Компаниите од секторот на организација на настани од понеделник излегуваат на протест

Компаниите што работат во секторот организација на настани (организатори, изнајмување на опрема за озвучување, осветлување и сценска опрема, видео и аудио продукции како и техничка поддршка на настаните) од понеделник излегуваат на протести.

„До сега бевме тивки, но не натераа да станеме гласни“, велат од Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП, разочарани од односот на надлежните и немањето слух да се помогне на оваа индустрија.

Оваа дејност не работи повеќе од една година, нема јавни настани, концерти и други случувања каде има масовно собирање, а како што велат од ИВАП, нема надеж ниту дека состојбата наскоро ќе се смени, со оглед на моменталната ситуација со пандемијата.

„Но, исто така јавноста треба да знае дека овие компании добија нула денари помош од државата. И покрај сите наши барања, дописи, молби за помош, Владата остана глува, а ние невидливи во сопствената држава. Од друга страна, сведоци сме дека некои други сектори повеќепати беа помогнати со грантови и друга помош. Но, според официјалната статистика на Централниот регистар, нашиот сектор има пад на промет од 62,103 проценти за 2020 година и тоа е можеби највисокиот пад споредено со другите индустрии“, велат од асоцијацијата.

Тврдат дека чекале цела година Владата да го препознае нивниот сектор и да ги согледа загубите.

„Не правевме скриени и тајни настани, не го загрозувавме јавното здравје, но заради нашата конструктивност на крајот го загрозивме опстанокот на нашите фирми. Веќе немаме што да изгубиме, приморани сме нашите права да ги бараме на поинаков начин! Од понеделник излегуваме на улица. До сега бевме тивки, но не натераа да станеме гласни! Ќе останеме на улица се додека не ја добиеме помошта што ја бараме и која ја заслужуваме“, посочуваат од ИВАП и ги повикуваат сите колеги кои работат во овој сектор, но и сите други придружни дејности без кои оваа индустрија не може да постои да им се приклучат на протестот.


Статијата е прочитана 544 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско