Раст за 16,5 отсто на индустриското производство во мај годинава

Индустриското производство во мај годинава е поголемо за 16,5 отсто во однос на мај лани, а кумулативно во првите пет месеци од 2021 во споредба со истиот период од 2020 бележи раст од 6 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2021 година има пад од 12 проценти во однос на мај 2020 година, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 27,2 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 27,9 проценти.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во мај 2021 година, во однос на истиот месец претходната година бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 34,0 проценти, кај Капитални производи за 44 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 61 отсто и кај групата Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11,6 отсто, додека опаѓање бележи кај Енергија за 43,5 проценти.

 


Статијата е прочитана 529 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско