Магични звуци на флејта и пијано со грчките уметници Тарпагос и Харитиду на „Охридско лето“

Звуците на флејтата и пијаното што вчеравечер одекнуваа во катедралната црква „Света Софија“ донесоа нова и возбудлива вечер на „Охридско лето“. Грчките уметници, флејтистот Захаријас Тарпагос и пијанистката Валерија Харитиду ја воодушевија публиката со својот специјално избран репертоар за фестивалот и вештината со која владееја на своите инструменти.

И двајцата настапија првпат на фестивалот, но како што рекоа, се изненадени од нивниот престој во Охрид.

„Ова е прв концерт како рецитал после периодот кога бевме затворени заради пандемијата, но интимноста и помалиот број публика направија да се чувствуваме толку многу посебно. Почестен сум и многу изненаден од организираноста на овој фестивал. Од висококвалитетната организација, до врвните уметници, се е на време, што нам многу ни олеснува. Плени црквата ‘Св. Софија’ која е стара околу илјада години и која преку фреските на ѕидовите раскажува приказни од минатото. Што се однесува до акустиката, таа е прекрасна и е еден вид на магија, во склоп со енергијата и вибрациите кои ги дава оваа црква. Си замислувам црква стара 1000 години низ неа поминале илјадници луѓе, 1000 приказни, молитви, голема историја“, рече флејтистот Захаријас Тарпагос.

И за пијанистката Валерија Харитиду, концертот во рамки на фестивалот „Охридско лето“ беше ново патување во светот на класичната музика, како што рече, во незаборавен амбиент.

„Многу сум возбудена поради ова волшебно место, оваа прекрасна црква. Многу сме среќни што сме тука и што во духот на оваа црква можеме да ја свириме нашата прекрасна музика. Имавме многу концерти низ светот, но поради пандемијата се се прекина. Се уште немаме некои конкретни планови за во иднина, но сме отворени за сите добри понуди“, истакна Харитиду.

Двајцата уметници кои допатуваа од Грција приредија волшебен микс на класична музика од различни столетија, од периодот на доцниот барок со  Јохан Себастијан Бах, потоа изведоа дело од синот на овој голем компоизтор, исто така одличен автор на класични дела, Карл Филип Емануел Бах од кого беше отсвирена Сонатата за флејта во  d-dur, потоа следуваше моцартовата Соната во moll.

Во вториот дел од концертот преовладуваше романтичната музика преку Сонатата за флејта и пијано „Удине“ од Рајнеке, која ја донесе прекрасната приказна за духот што излегува од вода и се вљубува во човек, заколнувајќи се дека нема да го бакне за да остане над водата, но, сепак, бива предаден од страна на човекот и останува засекогаш во водата. Крајот на прекрасната вечер на класична музика беше заокружен со дела од Сибелиус и Брамс.


Статијата е прочитана 522 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско