Бизнис вести

Здружението „Конект“ ги додели наградите за одржлив развој

четврток, 24 јуни 2021

Здружението „Конект“ ги додели наградите на предводниците на Целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals – SDGs) на компании, поединци и млади бизнис лидери од компании.

Награди им се врачени на ЕВН Македонија АД Скопје, Македонски Телеком, „Грин ИТ“ ДОО Скопје, „Алкалоид“ АД Скопје, „Пакомак“ ДОО Скопје, како и на Борче Стаменов од „Бидат Информатика“, Ивица Поцков и Никола Глигоров од „Луксико“ ДООЕЛ Свети Николе и Горјан Јовановски од „Моја Фирма“ ДООЕЛ Скопје. Признанија за придонес кон остварувањето на Целите за одржлив развој им е доделено на „Ван Хоол Македонија“ ДООЕЛ, „Кам Маркети“, „Макпетрол“ АД Скопје, „Макпрогрес„ ДОО, Меѓународни училишта „НОВА“, „Пивара Скопје“ АД, „СунСмарт Соларни системи“ Скопје, Цементарница „УСЈЕ“ АД Скопје и Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, како и на Ана Дангова Хуг од Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје, Ѓорѓи Трајковски од Македонски Телеком, Јасна Величков од „Арел Невромаркетинг“, Марија Георгиевска од Наша ТВ и Момир Поленаковиќ од „PricewaterhouseCoopers North Macedonia“ (PwC).

На вчерашното доделување на наградите беа присутни вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и постојаната координаторка на ОН агенциите во Северна Македонија, Росана Дуџак.

„Несомнено е дека токму ваквите иницијативи го мотивираат приватниот сектор се повеќе да се ориентира кон работа која позитивно влијае на општество и придонесува за остварување на овие цели. Искоренување на сиромаштијата и гладот, квалитетното образование, родовата еднаквост, чистата вода и околина и чистата енергија, намалената нееднаквост, достоинственото вработување и економскиот раст, иновацијата и одржливата заедница, борбата за справување со климатските промени, подобриот живот на копно и под вода, одговорната потрошувачка и производство, мирот и правдата како и партнерствата за постигнување на целите се наше заедничко мото и база според која мораме да ги ориентираме нашите приоритети, нашиот систем и начинот на којшто го градиме нашето општество“, посочи Битиќи.
„Конект“ ги доделува наградите за одржлив развој по втор пат во партнерство со Мрежата на Глобалниот договор во Република Северна Македонија. Наградените беа пријавени на отворен повик во текот на мај 2021 година.

 

Целите за одржлив развој се прифатени од сите земји членки на ОН и потребно е да се исполнат до 2030 година. Тие се акцискиот план на светот за фер глобализација и подобра иднина за сите.

Содржината е прочитана 87 пати.