираме и работиме. За таа цел веќе неколку години сме спонзори на КК „Гостивар“, кој успешно се натпреварува во прва лига. Во рамките на нашите можности се трудиме да помогнеме секаде каде што можеме.

МАРИЛИ: Како се организирате со оглед дека сте успешна жена менаџер, но истовремено и сопруга и мајка и дали успевате во слободното време да излезете од границите на градежништвото бидејќи цело семејство е ангажирано токму во оваа сфера? 
ДЕЈАНОСКА:
Како што споменав, почетоците на бизнисот се поврзани со раѓањето на моите две ќерки. Можам да кажам дека беше навистина тешко, но не и неизводливо во исто време да се стане мајка и да се започне семеен бизнис, имајќи предвид дека на почетокот и двете работи бараат максимална посветеност. Мојата желба за личен развој, големата упорност, посветеноста, позитивната енергија и ведриот дух е тоа што секојдневно ми помага да успеам во реализирањето на поставените цели. Успехот е неминовен со јасно поставена цел и добра организираност.
Слободното време најчесто го користам за дружење со мојата прекрасна внука Јана, која има 16 месеци и за патувања (блиски и далечни) во кои бескрајно уживам стекнувајќи нови пријателства и искуства и запознавајќи разни места и култури.
Секако, Маврово е местото што поради близината и прекрасната природа и воздух често го посетувам. Нашата семејна куќа таму е вистинско место за одмор и релаксација кога сакам кратко и брзо да побегнам од секојдневните обврски.

 


 


Статијата е прочитана 2830 пати.

Сподели: