Интервјуа

Успешен е оној доктор што никогаш не престанал да учи

вторник, 17 август 2021

Интервју со д-р Горица Дачевска, специјалист по дерматовенерологија, генерален менаџер на ПЗУ „Др. Горица“ во кое зборува за најсовремениот ласерски апарат Candela Gantle Lase Pro наменет за трајна ласерска епилација, хиперпигментација, васкуларни промени, а во Македонија го има единствено во оваа приватна здравствена установа, за нејзината заложба оној што веќе еднаш бил во ПЗУ „Др. Горица“ да дојде повторно и со сета доверба да се препушти на тимот, како и за нејзината среќа  доколку со личниот пример успее да охрабри и да поттикне некоја жена да вложи во себе и да започне со свој бизнис

 

МАРИЛИ: Какви дерматолошки проблеми се решаваат во ПЗУ „Др. Горица“? Кажете ни нешто повеќе за најсовремениот ласерски апарат со кој располагате и за што е наменет?

ДАЧЕВСКА: На почетокот да споменам дека дерматовенерологијата не е тука да решава само проблеми туку има и една многу благородна улога да дополнува, надградува, разубавува и секако, пред сѐ, да дијагностицира, па потоа да решава / лекува проблеми. Накратко ќе споменам дека тука сме за сите медицински дерматолошки третмани по најсовремени методи на пристап и третирање, естетски цели за регенерација на површинскиот и на длабинскиот слој на кожата. Во мојата практика досега сум се сретнала со различни дерматолошки компликации и ретки дијагнози. Бидејќи многу си ја сакам професијата, верувајте, со целосна посветеност му пристапувам на секој пациент или клиент во ПЗУ „Др. Горица“.

Што се однесува до најсовремениот ласерски апарат, можеби ќе звучи нескромно, но среќна сум што сум единствена во Македонија, а на Балканот има само неколку како мојот. Станува збор за Candela Gantle Lase Pro, ласер што е произведен во САД. Компанијата работи повеќе од 20 години и таа е најдобра за медицинска опрема во светот. Апаратот е наменет да се користи за трајна ласерска епилација, хиперпигментација и васкуларни промени. Самиот третман со апаратот е безбеден, ефикасен и безболен.

 

МАРИЛИ: Колку е важно да се следат современите текови во работењето во Вашата дејност и колку често организирате едукации за Вас и за Вашиот тим за таа цел?

ДАЧЕВСКА: Секако дека е многу важно да се следат сите новитети, технолошки достигнувања и препарати во дерматовенерологијата. Исто така, неопходно е да се следат и некои нови форми на заболувања. Ние, докторите, постојано се надградуваме со знаење. За нас важи правилото дека е успешен оној доктор што никогаш не престанал да учи. Како што вложувам во себе, во знаење и во технологија, така вложувам и во својот тим со кој имам беспрекорна доверба и соработка. Редовно ги следиме обуките што нудат некои нови пристапи, третмани, техники и технологии. Јас и мојот тим сме чести гости на семинари и обуки. Исто така, заедно со тимот одам таму каде што ќе ме поканат како предавач. Поради состојбата со Ковид-19 претходната година беше многу тешка за сите нас, пандемијата ни ги забави плановите, ни ја оптовари работата, а обуките и семинарите се организираа онлајн. Сега работиме под строги хигиенски правила и прописи и имаме голем обем на работа, одговорност и стрес зашто сме многу внимателни во пристапот.

 

МАРИЛИ: Што значи да се работи во услови на криза со Ковид-19 и како пандемијата се одрази врз Вашата работа? Колку беше тешко успешно да се менаџира во еден таков период, со оглед дека Вашата ординација продолжи континуирано да работи?

ДАЧЕВСКА: Да се биде медицински работник во период на пандемија е навистина тешко. Најпрво ќе започнам од сопствените стравови како мајка, сопруга, ќерка и, пред сѐ, како доктор. Секојдневниот контакт со најразлични пациенти во канцеларијата е ризик сам по себе. Јас и мојот тим ги почитуваме сите стандарди и со препорачани средства за заштита (маска, визир, медицински ракавици, скафандер и сл.) применуваме заштита за себе и за пациентите. Соочени со нешто ново, на почетокот на пандемијата бевме многу исплашени и претпазливи. Стравот сѐ уште  постои, некако научивме да го менаџираме, но претпазливоста и хигиената сѐ уште се на високо ниво.