Федерација на фармери: „Пласманот и ниските откупни цении се уште се проблем број еден“

„Помина една од најтешките години за нас земјоделците. Штетите од корона-кризата беа огромни. Настанаа големи пазарни нарушувања, се соочивме со проблеми при откупот на зелката, јагнето, винското грозје, тутунот. Оваа година тоа не смее да ни се случи. Но, и натаму сме исправени пред голем број предизвици. Пласманот и ниските откупни цени се уште се проблем број еден, проблеми ни предизвикуваат и климатските промени кои го отежнуваат производството на храна, во некои региони се уште не е решено водоснабдувањето, продолжува и неуморната борба со големите откупувачки центри во повеќето земјоделски гранки“. Ова беше речено на Генералното собрание на Националната федерација на фармери (НФФ) што се одржа денеска онлајн.

ННФ апелира откупувачите навреме да склучуваат договори со производителите и согласно Законот за земјоделство до крајот на март да ги пријавуваат количините што планираат да ги откупат. Од надлежните, пак, бара навремена исплата на субвенциите и на поддршката од Програмата за рурален развој, како и ставање акцент, пред се, на регистрираните земјоделци кои се столб на македонското земјоделство и исплата на предвидените 20 проценти за нив во најбрз можен рок. 

„Апелираме најбрзо да се направи стратегија за справување со климатските промени во земјоделството кои се реалност повеќе од една деценија и во иднина ќе прават огромни штети. Пласманот и ниските откупни цени на земјоделските производи и натаму се проблем број еден. Затоа, уште еднаш го нагласуваме барањето да се почитува Законот за земјоделство во делот на навременото склучување договори и нивно почитување од двете страни. Очекуваме навремена исплата на субвенциите и мерките од Програмата за рурален развој како мерката за активен женски член од семејно земјоделско стопанство, за која имаше повик во 2019 година, а се уште не е реализирана. Посебен апел упатуваме до Владата и надлежните инстутиции 20-те проценти наменети за регистрираните земјоделци да се исплатат најбрзо што можат“, напомена  претседателка на НФФ, Васка Мојсовска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа повтори дека земјоделството е клучен сектор во македонската економија и многу значаен работодавач, посебно во руралните средини и истакна дека ковид-кризата покажа дека земјоделството и производството на храна се основа за опстанок.

„Земјоделството учествува со 8 отсто во вкупниот БДП, околу половина од вкупната површина на државата е земјоделско земјиште на кое преовладува растителното производство. Приоритет на МЗШВ е зголемување на земјоделските површини, приносот и квалитетот. Тоа значи поголеми приходи во сите семејства кои се занимаваат со земјоделско производство. Изминатата година видовме дека иднината на човештвото зависи од квалитетот на животната средина. Количината, квалитетот, безбедноста и достапноста на храна се основните потреби од кои зависи опстанокот на сите нас“, рече Хоџа.

Тој потенцираше дека земјава има почвени и климатски услови погодни за производство на храна со одличен квалитет, но, оти од друга страна ранливоста на земјоделскиот сектор е дополнително поттикната од недоволниот развој во руралните области, нивната депопулација, стареењето на населението и помалиот пристап до финансиски средства.


Статијата е прочитана 454 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско