Култура

Заврши јубилејното 60.издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“

понеделник, 30 август 2021

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” синоќа заврши јубилејното 60.издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Поетските читања поради пандемијата се одржаа на летната тераса во хотел „Дрим“, а не на Мостот на поезијата, како што е традиција.

Годинава наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби поетесата Лидија Димковска за збирката „Гранична состојба“, додека наградата „Мостови на Струга“ му беше врачена на српскиот поет Владан Кречковиќ за збирката „Париз-Тексас“.

Лауреатката, добитничка на „Златниот венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи, поради пандемијата не присуствуваше на Фестивалот, но го најави своето присуство за следната година.

„Зад нас е уште едно издание на ‘Струшки вечери на поезијата’ во вондредни, пандемски околности. Се надевам дека ова е последен пат да се реализира во вакви околности. Сметам дека со оглед на целата ситуација можеме да бидеме задоволни од изданието затоа што, за разлика од лани, успеавме да донесеме петнаесетина странски поети кои имаа настап, помал дел од нив се претставија преку видеочитања, а домашните поети беа претставени во живо. Освен препознатливите програмски содржини имавме меморијално чествување на доајените на македонската поезија Богомил Ѓузел и Анте Поповски, а во рамки на програмата на СВП беше промовирано и специјалното, монографско издание со избор од поезијата и кратката проза на Блаже Конески“, рече директорот Тодорче Тасевски.

Фестивалот традиционално ќе заврши со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи денеска во Музејот на современа уметност со почеток во 21:30 часот.

 

 

Содржината е прочитана 65 пати.