Од денеска аплицирање за финансиската поддршка за плати од петтиот пакет мерки

Од денес па до 30. април фирмите и самостојните вршители на дејност можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март. Ова е дел од петтиот пакет мерки за што од Буџетот се издвоени 1,9 милијарди денари, или 31 милион евра

Како што истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес конференција денеска ќе бидат објавени правилниците согласно кои работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да достават барање до Управата за јавни приходи. Со овој пакет мерки ќе бидат опфатени околу 60.000 работници.

„Исплата на работниците ќе биде во распон од 14.500 до 21.770 денари по месец, во зависност од процентот на намалување на приходите на компаниите во претходните 3 месеци пред месецот за кој се поднесува барање, во однос на истиот период претходната година“, рече Бесими.

Тој појасни дека за намален приход од 30 до 40 отсто износот на финансиската поддршка е 14.500 денари, за намален приход од 40,01 до 50 отсто финансиска поддршка до 15.955 денари, од 50,01 до 60 отсто финансиска поддршка ќе изнесува до 17.410 денари, од 60,01 до 70 отсто следува поддршка до 18.865 денари, за намалување од 70,01 до 80 отсто финансиска поддршка до 20.320 денари и за пад на приходот од над 80 проценти износот на финансиска поддршка е до 21.776 денари.

Министерот нагласи и дека 50 проценти од исплатената помош ќе се трансформира во грант, без никакви услови. За оние, пак, кои во текот на годината ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе биде трансформирана во грант-средства

Бесими, исто така посочи дека денес во Владата ќе биде разгледан шестиот пакет мерки, за кој јавноста ќе биде дополнително известена.

 


Статијата е прочитана 489 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско