Од 1 ноември се отвора нова сезонска авиолинија од Женева до Скопје

„Изиџет“ (еasyJet), водечката европска авиокомпанија според мрежата на авиолинии отвора нова авиолинија, овој пат од Женева до Скопје, информираат од ТАВ Македонија откако авиокомпанијата го најави воведувањето на оваа воздушна конекција.

Новата авионска линија ќе биде сезонска, од 1 ноември 2021 до 25 март 2022 година и со неа главните градови на Северна Македонија и на Швајцарија ќе бидат поврзани три пати неделно, односно секој понеделник, четврток и петок.

Авиобилетите се пуштени во продажба преку веб-страницата на „Изиџет“ https://www.easyjet.com/en, со цени што почнуваат од 1 476 денари за еден правец.

Како што изјавија од „Изиџет“ (easyJet) оваа нова сезонска авиолинија ќе им овозможи на клиентите да ги посетат своите семејства и пријателите, или да го откријат градот на раскрсницата на Балканот, богат со повеќе влијанија, како и со бројни културни и природни локалитети.

По Цирих и Базел, Женева ќе биде третата дестинација од Швајцарија со која Меѓународниот Аеродром Скопје ќе има воздушна конекција.

Од ТАВ Македонија се задоволни од одлуката на авиокомпанијата „Изиџет“ да влезе на македонскиот авијациски пазар со отворање нова авиолинија Женева–Скопје и покрај тековната глобална криза во авиосообраќајот предизвикана од Ковид-19 и фактот дека многу земји сè уште имаат рестрикции за авионските патувања.  


Статијата е прочитана 511 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско