Интервјуа

„Визиа“ прави офталмолошки прегледи со последна генерација компјутеризирана опрема

вторник, 29 јуни 2021

Интервју со д-р Саша Петров и д-р Жанина Петрова-Грајиќ, сопственици и менаџери на ПЗУ Центар за очи „Визиа“ во кое зборуваат за улогата на првиот центар за очи кој го провоцираше и го забрза развојот на офталмолошката хирургија во Македонија, за генерациите пациенти за кои „Визиа“ е конфирмиран стандард и гарантирана сигурност, како и за тоа дека личниот пример за успех, истрајност и храброст се најдобар начин да се покаже дека во животот сѐ се може ако има јасна цел и визија

 

МАРИЛИ: Д-р Петров, што значи да се биде авангарда во приватниот бизнис, особено во делот на медицината? Какви видови услуги може да добијат пациентите во Центарот за очи „Визиа“? 
ПЕТРОВ: Приватниот бизнис бара константно адаптирање кон пазарот и моментниот развој во технологијата и во медицината. Ние не го намаливме квалитетот на нашата работа низ сите овие 19 години постоење, туку напротив, го зголемуваме со купување нова опрема и перманентна едукација преку соработката со стручњаци од Париз. Пациентите во „Визиа“ можат да добијат комплетна офталмолошка услуга почнувајќи од најмала возраст преку кабинетот за страбизам, потоа сите офталмолошки прегледи со последната генерација на компјутеризирана опрема. Во нашата оптика можат да се изработат сите видови очила, понатаму, од оператива ги работиме сите патологии на преден сегмент од кои најчести се катаракта, глауком, анти-вгф и да не ја заборавиме рефрактивната хирургија. 

МАРИЛИ: Од денешна временска дистанција, според Вашето мислење, колку се реализира Вашата визија за работењето на Центарот „Визиа“?

ПЕТРОВ: Можам да бидам горд со успесите што ги постигнавме во „Визиа“. Ние се појавивме во време кога во нашата држава недостасуваше приватна очна хирургија, во далечната 2002 година, а во тој момент првпат покажавме еден друг амбулантски пристап на операциите за кои дотогаш пациентите мораа да лежат со денови во болниците. Со тоа го провоциравме и го забрзавме развојот на офталмолошката хирургија во Македонија. Денес веќе доаѓа втората генерација од оние први оперирани пациенти на почетокот и за кои сме конфирмиран стандард и гарантирана сигурност. А тоа е нешто што многу значи и за пациентите и за нас.

МАРИЛИ: Како се справувате во овој период со кризата со Ковид-19 и дали, и покрај сѐ, воведовте некои новини или апаратури што ќе го подобрат Вашето работење? 

ПЕТРОВ: Минатата година беше тешка за сите, па и за нас. На почетокот на епидемијата постоеше голема несигурност и моравме да преземеме максимални мерки за да се заштитиме и ние и пациентите. Успеавме да се приспособиме без комплетно да престанеме со работа со тоа што ја намаливме фреквенцијата на закажувања, ги воведовме сите препорачани заштити и мерки од Министерството за здравство, но и со логичен и едуциран пристап без непотребно малтретирање на пациентите. Брзата и ефикасна работа на сите вработени со помош на вкупната софистицирана опрема ни овозможи да бидеме продуктивни без долго задржување и ред на чекање.

 

МАРИЛИ: Како дел од семејниот бизнис на ПЗУ „Визиа“ кажете ни што значи континуирано успешно да се менаџира, колку знаење, надградба, следење на современата технологија, но и слух за потребите на пациентите се потребни?

ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Пред сѐ, сметам дека секој семеен бизнис има предност и предодреденост успешно да се развива и да се надградува затоа што фамилијарната поврзаност на партнерите овозможува подобро меѓусебно разбирање и дополнување, посебно како во нашиот случај кога се работи за брат и сестра. Ние се познаваме меѓу себе и точно знаеме кој од нас двајца во кој дел е подобар и на тој начин успешно се дополнуваме почнувајќи од решавање на секојдневните обврски и потреби, па сѐ до донесувањето на важни и клучни одлуки.