Пешев: „Стопанството не може да издржи уште еден локдаун, неопходна е масовна вакцинација против Ковид-19“

Стопанството не може да издржи уште еден локдаун поради коронавирусот. Капацитетите на нашите компании не се во можност да го издржат тоа. Ако ни се случи уште еден бран, ќе биде катастрофално и резултат на тоа ќе биде дека компаниите ќе мора да се затворат, а работниците ќе останат без работа. За тоа да се спречи потребна е масовна вакцинација“, порача извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев.

Како што истакна на денешната прес-конференција, во Стопанската комора оцениле дека производниот процес во фирмите повеќе не може да трпи постојано да има 20-ина отсто од луѓето надвор од функција поради заболување од Ковид-19, особено во колективите во кои се работи во мал затворен простор. Затоа сакаат да се создаде ситуација во која, како што рече, функционирањето на компаниите ќе биде логично и остварливо во услови на пандемија.

„Цениме дека треба да се направат максимални напори за да не трпи процесот на производство. За нас се исти вакцинираните и прележаните. Логична ни е мерката после вакцинација да следи слободен ден, но не мислиме дека има објективна причина за да не се вакцинираат работниците. Сметам дека треба Владата да преземе порадикални чекори и да ја направи задолжителна вакцинацијата“, рече Пешев.

Нагласи дека во никој случај не се за тоа работодавачите да ги плаќаат тестирањата за тие што не сакаат да се вакцинираат.

„Ако треба да се тестираат вработените тоа нема да биде на товар на компаниите. За тоа воопшто не преговараме. Не ни е целта ниту да ги натераме луѓето кои не сакаат да се вакцинираат да плаќаат од свој џеб. Вирусот уште најмалку една година ќе циркулира затоа државата мора да најде механизам и ако ништо друго да се прави тестирање и да обезбеди тестови по исклучително ниски цени за да може компаниите да ги спроведуваат по неколку пати во месецот“, потенцира Пешев.

Најави дека Стопанската комора е во фаза на регистрација на сопствена компанија за трговија со електрична енергија која ќе се грижи за потребите на нејзините членки. Целта на компанијата не ќе биде создавање на профит, туку да им помогне на компаниите-членки да имаат сигурност при набавката на електрична енергија во услови на криза и да придонесе за отстранување на високите маржи кои им ги наплаќаат трговците со струја.

„Има големи компании кои можат да набават струја по 90 евра за мегават час, но не можат тоа да го направат зашто немаат дозволи за увоз. Има и помали компании кои немаат начин како да увезат електрична енергија иако имаат пари и можат да ја платат“, рече Пешев.

Пренесено од МИА

 


Статијата е прочитана 455 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско