Интервјуа

Насушна потреба е 24-часовна грижа за старите лица

вторник, 31 август 2021

Интервју со Даниела Дабеска, сопственик и генерален менаџер на Дом за стари лица „Дабески“ во кое зборува за новоотвораната установа „Резиденција Дабески-ЛУКС“ во Кисела Вода во која приоритет е холистичкиот пристап кон корисниците на услугите и каде функционира и дневен центар за корисници, за работењето во услови на пандемија, но и за нејзиниот ангажман како активист за женски права и формирањето на Балканската женска асоцијација, чиј прв производ е поттикнувањето на женското претприемаштво

 

МАРИЛИ: Вие сте сопственик и генерален менаџер на Домот за стари лица „Дабески“ кој успешно работи веќе 10 години, а на почетокот на оваа година отворивте и нов објект. Кажете ни нешто повеќе за тоа, кои се неговите предности, но и за новитетите што им ги обезбедува на оние што престојуваат во домот? 

ДАБЕСКА: Оваа година „ПУСЗ Резиденција Дабески“ го прошири капацитетот за сместување корисници што имаат потреба од аспект на социјална и здравствена грижа и нега и ја отвори на новата установа. „Резиденција Дабески-ЛУКС“ се наоѓа во Кисела Вода на ул. „Тодор Паница“ бр. 2. Концептот и методологија за работа во новата установа се идентични како и во установата во Сопиште. Одлуката за отворање нов дом се должи на постојаната потреба и барање за сместување на корисници што имаат потреба од 24-часовна социјална и медицинска асистенција. Холистичкиот пристап кон корисниците на нашите услуги секако е приоритет во работата и во новиот дом. Разликата помеѓу двете установи е локацијата, едниот дом е лоциран во природна средина, малку оддалечен од градот, а другиот е сместен во урбана средина. На овој начин овозможуваме да одговориме на сите потреби, односно сега корисниците имаат можност да одлучуваат која локација им одговара повеќе на нивните потреби и каде сакаат да ги користат нашите услуги.

Во однос на внатрешниот ентериер „Резиденција Дабески-ЛУКС“ располага со еднокреветни, двокреветни соби со сопствен тоалет и апартмани што се наменети претежно за брачни парови. Во однос на новитетите во работата на „Резиденција Дабески-ЛУКС“ е ставањето во функција на дневниот центар за корисници, кој подразбира грижа за корисници на дневно ниво со одреден период на часови по желба на корисникот и, всушност, тоа е комбинирано живеење во домашни услови и во установа. Другата новина е во однос на физиотерапијата, покрај кинезитерапијата, програмата се дополнува со електротерапија и акупунктура. Верувам дека со оваа комбинација на веќе воспоставен модел на работа што функционира долги години и новитетите што се вклучени во новата установа на нашите корисници ќе им се обезбеди удобен престој и ќе ја оправдаме нивната доверба и одлука да ги користат услугите на нашиот дом.

 

МАРИЛИ: Како се справувате со пандемијата, со оглед дека работите со стари лица, колку беше напорно за нив, но и за Вашиот персонал?

ДАБЕСКА: За жал, цела планета се соочи со невидлив непријател што предизвика катастрофални последици. Уште на самиот почеток „Резиденција Дабески“ ги презеде сите можни мерки за заштита и ургентно направивме протокол за работа во нови услови. Воведовме карантин најпрво во однос на посетата, потоа организиравме карантинско работење на персоналот. Сето ова е проследено со строги мерки за заштита. Работењето во вакви услови е тешко, а животот во вакви услови е уште потежок. На нашите корисници секако им е најтешко бидејќи долг период беа одделени од семејствата. Но еве сега доаѓа топол период, така што ќе ги менуваме и протоколите во однос на посетата, односно кога временските услови се добри може да се организира посета во надворешни услови, секако со сите запазени мерки за заштита.

 

МАРИЛИ: Вие сте претседател на Шелтер центарот за правата на жените во Македонија. Колку долго сте активист за женските права и какви се Вашите интернационални искуства? 

ДАБЕСКА: Повеќе од две децении сум активистка за женските права. Во тој период се здобив со големо познавање во областа на женските права и, исто така, верувам дека со голем ангажман на ова поле имав влијание во делот на подигнувањето на јавната свест за родовата рамноправност и заштитата на правата на жените. Паралелно се случуваа и многу контакти, запознавања и добри пријателства со профилирани жени во оваа област од речиси цел свет. Последната иницијатива на ниво на Балкан е формирањето на Балканска женска асоцијација, чиј основач сум и јас, а прв производ на оваа асоцијација е поттикнувањето на женското претприемаштво и за таа цел ја создадовме ЖЕНСКА КНИГА, всушност, тоа е состав на 60 споделени успешни животни приказни на 60 жени претприемачи од цел Балкан. Ковид-19 имаше влијание и во однос на издавањето на книгата, но наскоро ќе биде објавена и достапна.

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што значи континуирано успешно да се менаџира и колку наградите и признанијата се поттик на патот до успехот?