Со едно застанување ќе се минува границата меѓу Македонија и Албанија

Со едно застанување ќе се минува границата меѓу Македонија и Албанија. Премиерите на двете држави, Зоран Заев и Еди Рама вчера, на маргините на Самитот на земјите од Западен Балкан чиј домаќин беше Албанија, го потпишаа Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Македонија и Албанија.

Воспоставувањето заеднички гранични и царински контроли ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на граничните формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за контрола. 

„Со потпишувањето на денешниот договор завршуваме еден сериозен процес на којшто работеа нашите Влади за да го отвориме ’one stop shop’ терминалот каде што нашите граѓани ќе го преполоват чекањето во делот на поминувањето на нашите граници, но, пред сѐ, ќе се создадат услови за остварување на четирите европски слободи за слободен проток на стока, луѓе, капитал на услуги“, рече премиерот Заев во своето обраќање по потпишувањето на договорот.

Премиерот на Република Албанија, Еди Рама потенцираше дека овој договор значително ќе го олесни движењето меѓу граѓаните на двете држави.

„Сакам и јавно да му се заблагодарам од сè срце на премиерот за неговиот енергичен пристап до крај и за неговата непоколеблива волја да го придвижи овој процес напред, како на билатерален аспект, така и на регионално ниво и, секако, ја користам оваа прилика да му се заблагодарам за неговото доаѓање и присуство овде заедно со целиот свој тим“, рече Рама.

 


Статијата е прочитана 494 пати.

Сподели: