Гарантирано чувство на безбедност со МДН Обезбедување

Интервју со Верица Милеска Стефановска, генерален менаџер на МДН Обезбедување – Скопје во кое зборува за дведецениското обезбедување приватни и деловни објекти, спортски, културни настани и други манифестации, за приоритетите што ги зацртала како долгогодишна претседателка на Комората за приватно обезбедување, но и за работењето на винарската визба „Валандово“ која е во сопственост на нејзиното семејство кое ја поседува и дестилеријата АНТИКА. Со особена гордост, пак, раскажува за коњичкиот клуб „Дона“, чии јавачи се одлично позиционирани на ранг- листата на Светската коњичка федерација

 

 

МАРИЛИ: Од кога постои МДН Обезбедување и со што сѐ се занимава? Каква е спецификата на оваа дејност и што треба да поседува оној што се занимава со обезбедување? 

МИЛЕСКА СТЕФАНОВСКА: Приближно две децении МДН Обезбедување е присутна на пазарот на приватно обезбедување, со богато портфолио на услуги за обезбедување приватни и деловни објекти, спортски, културни настани и други манифестации. Компанијата нуди и мониторинг-патролни услуги и изработка и инсталација на целосни технички решенија со најсовремена опрема и модерен Центар за обезбедување и надзор. Сите вработени се законски лиценцирани и дополнително за остварување на нашата визија за квалитет на услугата, кај вработените градиме специјализирани компетенции преку обуки за начин на примена на овластувањата, комуникациски вештини, професионален стрес, тимско работење. Раководниот кадар континуирано се едуцира на напредно ниво во сферата на менаџментот и управувањето со човечки ресурси. Сметаме дека со нашите професионални и стручни работници може да понудиме квалитетна услуга и да гарантираме чувство на безбедност, што е мото на нашата компанија и кое граѓаните го препознаваат и го признаваат.

 

МАРИЛИ: Вие сте долгогодишна претседателка на Комората за приватно обезбедување. Што подразбира оваа функција и што преземате за оваа дејност?

МИЛЕСКА СТЕФАНОВСКА: Како претседателка на Комората за приватно обезбедување повеќе од 10 години фокусот ми е насочен кон заштитата и унапредувањето на дејноста приватно обезбедување и интензивно се залагам за воспоставување и одржување ефикасна и ефективна комуникација и координација на нашиот сектор со релевантните безбедносни фактори. Наедно, инвестирам огромни капацитети во континуираното унапредување на вештините на вршителите на дејноста преку стручни, специјализирани обуки, изработка на прирачници и друга стручна литература од областа на приватното обезбедување.

 

МАРИЛИ: Во рамките на семејните бизниси се занимавате и со други дејности. Кажете ни нешто повеќе за тоа. 

МИЛЕСКА СТЕФАНОВСКА: Приватното обезбедување како бизнис е наша професионална пасија, меѓутоа пред неколку години решивме да се посветиме и на создавањето нови вредности како семејство. Оттука и нашиот ангажман во винарската визба „Валандово“. Лично сум горда што последниве четири години оваа визба, која го одбележува своето јубилејно 70-годишно постоење, сега е во сопственост на нашето семејство. Ние сме сериозно посветени во континуитет да го оправдаме нејзиното долгогодишно и успешно работење. Годишното производство од осум милиони литри вино е целосно наменето за извоз на европскиот пазар, но нашите амбиции се насочени кон зголемување на производствените капацитети и извоз на поголемата светска мапа. 

Во индустријата на производство на алкохолни пијалаци нашето семејство е сопственик и на дестилеријата АНТИКА, која во својата палета ги вбројува Антика 5 - Стара жолта ракија и Валандовска мастика, кои се пласираат на македонскиот и на европскиот пазар, но и во Австралија и во САД. Во тек е изградбата на нов производствен погон во Скопје за зголемување на капацитетите на дестилеријата.

Од друга страна, коњичкиот клуб „Дона“ го формиравме поттикнати од амбициите на еден од моите синови за професионално ангажирање во коњичкиот спорт, дисциплина прескокнување висински пречки. Иако овие спортови се малку познати во нашата јавност, јавачите на КК „Дона“ настапуваат на европски и на светски првенства и одлично се позиционирани на ранг-листата на Светската коњичка федерација (ФЕИ) и тоа на високо 27. место во светот и на 17. место во Европската Унија. Сепак, за нашето семејство КК „Дона“ е повеќе амбиент од кој ја црпиме позитивната енергија за време на викендите и за нас тоа претставува израз на љубов кон вистинските животни вредности. 

 

МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира и да се гради приватен бизнис што постојано се шири? 

МИЛЕСКА СТЕФАНОВСКА: На ова прашање вака ќе одговорам: со вредна работа, бессони ноќи и замор, многу жртви, но и уште повеќе задоволство и гордост со постигнатото, како и многу награди. 

 

МАРИЛИ: Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството? 

МИЛЕСКА СТЕФАНОВСКА: Женското лидерство е моја водечка мисла, мотивациска идеја и долгорочна аспирација што опфаќа различни аспекти на  промовирање и поттикнување родова рамноправност и зголемена улога на жената во сите сегменти на општественото живеење и работење. Сметам дека ние жените првенствено треба да вложуваме во своето надградување, професионално, лично, ментално, физичко и во секоја смисла. 

Исто така, подеднакво е важно сами пред себе и меѓу себе да си даваме поддршка и поттик за еднаквост и напредок. Токму тоа се фундаментите на мојата лична заложба и токму поради тоа во Комората се организираат различни форми на дебати на тема женско лидерство, обуки и форуми кога жените имаат можност да се вмрежуваат, меѓу себе да разменуваат знаења, искуства и практики. Ова е областа во која дефинитивно ќе продолжам да се вложувам, со тенденција за надминување на стереотипите и тивката дискриминација во сферата на безбедноста и повидлива позиција на жената во приватното обезбедување.


Статијата е прочитана 1124 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско