Култура

Затворена ретроспективната изложба по повод 110 години од раѓањето на Димче Коцо

среда, 25 август 2021

Денеска се затвора музејско-ретроспективната изложба која, по повод 110 години од раѓањето на претставникот на современата македонска уметничка сцена, Димче Коцо беше отворена цели 64 дена во објектот Чифте амам на Националната галерија. Со проектот беа опфатени сите техники на уметничкиот израз на овој универзален уметник, цртежи, акварели, сликарски платна, скулптури и таписерии, а голем број од нив беа за прв пат претставени на уметничката сцена.

Како основоположник на македонското музеолошко наследство, втемелувач на модерната историографија и основач на катедрата за Историја на уметноста при Филозофскиот факултет во Скопје Коцо ги поставува фундаменталните почетоци за безвременска европска вредност. Тој има огромен придонес како научник, историчар, уметник, автор со исклучителен и карактеристичен ликовен јазик, нескротлив истражувачки дух, кој целиот свој животен и творечки век го посвети на музејската дејност.

На последниот ден изложбата ја посетија министерката за култура, Ирена Стефоска, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и министерката за труд и социјална политика ,Јагода Шахпанска.

„Националната галерија, години наназад редовно вклучува јубилејни одбележување, со цел да го сочуваме споменот за големите автори и да го премостиме просторот и времето меѓу нивното реално физичко постоење и духовното опстојување во колективната меморија на нашиот народ.

Благодарни сме на сите кои ја посетија оваа изложба и го споделија сопственото уметничко доживување“, велат од Националната галерија.

 

 

Содржината е прочитана 70 пати.