УСАИД ќе и помогне на земјава во јакнење на економската конкурентност и намалување на корупцијата

Со 8,3 милиони долари УСАИД ќе помогне да се зајакне економската конкурентност, да се намали корупцијата и да се зголеми младинското учество во општествените текови во земјава. За таа цел денеска во Скопје беше потпишан Договор за грант за партнерство за развој меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија. Договорот беше потпишан од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими и претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.

Двете страни се обврзуваат заеднички да соработуваат за остварување на овие три клучни цели, а водечката улога ќе ја има Владата. 

Според министерот Бесими потпишувањето на денешниот договор е потврда за долгорочното партнерство со САД, а трите клучни развојни цели соодветствуваат со програмата на Владата и целите зацртани во Стратегијата за зајакнување на економијата, забрзан и одржлив економски развој.

„Минатата година, кога станавме полноправна членка на НАТО постигнавме историски напредок во нашата евроатлантска агенда која беше зацртана уште од осамостојувањето на државата. Сега ни претстои период кој е клучен за иднината на земјата. Примарно, тоа е надминувањето на предизвиците од Ковид за економијата, но истовремено и продолжувањето на реформската агенда за креирање подобар систем за просперитетна, силна и добро управувана држава која придонесува за регионалната стабилност и има европска иднина“, истакна Бесими.

Трите приоритети во договорот се избрани преку широк консултативен процес и се базираат на области кои ќе имаат најдолг позитивен ефект.

„Ваш најголем предизвик е корупцијата, една од најголемите ваши потреби е економскиот раст и стабилност, а ваша најголема надеж се младите. Корупцијата не само што го поткопува владеењето, туку ја саботира и економската конкуретност и можностите на младите во иднина“, порача американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

Корупцијата е област на која ќе биде посветено најголемо внимание бидејќи тоа е најголем предизвик не само во Северна Македонија, туку и многу други држави во светот. Претставникот на УСАИД во земјава гледа напредок во Северна Македонија во оваа сфера.

„Тоа може да се постигне со јакнење на институциите и работа со граѓанските организации, значи да се зголемат и очекувањата на граѓаните и граѓанските организации за отчетност и транспретност. Ова е суштински проблем не само во Северна Македонија, туку и во други земји во светот. Ќе продолжиме да соработуваме на ова поле“, порача Јаноски.

Пренесено од МИА


Статијата е прочитана 463 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско