Во С. Македонија ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирус

Германскиот производствен гигант за медицинска и фармацевтска амбалажа ја стартува работата во Северна Македонија со најава за уште поамбициозни планови. Започна првата фаза вредна околу 30 милиони евра и околу 350 вработувања, а за два до три месеци се очекува да биде донесена одлука за проширување на производствениот капацитет каде ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот кои се користат ширум светот. Доколку се реализира оваа најава, тоа ќе претставува досега најголема инвестиција во нашата држава.

Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел во разговор за „Дојче веле“ изрази задоволство од досегашниот тек на работите. Вели дека првата фаза која стартува со производство на специјални високо софистицирани навртки за шприцеви се одвива според плановите.

„Досегашната инвестиција е околу 30 милиони евра и во првата фаза опфаќа околу 350 вработени. Но, доколку ги постигнеме очекуваните резултати, идејата е инвестицијата да се прошири. Деталите за ова ќе бидат познати во наредните два месеца. Нашиот инвестициски план е во двоцифрена милионска сума и во насока на околу 100 милионска инвестиција. Сепак, прецизно не би можел се уште да кажам, бидејќи сме во фаза на разговори. Но, секако многу важно при носењето на конечното решение ќе биде и поддршката што ја добиваме од владата, која досега е многу добра“, изјави Бургел за „Доче веле“.

Поддршката и условите, но и брзината на реализацијата на она што било ветено од страна на македонските власти било пресудно „Гересхајмер“ да ја донесе одлуката за инвестицијата во Северна Македонија.

Во првата фаза од работењето, освен специјализираните навртки во план е и производство на катетри, но и уште неколку други т.н. аксесори за вакцините. За наредната фаза се предвидува готов производ, целосни стаклени шприцеви со игли подготвени за полнење. Тоа значи дека ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот.

Македонската Влада смета дека инвестицијата на „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 е од исклучително значење и тоа не само поради високата и софистицирана технологија, туку и заради новите вработувања што ќе влијаат на натамошно подобрување на севкупниот економски раст.

„Можам само да го истакнам моето очекување дека во скоро време ќе можеме да склучиме најголем договор за странска инвестиција во историјата на Северна Македонија. ’Гересхајмер’ само во првата фаза се обврза да отвори 200 работни места, а на среден рок да го удвои овој број. Нашите сограѓани кои работат овде веќе примаат плати двојно над државниот просек. ТИРЗ и оваа Влада се насочени кон компании со напредни технологии кои носат високо платени работни места кои ќе обезбедат добар животен стандард и се начин да им обезбедиме перспектива и иднина на младите дома, во својата земја“, изјави Јован Деспотовски директор на ТИРЗ- Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Потпретседателот на компанијата, Бургел е свесен дека ќе има потреба од високо едуцирани и квалификувани кадри, но, како што рече, подготвени се како компанија активно да се вклучат во процесот на дуален систем на образование, кој, по моделот на Германија, веќе две години активно се спроведува во нашата држава во соработка со некои од постојните инвеститори во земјата.

„Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Технологијата е високо софистицирана и обезбедува работа за висококвалификувани кадри кои се многу добро платени. Фабриката во зоната кај Скопје е прва во регионот на Југоисточна Европа. Најблиската фабрика на оваа германска компанија се наоѓа во Чешка. На глобално ниво, освен во Европа „Гересхајмер“ има производствени погони во Северна и Јужна Америка, но и во Азија. Во моментов компанијата вработува околу 10.000 луѓе, а годишните приходи се на ниво од приближно 1,4 милијарди евра. 

 


Статијата е прочитана 602 пати.

Сподели: