Промовирани делата „Личен менаџмент“ и „Парктикум по личен менаџмент“ од проф. д-р Даниела Карадаков и проф. д-р Гордана Тасевска

Проф. д-р Даниела Карадаков и проф. д-р Гордана Тасевска вчера ги промовираа своите дела „Личен менаџмент“ и „Практикум по личен менаџмент“. За време на онлајн промоцијата владееше пријатна, позитивна и емотивна атмосфера каде промоторите споделија доста вредности поврзани за авторките и за самите дела.

„За мене тие се совршен спој на неспоивото. Велам совршен, оти како ткаен килим навезен заедно прават магија од зборови и слики.Создаваат уметност од мисли и дела.Нижат ѓердан од восхит и убавина. Велам неспоиво ... оти секоја е толку различна, уникатна и посебна, а сепак и двете однадвор цврсти ко карпа, а од внатре меки ко памук. Како две спротиставени, но истовремено комплементарни сили. Без надменост и супериорност. Како сенка и светлина. Сонце и месечина. Едноставно како јин и јанг“, истакна проф. д-р Маја Кузмановска, директорка на БАС, која од името на издавачот на делата – Бизнис академија Смилевски – БАС говореше и за своите колешки – авторките на делата

Рецензентите на делата се фокусираа на квалитетот и корисноста на истите, па така: проф. д-р Цветко Смилевски, универзитетски професор и еден од основачите на БАС, човекот што прв го воведува предметот Личен менаџмент во рамките на студиските програми на БАС, истакна

„Сакам да го искажам своето огромно задоволство што овој пат е овозможено на еден ваков настан делото кое што е создадено, значително да придонесе во позиционирањето на БАС и наставниците по овој предмет на мапата на современиот менаџмент на човечки ресурси, не локално, не регионално, туку и на светско ниво. Она што го одликува современиот менаџмент на човечки ресурси, во една своја димензија, е фокусирањето кон личниот развој, кон успешноста, кон заедничкото растење на поединецот и неговата заедница што го опкружува“.

М-р Ана Салтирова Давидовски, која е менаџер за човечки ресурси на АМСМ Македонија и НЛП тренер, како втор рецензент на овие дела истакна:

„Голем фан сум на личниот менаџмент и убедена сум дека не можеме да менаџираме ништо доколку првично не се менаџираме себеси. Реално сите сакаме да бидеме успешни, па во потрага сме по успешни стратегии, но се забораваат два пред чекора и тоа: состојбата од која што тргаме, првиот чекор, и вториот, што си правиме сами со себе муабет или внатрешниот дијалог што го водиме сами со себе. Овие две дела, односно вва едно дело во две корици, кои што одлично се надополнуваат даваат одговор, а даваат и на многу повеќе сегменти кои го сочинуваат личниот менаџмент, т.е. личниот развој“

Третиот рецензент, М-р Дејан Маџоски, кој во својот професионален свет е директор на секторот за човечки ресурси на НЛБ Банка Македонија, за делата кажа:

 „Делата се две неразделни половини во едно дело. Делото личен менаџмент нуди теоретски, но и практични работи. А Практикумот нуди се она што може да го искористите, да го извежбате да го пробате во лабораторски услови некогаш, со цел потоа во вистинскиот живот да знаеме како да го искористиме. Читајќи ги, уште пред другите да имаат шанса да ги прочитаат, сум импресиониран од содржината, од сé она што беше опфатено, од начинот како е склопено... Ова дело е нешто што  може да им помогне на читателите да го преземат, не само менаџментот и раководењето, туку и водството врз самите себе, врз својот развој, врз својот успех и врз својата судбина.“

Вистинската вредност на овие дела ја поддржа и организацијата „Раде Кончар – ТЕП“ од Скопје, која е спонзор на истите.

Авторките на овие дела се надеваат дека читателите ќе уживаат во личната себе-анализа и очекуваната трансформација и бенефит што треба да ги добијат по практикувањето на истите.

 


Статијата е прочитана 604 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско