Бизнис вести

Македонски Енергетски Форум: Македонија е лидер во Западен Балкан во однос на зелената трансформација

понеделник, 13 септември 2021

Северна Македонија е лидер во Западен Балкан во однос на зелена трансформација. Ја правиме првата енергетска транзиција во регионот на една термоелектрана во капацитет кој ќе произведува електрична енергија со фотоволтаици што претставува пример за земјите од Западен Балкан. Ова го истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на дводневниот „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“, кој по четврти пат се одржува во Скопје.

Зборувајќи за изградбата на фотонапонска централа во ТЕЦ „Оломеј“ и за Законот за стратешки инвестиции Заев нагласи дека вкупниот капацитет на досега проектираните фотонапонски централи е 1.500 мегавати, како и 550 мегавати ветерни централи.

„Учеството на реномирани енергетски компании, како германската ВПД, француската ЕФТ, но и компании од Словенија, Бугарија …, покажува дека добро сме ги спровеле правните реформи и законската регулатива и дека се е во согласнот со европските правила“, рече Заев.

Тој истакна дека Северна Македонија во целост го поддржува европскиот зелен договор и зелената транзиција и ја нагласи помошта која што земјата ја добива од Европската комисија во однос на дијагнозата за праведна транзиција и како таа успешно да се спроведе и во нашата земја.

„Зелената транзиција нема да биде успешна доколку не е праведна. Односно, доколку во целиот процес не се земат во предвид и човечката димензија, како и економските и социјалните аспекти“, нагласи Заев.

Оваа година темите на МЕФ се фокусирани кон мапирање на енергетската транзиција и ги опфаќаат клучните предизвици на секторот енергетика не само за македонската држава, туку и за регионот и целиот континент, кои се однесуваат на Зелената агенда, екологијата и заштитата на животната средина.

Покрај премиерот Заев, воведни обраќања на Форумот имаа и американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз, шефот на Делегација на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир и директорот на ЗИП Институт, Агим Селами.

Предвидено е на Форумот да се одржат засебни панел-сесии на кои креаторите на политиките, лидерите на енергетските компании и експерти од оваа област од целиот свет ќе дискутираат за важноста на енергетиката, како и за предизвиците на одржливиот развој.

Македонски Енергетски Форум започна во 2018 година како иницијатива за дијалог помеѓу Северна Македонија и САД во областа на енергетиката.

 

 

Содржината е прочитана 59 пати.