Угостителската комора пресметa кои угостители колку треба да добијат од шестиот пакет мерки

„Со новиот пристап за надомест на штетите и загубите како резултат на носењето рестриктивни мерки со кои се забранува или ограничува работењето на угостителските објекти, Владата конечно ги прифати нашите континуирани сугестии и препораки и донесе посебен шести антикризен пакет наменет за угостителската индустрија кој полека се приближува до реалните и неопходните мерки неопходни за спас и одржување на овој сектор“, соопшти Независната угостителска комора (НУК).

Во очекување на правилниците и упатствата за начините на користење на шестиот сет економски мерки, НУК направи симулации на кои угостителски сектори колку од средствата ќе им бидат распределени.

Континуираното медиумско укажување од страна на Независната угостителска комора на Владата за несоодветните и селективни мерки за угостителите и угостителската индустрија конечно вроди со плод. Благодарение на медиумите за помошта и поддршката во исправања на неправдата нанесена на угостителската индустрија донесените мерки наликуваат на вистинските мерки за реална рамноправна и неселективна неповратна финансиска помош за сите угостители и угостителски работници. Да не се заборави дека со шестиот пакет мерки треба да бидат делумно опфатени и угостителските објекти со шифрата 55.10 кои во своето работење имаат угостителски дел за исхрана (ресторани) кои исто така за периодот кој се однесува мерката се затворени.

„Доколку една кафетерија со просечен број од 5 пријавени вработени во 2019 година правела просечен дневен промет од 40.000 денари, а во 2020 година 20.000 денари за периодот од 21 ден согласно мерка 3 од 6-иот сет мерки ќе добие неповратна финансиска помош за надомест на штета во висина од 286.000 денари. Доколку еден мал ресторан со просечен број од 8 пријавени вработени во 2019 година остварувал просечен дневен промет од 60.000 денари, а во 2020 година 30.000 денари за периодот од 21 ден, согласно мерка 3 од 6-иот сет мерки ќе добие неповратна финансиска помошо за надомест на штета во висина од 405.000 денари. Доколку еден сериозен среден ресторан со просечен број од 20 пријавени вработени во 2019 година остварувал просечен дневен промет од 100.000 денари, а во 2020 година 60.000 денари за периодот од 21 ден согласно мерка 3 од 6-иот сет мерки ќе добие неповратна финансиска помош за надомест на штета во висина од 808.000 денари“, наведува Комората.

Според НУК, доколку еден ресторан за настани (свадби, прослави, настани и слично) со просечен број од 20 пријавени вработени во 2019 година организиран 20 настани месечно со 200 луѓе и просечно мени од 930 денари (15 евра) по лице, согласно мерка 4 од шестиот сет мерки треба да добие неповратна финансиска помошо за надомест на штета за овие 21 ден во висина од 1.272.600 денари.

Ноќен клуб кој може да прими до 300 гости со просечен број од 10 пријавени вработени во 2019 година кој работел само петок, сабота месечно со просечен промет од 150.000 денари од вечер, согласно мерка 4 од 6-иот сет мерки треба да добие неповратна финансиска помош за надомест на штета во висина од 435.500 денари.

„Се надеваме дека симулациите на пресметките ќе коренсподираат со спроведувањето на шестиот сет мерки. Она што Владата не смее да го заборави е дека целокупната угостителска индустрија трпи континуирани штети од ограничувањето на работното време и посебните протоколи за работа со кои се преполовени можностите за прием на гости, со што целокупниот период од март 2020 година генерира смалени приходи и загуби. Ни останува уште заеднички со медиумите да ја исправиме неправдата што во континуитет ја прави Комисијата за заразни болести со несоодветните препораки и протоколи за работи кои ги носи самостојно и своеглаво без прифаќање на никакви укажувања, сугестии или консултации со угостителите и угостителскиот сектор“, истакнува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Пренесено од МИА


Статијата е прочитана 541 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско