Уметноста е само еден од можните медиуми за „трансмисија“ на пораките за грижа за животната средина

Интервју со Ана Франговска, кустос во Национална галерија на Северна Македонија во кое зборува за неодамна завршената изложба „Допирот“ чиј фокус беше екологијата, за целта на изложбата и на многу други проекти на оваа тема за зголемување на еколошката свесност, за значењето на интерационалните изложби за македонската култура, за изнаоѓањето нови, алтернативни начини за комуницирање со публиката во услови на пандемија, за личната окупираност со уметноста и во сопственото секојдневие

 

МАРИЛИ: Како дојде до идејата за изложбата „Допирот“ која е дел од проектот „Ние сме тука: идни екологии“. Кажете ни нешто повеќе околу смаиот проект и околу тоа колку траше изложбата и какви содржини понуди? 

ФРАНГОВСКА: Британскиот совет, во партнерство со агенцијата за подвижни слики „Лукс“ објавија конкурс за независни куратори од земјите на Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и Р. Северна Македонија) кои со свои локални концепти ќе го прошират базичниот контекст на проектот со подвижни слики „Идни Екологии“ кој е дел од програмата „Ние сме тука“, куриран од страна на Тендаи Џон Мутамбу. На овој конкурс, во Р. Северна Македонија мојот проект победи и доби можност, и секако гранд, истиот да се реализира.

Македонската итерација на овој регионален проект е насловена „Допирот“ и се однесува на смртоносниот „допир“ на човекот, кој свесно или несвесно зад себе остава голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта, менувајќи ја целата рамнотежа на екосистемот потребен за нормален живот. И во оваа „нова нормалност“ што сите ја живееме во последните година и пол, борбата со невидливиот непријател – корона-вирусот, зарем не е допирот токму тој од кој сите се обидуваме да побегнеме во ерата на пандемијата?

Концептот „Допирот“ вклучува петмина британски уметници што се занимаваат со уметноста на подвижните слики, и тоа: Уриел Орлоу, Луис Хендерсон, Шарлот Проџер, Бен Риверс и Бедвир Вилијамс, а локалниот контекст е преточен во делата на тројца македонски автори: Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи-Василева. 

Проектот се занимава со прашања од областите екологија, политика, миграција, идентитет, империјализам, колонијализам, капитализам, домородната сувереност, критика на медицински индустрии, архивирање и важноста од деколонизација, не само на историјата туку и на нашето разбирање на природниот свет, урбанизам, ревитализација итн. Сите тие дискурси го проблематизираат влијанието на човечкиот допир врз глобалните промени во сите области на нашето постоење. Нивните пристапи и концепти се уметнички спакувани на многу мудар и поетски начин, но тие всушност се многу прецизна критика на денешното современо општество, гледано и глобално и локално, а некои од нив говорат и за постоење на еколошка правда. Оттука, во центарот на интересот е мошне горливата тема на екологијата и потребата од подигнување на свеста кај пошироката популација за последиците доколку не превземеме сериозни чекори кон контрола на искористувањето на природните ресурси и злоупотреба на истата. 

Изложбата беше отворена на 15 септември и публиката можеше да ги види мултимедијалните уметнички визии на дадената проблематика, но истата беше придружена и со мошне богата придружна и едукативна активност, со едукативни работилници за деца, средношколци и студенти, интердисциплинарни соработки, дебати и онлајн разговори со уметници и други важни чинители во оваа област.

 

МАРИЛИ: Зошто токму екологијата беше фокус на делата на изложбата и која, всушност, беше целта на овој мултимедијален проект?

ФРАНГОВСКА: Екологијата станува тема за која се почесто се зборува, па исто така тоа е и случајот во уметностите, или поконкретно во визуелните уметности. Таа станува spiritus movens и на многу важни манифестации во оваа област, на биеналиња, триеналиња и тоа навистина говори за актуелноста и потребата од што поголемо нејзино присуство во било каква форма и облик. Секако дека уметноста е само еден од можните медиуми за „трансмисија“ на заедничките заложби и пораки за освестување и за грижа за проблемите со кои се соочуваме. Уметноста отсекогаш била отворен критичар на состојбите, но и алатка која во вонредни услови нуди една поинаква перспектива. За време на глобални превирања, историјата налага уметноста и уметниците да имаат повеќе значење од било кога. Уметничките дела создавани во време на чуми, војни, прогонства, политичка несигурност, миграции и природни катастрофи се значајни, почитувани, славени токму поради непосредниот однос со публиката и јазикот на кој се соопштува, воочува, критикува, реагира. Оттука, целта на оваа изложба и на многубројни други проекти на оваа тема се секако зголемување на еколошката свесност и отворена дискусија за причините, состојбите и последиците кои не чекаат доколку продолжиме со безкрупулозното уништување на природата, ресурсите и еко-балансот. 

 

МАРИЛИ: Дали сметате дека екологијата, како тема од културолошки аспект е доволно присутна во нашето секојдневие за да придонесе за подигање на екосвеста, особено кај помладите генерации? Дали токму тоа и беше целта на работилницата со деца која беше дел од изложбата? Што можеа да научат децата од уметничкиот израз, а што од практичната презентација?

ФРАНГОВСКА: За жал, кај нас ниту еко-свеста е на завидно ниво, ниту, пак, ангажманот на јавните институции кон работа, акции и проекти со кои би се делувало врз зголемување на едукацијата за изворот, проблемите и опасностите кои демнеат доколку не се преземат сериозни чекори за различни аспекти на екологијата. Во културолошки контекст е истата состојба. Не дека не се работи на оваа проблематика и дека не се превземаат одредени минорни акции, но, чинам дека замавот треба да е многу посилен, погласен, поагресивен, со цел да стигне до сите чинители на нашето општество, кај различен слој граѓани, кај различни генерации, кај различни професии, од работници до политичари и креатори на општествени платформи за заштита на животна средина и самоодржлив развој.

Едукацијата и љубовта кон природата, како и почитување на нејзините правила започнува од најмали нозе. Оттука, што поголемо присуство на екологијата во образовните програми и процеси е еден од главните чинители за градење на еколошки освестени генерации. Токму затоа и организирање разновидни проекти кои на понепосреден начин ќе работат со децата во контекст на пренесување на важноста од разбирањето на еко-балансот, како и процесите на ревитализација, рециклирање и реупотреба се клучни во нивното поимање на екологијата и сочувствување со и заштита на природата. Такви беа и едукативните работилници организирани во рамки на нашиот проект „Допирот“, насловени „Иднината е тука I и II“ со ученици од средни училишта, но и работилницата „Освестени“ со деца со потешкотии во видот и слухот.

 

МАРИЛИ: Вие бевте куратор на изложбата која имаше одлични поставки и современа уметничка визуелизација, несекојдневни споеви на уметност и наука, уметност и филм.... Колку време ја подготвувавте и кој Ви помогна во реализација на проектот?

ФРАНГОВСКА: Целиот проект се подготвуваше година ипол. Требаше да се реализира доцна есента 2020 година, но заради пандемијата на Корона-вирусот се пролонгираше и се отелотвори оваа година. За да се организира една вака комплексна изложба не ќе беше возможно без поддршката и грантот од Британскиот совет и „Лукс“, а потоа и од Министерството за култура, но, во реалност и на терен ништо не ќе беше возможно без согласноста и поддршката од мојата матична институција - Националната галерија на Република Северна Македонија, мојата директорка, д-р Дита Старова Ќерими и нашиот тим кој посветено и темелно помогна за и објектот Мала станица да се освежи инфраструктурно, но и организациски за сите аспекти (маркетинг, промоција, визуелна комуникација, пристапност итн.) да бидат на завидно ниво.

Оттука, ја користам оваа прилика и јавно да им се заблагодарам на сите чинители. Секако, сакам да ја истакнам и соработката со нашите факултети, со помош на кои остваривме одлични практични соработки, студенти од Американ колеџ го измислија бренд идентитетот на изложбата и ги издизајнираа сите маркетиншки алатки – плакат, каталог, банер итн. а, секако, морам да ја спомнам и соработката со Природно-математичкиот факултет, т.е. нивната Ботаничка градина, како и интердисциплинарната соработка помеѓу студенти од овој факултет со студенти од Факултетот за ликовна уметност од Скопје, преку која докажаа за неопходноста од воведување на интердисциплинарност како метод за добивање подобри резултати во секој сегмент од општественото битисување.    

 

МАРИЛИ: Што значат вакви интернационални изложби за македонската култура?

ФРАНГОВСКА: Меѓународните изложби имаат огромна важност, бидејќи преку нив ги следиме потврдените или најактуелни текови во уметноста во други центри во светот, а од друга страна, изложби кои вклучуваат и странски и домашни уметници покажуваат за степенот на локалниот развој на мислата, технологијата, концептите и секако актуелноста и релевантноста. Затоа е неопходно да имаме што повеќе меѓународни изложби за да се преиспитаме и да увидиме дека навистина имаме автори и креативци кои рамо до рамо можат да се носат со врни интернационални уметници и да ја афирмираат и претставуваат националната уметничка сцена во секоја уметничка дисциплина. 

 

МАРИЛИ: Националната галерија на РСМ е активна и функционира и во услови на пандемија, а своите активности ги спроведува со строги ковид-протоколи. Но, и покрај тоа посетеноста е доста голема. Дали тоа говори за зголемена глад за културни настани кај граѓаните?

ФРАНГОВСКА: Секако. Во пандемискиот период, кој се уште го живееме, успеавме да се реконципираме и да изнаоѓаме нови, алтернативни и поинакви начини за функционирање и комуницирање со публиката. Бевме поактивни на социјалните медиуми и се обидувавме да едуцираме, но и да анимираме и обремениме од секојдневните стравови и психолошки состојби. Откако карантинот измина и почнавме да се враќаме во новата реалност, се вративме и на физичкото организирање изложби и реална и жива комуникација со публиката. Стравот е се уште присутен, публиката не е се уште вратена онака како што би сакале да биде, но, согласно протоколите и мерките за наше безбедно функционирање и заштита на здравјето на граѓаните, задоволни сме од жедта на публиката за конзумирање на разновидните содржини кои ги нуди нашата институција. Интересот за „Допирот“ навистина беше неверојатен, а тоа е најмеродавниот фактор за релевантоста на темата, за квалитетот на содржината, за целисходното организирање и анимирање на публиката, како и за добриот маркенгшки пласман на потребните информации околу проектот. 

 

МАРИЛИ: Која е Ана Франговска приватно, што покрај уметноста Ве преокупира?

ФРАНГОВСКА: Уметноста ми е мене сѐ, и приватно, односно,  вонинституционално јас повторно се занимавам со неа, како независен куратор, како предавач - надворешен соработник на Институтот за историја на уметост и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, како организатор на меѓународната Ликовна колонија Галичник, како основач и член на Институтот за култура и уметност „Арс Акта“. Веројатно за тоа да биде така, највиновен, или најзаслужен е секако, мојот татко, академскиот сликар Нове Франговски (1939-2017), кој ме научи со какви очи да гледам на уметноста и културата и колку е таа важна во идентитетската определба на секој поединец и интелектуалец. Докторант сум на Факултетот за уметност и медии при Универзитетот „Сингидунум“ во Белград, Србија и во моментов ја подготвувам мојата докторска теза на темата „Трансдисциплинарност и трансмедијалност во македонската современа уметност како одраз на екологијата, технологијата и политиката“, што е многу тесно поврзана и со практичниот дел од оваа изложба – „Допирот“. 

Инаку, сум мајка на еден млад пубертетлија, имам 13 годишен син Дамјан, кој иако уметнички вдахновен и талентиран, сепак, во моментов е посветен на училиштето и на кошарката, што се покажува како особено важно во оформувањето на една здрава млада индивидуа. Она во што уживам се секако патувањата, посетите на значајни културни центри и институции, од каде се вдахновувам и се полнам со информации, идеи и сознанија. Комуникацијата со природата, исто така, за мене претставува ревитализација и полнење на батериите, па оттука уживам во дури и кратки предавања на речни, езерски, морски размени на енергија, но местото кое неверојатно ја прочистува целата моја духовност е Галичник, кој како наша културна мека има многу што да понуди и во полето на еколошката освестеност и во полето на културната дипломатија.

 

Фотографија: Денис Јагџи

 


Статијата е прочитана 1245 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско