Култура

Вечерва се крева завесата на „Охридско лето“

понеделник, 12 јули 2021

61. издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворено вечерва на Античкиот театар во Охрид со почеток во 21 часот со спектаклот „Големиот Чајковски“ во изведба на Националната опера и балет на Република Северна Македонија

 

Завесата на годинешното 61. издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде крената вечерва на Античкиот театар во Охрид со почеток во 21 часот со спектаклот „Големиот Чајковски“ во изведба на Националната опера и балет на Република Северна Македонија.

Публиката ќе ужива во најубавите дела од рускиот композитор Петар Илич Чајковски, балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.

Грандиозниот проект на сцената на Античкиот театар ќе донесе над 90 уметници. Под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска ќе настапат балетските првенци Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет.

Од Националната установа „Охридско лето“ велат дека сѐ е подготвено за успешен почеток на уште едно фестивалско издание исполнето со 40-дневна квалитетна програма што ќе ја доловат врвни имиња од светот на уметноста.

„Годинава на фестивалот ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји. Горди сме, но истовремено чувствуваме и одговорност што ќе реализираме уште едно издание во услови на пандемија, кога е неопходно да ги спроведуваме сите здравствени протоколи издадени од надлежните.  Што се однесува до програмата, ќе понудиме возбудлив репертоар со квалитетни уметници и адаптирани сцени на кои ќе се испишува уште една успешна приказна во долгогодишната фестивалска историја“, вели директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ.

 

Најголемата музичко-сценска манифестација во земјава „Охридско лето“  се одржува под покровителство на претседателот на Република Северна  Македонија, Стево Пендаровски, а со поддршка на Министерството за култура и на Владата. Генерален спонзор е Македонски телеком, а Фестивалот е помогнат и од Општина Охрид, како и од бројни спонзори и помагатели. Заради реномето што го има изградено во текот на изминатите шест децении „Охридско лето“ е и дел од Европската асоцијација на фестивали. 

 

Содржината е прочитана 80 пати.