Туристичките работници ќе се приклучат на протестот на угостителите

 

Туристичките работници во вторник ќе им се приклучат на угостителите на протестот и ќе останат на улица се додека не бидат исполнети нивните барања за спас на дејноста која е пред колапс.

Тие бараат итна неповратна помош од Владата, ваучерите од кампањата „Дома си е дома“ да бидат задолжително искористени преку туристчките агенции и да се смени одлуката за ваучерите за нереализраните патувања поради ковид-кризата, односно, наместо до 31 декември годинава важноста на овие ваучери да се продолжи до 31 декември 2022 година.  

Туристичките агенции бележат пад на прометот од 80 до 100 проценти, интересот за патување е сведен на минимум, а реализацијата на направените аранжмани е неизвесна поради секојдневното менување на одлуките во државите поради пандемијата. 

„Интересот за патување е сведен на минимум, речиси и да не постои. Падот на прометот кај сите турстички агенции е над 80 проценти, а кај големиот дел и 100 проценти. 2021 беше годината кога сите се надеваме дека ќе се вратиме во нормала, меѓутоа, за жал, се покажа дури и полоша од претходната. Континуирана помош од страна на државата нема. Гледаме што се случува во петтиот пакет мерки и тоа не можеме д го поднесеме“, изјави денеска на прес-конференција Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора.

Барањата, како што истакна Алексова се реални и засновани на големите штети што ги трпи овој сектор за време на корона кризата.

„Ова ни е потребно за опстанок во ова време. Барања за помош досега неколку пати се доставувани до надлежните институции и затоа од вторник, 20 април ќе се приклучиме на протестот на угостителите и ќе останеме пред институциите се до моментот додека не бидат прифатени во целост“, рече Алексова.

 


Статијата е прочитана 588 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско