Од денеска задолжително ќе бидат тестирани сите што ќе влегуваат во Грција со негативен тест

Патниците што влегуваат во Грција од 16 земји меѓу кои и Северна Македонија, а немаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од имунизацијата или потврда за прележан Ковид-19, односно патуваат со негативен ПЦР или рапид тест, задолжително ќе бидат тестирани при пристигнувањето, а негативниот резултат е предуслов за влез во земјата, јави дописничката на МИА од Атина. Задолжителното тестирање е само за оние што патуваат со негативен тест, а не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци. 

Оваа дополнителна мерка е вклучена во новата министерска одлука на грчката Влада „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19″, што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а стапи во сила во 6 часот утрово.

Во однос на неопходните документи за влез во Грција кои се поврзани со Ковид-19 нема промени и исто како и во изминатите три месеци потребен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест, или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар.

 

Единствената промена се однесува на „сите патници, независно од државјанството и начинот на влез кои во Грција пристигнуваат од државите: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција” , а предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР и рапид тест на влезните точки во Грција.

Дополнително задолжителен документ за влез во Грција е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Оние кои ќе бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите. Ако резултатот е позитивен, предвиден е 10-дневен карантин, а во случај да се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.

На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР тест.

Лицата што патуваат заедно со потврдените случаи имаат можност да се вратат во својата земја истиот или следниот ден, под услов добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во текот на 24 часа и да носат маска Н95 додека патуваат.

Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите шест месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице, без да се тестираат или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР тест.

Доколку блиските контакти се вакцинирани или прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР тест при влезот во земјата.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 до 5.000 евра.

Новата одлука е со важност до следниот петок, 3 септември 2021 година во 6 часот наутро.

Пренесено од МИА


Статијата е прочитана 675 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско