Омилен професор е оној што игра важна улога во животот на студентите

Интервју со Маја Кузмановска, директор на Бизнис академија Смилевски – БАС во кое детаљно ги објаснува студиските програми што се нудат, зборува за практичната настава, за функционирањето во услови на ковид-криза, за соработката со други високообразовни институции, за нејзините почетоци во БАС, но и за издадената прва книги подготовката на втората, како и за тоа што значи да се биде успешна деловна жена

 

МАРИЛИ: Што се нуди Бизнис академијата Смилевски - БАС, какви студии и студиски програми има и колку трае студирањето? 

КУЗМАНОВСКА: Бизнис академија Смилевски - БАС е акредитирана високообразовна установа која нуди додипломски и постипломски студии. Студиската програма Бизнис менаџмент на додипломските студии е атрактивна и современа. Внимателно ја подготвивме во согласност со светските студиски програми бидејќи сакаме на нашите студенти да им понудиме применливо и практично знаење кое ќе можат да го применат како во домашни, така и во странски компании. Студиите траат три години. Студентот се стекнува со 180 кредити, а звањето кое го добива е дипломиран бизнис менаџер. Истото нуди широка перспектива за вработување, бидејќи моментално е многу атрактивно на пазарот на труд во делот на планирање, организирање и водење на тековните оперативни процеси во компаниите. Како профил, бизнис менаџерот има потреба од познавања во повеќе полиња и тоа: менаџмент, бизнис, планирање и економија. А студиската програма е конципирана токму на начин кој овозможува студентите и теоретски и практично да се стекнат со компетенции што ќе ги направат конкурентни на пазарот. Моментално се работи и на подготовка на нова студиска програма за додипломски студии, Маркетинг менаџмент, која е во финална фаза.

Дел од студиската програма е и студентската пракса која се спроведува во текот на студиите, задолжително еднаш неделно, континуирано во текот на тригодишните студии. Преку неа студентите прават поврзување помеѓу теорија и праксата, а истата е наменета за редовните студенти. Праксата се изведува преку посебно изработена програма која ја спроведуваат координаторите за теренска студентска практика. 

Една од суштинските цели на БАС е препознавање и наградување на најдобрите матуранти што имаат афинитети и предиспозиции за развивање менаџерски вештини. За таа цел, секоја пролет БАС организира натпревар за доделување стипендии во висина од 20 до 100 проценти од школарината на што сме особено горди. Дури и во периодот на пандемијата најдовме начин како да го организираме овој натпревар. Особено оваа година одѕивот беше навистина голем, а тоа само е потврда дека сме на вистинскиот пат.

На полето на постипломските студии БАС нуди едногодишни акредитирани студии по Стратегиски менаџмент преку кои студентите се стекнуваат со дополнителни 60 кредити. И оваа студиска програма е внимателно конципирана, а завршува со подготовка на специјалистички труд од областа на стратегискиот менаџмент. Дополнително се работи и на нова студиска програма од областа на Стратегиски менаџмент на човечките ресурси. И таа е во завршна фаза. 

Вреди да се спомене и Центарот за кариера кој им помага на нашите студенти да си ја откријат професијата која е најсоодветна на нивниот тип на личност и професионални предиспозиции. Исто така, од 2014 година БАС е дел од Еразмус + програмата која овозможува размена на студенти и кадар со земјите кои се дел од оваа програма. Искуството кое се стекнува е непроценливо.

Едногодишната програма за надзорнички менаџмент е специјално креирана за македонски компании кои имаат потреба од професионално обучени линиски менаџери и супервизори во своите оддели. Истата овозможува стекнување со 70 ЕКТС и соодветен сертификат кој ги потврдува знаењето и компетенциите со кои се стекнал кандидатот. 

Студентот е во фокусот на вниманието и целиот тим на БАС се труди да излезе во пресрет на сите барања кои се во согласност на нашите можности и капацитети. Главна водилка е нашата мисија „секој студент е своја приказна“ по која се водиме повеќе од 10 години за сите наши студенти (редовни, вонредни и постипломци). Потврда за тоа е стилот на настава кој е автентичен по начинот на кој се имплементира преку посебна методологија која бара интеракција и максимална вклученост на секој студент. А, секако, тука се и основачите кои ни ја даваат максималната поддршка.

МАРИЛИ: Дали  образовниот процес вклучува и некаква задолжителна пракса, имате ли соработка со компании компатибилни на профилот што се образова во БАС? 

КУЗМАНОВСКА: Праксата е задолжителен дел од нашата студиска програма која во континуитет се спроведува во текот на целите студии. Девизата по која се водиме е „подготвеност за работа од првиот работен ден“. Ова ни дава за обврска внимателно да ја подготвиме програмата за пракса и внимателно да ги избереме партнерските организации кои се соодветни на нашата студиска програма. Истовремено се избираат и обучуваат ментори на кои ја доверуваме одговорноста за професионалниот развој на студентите во текот на нивните посети. Имено, секој студент поминува повеќе од 100 дена практична настава во повеќе партнерски организации. Тоа е направено врз основа на специјално дизајнирана програма од страна на координаторите. Првиот дел од праксата е наменет за групни посети на компании кои имаат за цел да ги запознаат студентите со самите партнерските организации и начинот на кој тие работат во најопшта смисла на зборот. Веќе во вториот дел од праксата, секој студент си добива ментор и конкретна партнерска организација во која преку индивидуално организирани средби поактивно се вклучува во работниот процес. И на крајот, ги вклучуваме во континуирана целодневна феријална студентска практика во времетраење од 15 работни денови што им овозможува активно да се вклучат во секојдневните предизвици со кои се соочуваат различните сектори во компаниите.

Имаме бројни примери кои покажуваат дека праксата е одлична можност и за компаниите да идентификуваат кадри од нашите студенти кои подоцна ќе ги ангажираат за нивно трајно вработување. Особено сме горди на голем број студенти што добиваат понуда за ангажман уште за време на студирањето и тоа од компаниите во кои биле на пракса. Тоа ни е мотивација и инспирација и понатаму да вложуваме во практичната настава и генерално во сферата на високото образование. 

МАРИЛИ: Како функционирате во услови на ковид-криза?

КУЗМАНОВСКА: Мора да признаеме дека оваа пандемија не измести од комфор зоната. За многумина таа е „таинствен непријател“ што со брзина на светлината ја освои територијата на целиот свет. Се соочивме со едно „лудило“ кое поттикна низа етички и морални прашања. Но, како што вели Дарвин: „Не преживуваат најсилните видови, ниту најинтелигентните, туку оние кои најбрзо ќе одговорат на промените“. Па така, оваа криза ја доживеавме и се уште ја доживуваме како можност за промени. Ова не поттикна со забрзано темпо да ја доусовршиме дигиталната платформа на која веќе работиме од самите почетоци.

Имајќи во предвид дека здравјето е приоритет број еден, во најголемиот пик на кризата целосно преминавме на онлајн настава, бидејќи секој експеримент може само да ни наштети. Мора да признаеме дека ваквиот начин на работа не беше лесен, особено што нашата студиска програма бара интеракција и физичко присуство, пред се, во делот на решавање реални проблемски студии на случај. Сепак, успеавме со помош на нашата ИТ поддршка да ги разгледаме сите алатки кои ни ги нудат платформите на кои работиме (moodle и zoom) и да овозможиме наставата да се одвива непречено. Ги следиме сите промени кои се случуваат и доколку не се создадат услови за настава со физичко присуство и оваа академска година, повторно наставата ќе се одвива онлајн. Сепак, онлајн комуницирањето ни донесе и некои придобивки од аспект на заштеда на време и можност за комуникација со партнери на кои оддалеченоста и работните обврски не им дозволуваат да бидат дел од нашите активности. 

Оваа година во организација на БАС и БАС Институтот за менаџмент се одржа 7. стручен симпозиум чиј фокус беше во насока на актуелните случувања: „Успешни практики во време на пандемија и идни менаџерски предизвици“. Настанот беше организиран онлајн и помина беспрекорно. Во рамките на панел дискусијата „Менаџерски муабети“ учествуваа гости кои се наоѓаат на клучни позиции во познати македонски компании. Несебично пренесоа дел од своето искуство дури и на ваков начин. Вредни за споменување се уште три настани кои ги организиравме онлајн и тоа: свечена промоција на делото „Личен менаџмент“ на моите драги колешки Даниела Карадаков и Гордана Тасевска. Промоција на автобиографското дело „Сеќавања за иднината“ на нашиот ментор, учител, колега, професор и еден од основачите на БАС, проф. д-р Цветко Смилевски. Инспиративни настани кои имаа масовна посетеност. И на крај, како поголем настан кој вреди да се спомене, а беше поинаку организиран од претходно, виртуелното доделување дипломи. И уште голем број состаноци и деловни средби кои беа онлајн организирани.

Секако дека ни недостасува физичкиот контакт зашто дава поинаква енергија и ги буди сите сетила. Но, подготвени сме да одговориме на сите предизвици кои ни следат, бидејќи кога здравјето е во е прашање тогаш нема компромис.

Сакам да истакнам дека БАС функционира на две локации, Скопје и дисперзирани студии во Битола. Но ние беспрекорно работиме тимски и сплотени на сите активности. Оваа година конзорциумот ДЕТРА, БАС И БАС ИМ слават јубилеј од 30 години активна работа во полето на менаџментот. И токму оваа година сите активности ќе бидат во насока на одбележување на оваа годишнина која е вредна да се сподели. Ова е само доказ на нашата посветеност во делот на создавање вистински вредности во областа на образованието и бизнисот.

МАРИЛИ: Соработувате ли со други високо образовни институции од нашата земја, но и пошироко? 

КУЗМАНОВСКА: Постојано сме во комуникација и соработка како со домашни, така и со странски високообразовни установи (ВОУ). Вклучувањето во Еразмус + програмата ни отвори нови хоризонти и можности за соработка со странски ВОУ. Ќе споменам само дел од земјите со кои соработуваме, а тоа се: Хрватска, Словенија, Бугарија, Унгарија, Србија, Албанија и други. Пред пандемијата испративме студенти на размена во Хрватска. Знаењето и искуството кое го понесоа од таму е непроценливо. Потврда за тоа е интересот за студиски престој на наши студенти и оваа година. Целата комуникација и координација ја води еразмус координаторот. Тој воспоставува контакт и ја води процедурата од избор, испраќање студенти/кадар, следење на нивниот престој во странската ВОУ и пречекување назад во матичната установа.

Имав чест да бидам на позицијата еразмус координатор повеќе години пред да дојдам на функцијата директор. Оваа функција бара огромна посветеност и ангажираност, а од друга страна има многу обемна документација. Но, нуди и многу можности и патувања. Работата со млади амбициозни луѓе е благодет. За мене, тие се непресушен извор на инспирација. Се трудам да излезам во пресрет на сите барања. Целото мое искуство кое го имам во врска со Еразмус + програмата несебично го пренесувам на мојот помлад колега кој за кратко време се вклопи во оваа приказна, а јас понатаму стојам на располагање за совет. Веќе во план се неколку работни посети од страна на административниот и наставниот кадар на БАС, но сепак ги следиме случувањата со пандемијата и чекаме да се стабилизира состојбата. Активно сме вклучени во сите клучни акции и постојано соработуваме со нашата Национална агенција за европски образовни програми кои години наназад ни даваат огромна поддршка. Соработката продолжува и понатаму.

Во однос на нашите ВОУ, сакам да ја истакнам соработката, особено со приватните високообразовни установи. И покрај тоа што сите делуваме во иста дејност, секоја установа си има свои специфичности и конкурентска предност, а желбата и подготвеноста за соработка ја има кај сите.

МАРИЛИ: Вашата моментална функција е директор на БАС. Од кога сте дел од Академијата и на какви позиции сте биле досега во Вашата кариера? 

КУЗМАНОВСКА: Од февруари оваа година ја вршам функцијата директор на Бизнис академија Смилевски - БАС. Но, БАС за мене е втор дом, бидејќи вратите за прв пат ми беа отворени уште во 2011 година и од тогаш до денес секое утро станувам со радост и не ги бројам часовите кои ги поминувам на работното место. Својата кариера како асистент ја започнав уште во 2007 година на еден од универзитетите во Македонија. Во БАС започнав како надворешен соработник. Мојот потенцијал го препознаа основачите и мојата драга колешка која во тоа време беше на позицијата директор. Звањето доктор по економски науки ми овозможи да се вклопам во студиската програма на БАС во повеќе предмети од областа на економијата и маркетингот. За кратко време се отвори можност да бидам дел од постојаниот кадар и од 2013 година станав и редовно вработена. Низ овие години имав можност да се вклучам во многу активности и проекти. Повеќе години сум дел од организацискиот и програмскиот одбор на стручниот симпозиум кој се организира од страна на БАС. Вклученоста во овој проект разбуди кај мене нови видици, а истовремено разви нови вештини и компетенции. Особено сум горда што станав тимски играч не само за овој проект, генерално и за сите активности и проекти кои ги спроведуваме. Како што споменав и погоре, долго време ја вршев и функцијата еразмус координатор, а согласно на неа и функцијата ЕКТС координатор или координатор за трансфер на кредити,  каде заедно со членовите на комисијата задолжена за трансфер вршевме проверка на компатибилност помеѓу нашата и студиската програма од каде доаѓа студентот кој има желба да се префрли во БАС. Активно секоја година сум дел од натпреварот за стипендии во кој со моите колеги вклучена сум во подготовка на сценариото и во реализација на целиот проект.

Мојот професионален развој во БАС помина низ сите фази на избор во наставни звања, од предавач, виш предавач и на крај професор на висока стручна школа. Заради конфликт на интереси, моментално ја вршам само функцијата директор и секако професор, но стојам на располагање кај сите колеги несебично да го споделам акумулираното искуство од сите функции на кои до сега сум била.


МАРИЛИ: Имате издадено една книга, а во подготовка е и втора. Кажете ни нешто повеќе околу тоа!

КУЗМАНОВСКА: Моја специјалност во која имам магистрирано и докторирано е маркетингот. Во ова поле години наназад се едуцирам и доусовршувам. Посетувам настани, семинари и форуми кои ми овозможуваат да бидам дел од сите новини во оваа област. Во 2017 година заедно со мојата колешка Дијана Ивановска Пржо ја издадовме нашата прва книга „Маркетинг - теорија и практика“ во која го спакувавме целокупното наше знаење од оваа област. Книгата е напишана на лесен и разбирлив начин согласно нашиот стил на настава. Истовремено, изобилува со многу примери од праксата.

Особено се радувам на соработката која ја имавме со наши македонски компании кои ни дадоа ексклузивно право преку фотографии и студии на случај да го доближиме нивното работење до студентите. Консултирана е домашна и светска литература која ја преточивме во интересна содржина што го задржува вниманието. Но, времето брзо поминува, промените во областа на маркетингот се движат со брзина на светлината и веќе размислуваме на ново ревидирано издание во кое ќе ги вклучиме и дигиталните трансформации во оваа област.

Но, во моментов приоритет ни е втората книга која ја пишуваме повторно со колешката Дијана Ивановска Пржо, а носи наслов: „Грижа и однесување со потрошувачите“. Потрошувачот е најголемиот предизвик во маркетинг концепцијата. Се започнува и завршува со него. Како што вели Махатма Ганди: „Тој е најважниот посетител во компаниите. Не зависи тој од нас, туку ние од него“. Сето ова не инспирираше подлабоко да навлеземе во неговата психологија на личност. Да ги истражиме неговите пориви и желби, влијанија, доминација и однесување. И токму овие размислувања не доведоа до подготовка на овој учебник кој е во завршна фаза на подготовки и со нетрпение очекуваме да се испечати, оти подоброто познавање на потрошувачите води до поголема грижа кон нив. А во овие услови на хиперпродукција и конкуренција на пазарот, грижата за потрошувачите е врвен приоритет на секоја компанија. 

МАРИЛИ: Избрана сте за омилен професор од УНИЦЕФ. Кога и како се случи тоа?

КУЗМАНОВСКА: Во 2017 година во организација на УНИЦЕФ и Смарт ап лабораторијата за социјални иновации беше спроведен проект „Мојот омилен професор“, за извонредни залагања во образованието, високата професионалност и самоиницијативност, особена посветеност и внимание кон учениците. Во него, секој ученик/студент имаше можност преку „виртуелно“ писмо јавно да му оддаде почит и признание на професорот што му го променил животот или одиграл важна улога во неговиот живот. На мое огромно задоволство, голем дел од студентите на БАС ме имаа номинирано за омилен професор. Искрените зборови во нивните писма се потврда за мојата посветеност кон оваа професија и поттик за понатамошни подвизи. Искреноста, ентузијазмот, радоста и желбата за успех кај студентите се моја движечка сила. Затоа се трудам секогаш да вратам со иста мера. 

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна деловна жена и како ги балансирате професионалните со приватните обврски?

КУЗМАНОВСКА: Во моментов главна инспирација ми е изјавата на Usain Bolt кој вели: „Тренирав 4 години за да истрчам 9 секунди, а луѓето се откажуваат кога нема да видат резултати за 2 месеци.“

До успехот не се доаѓа преку ноќ. Тој бара многу работа, трпение, посветеност и љубов, пред се, кон она што се работи. Никогаш не треба да заборавиме од каде сме дошле и со кого сме комуницирале. Успехот е признание за минатиот труд и поттик за идните цели. За жал, денес сме преплавени со многу литература која не подучува како да станеме успешни, па неместо на содржината како да стигнеме до таму, ние се фокусираме само на целта. Да се тргне по патеката која ќе те однесе до успехот бара многу амбиција, работа, добра организација, поддршка, откажување од многу задоволства и многу храброст. Но, самиот поим успех е субјективен и различно се доживува. Па оттука, и успешна деловна жена е секоја онаа која успеала да се победи самата себе.

По природа сум човек што е умерен и не ги форсирам работите. Во оваа професија влегов доброволно, со многу љубов и желба да успеам. И ден денес работам со истиот жар и ентузијазам како и првиот работен ден. За мене успех е кога ќе дојде студент да ми каже дека сум ги променила неговите видици, сум ја променила визијата, сум го поттикнала да размислува на поинаков начин или едноставно позитивно сум влијаела. Но, балансот помеѓу професионалните и приватните обврски е многу тешко да се направи од едноставна причина што како професори нашето работно време не завршува со напуштање на работното место. Од друга страна, домот и децата бараат подеднакво внимание и посветеност. Велат, учителот тешко излегува од улогата без разлика дали е на работа или дома. Се трудам да изградам здрав однос со децата. Денес, во овој модерен начин на живеење во кој младите поставуваат нови вредности, предизвик за секој родител е да воспостави квалитетна комуникација и пријателски однос. Мојата ќерка која оваа година почнува со студии е мојот најголем критичар и поддршка. А синот е седмо одделение. И сите имаме различни активности и обврски, но секогаш наоѓаме време за разговор и дружење. Со мала доза на креативност и добра организација успешно се справувам со недостигот на време. Чувствувам должност да ги споменам и родителите кои се моја најголема поддршка во животот и бескрајно сум им благодарна за секој мој успех.  


Статијата е прочитана 1602 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско