Бесими: „Проекциите за првиот квартал се покажаа како реални, а не како амбициозни“

Приходната страна на Буџетот има раст од 4,4 проценти, даночните приходи бележат раст од 5 проценти, а даноците се наплатени во висина од 27,8 милијарди денари, или се за 6, 2 отсто повисоки во однос на истиот период лани

 

„Предвидовме буџет кој мислевме дека ќе ги следи економските прилики. Имаше многу дискусии дали тие бројки се реални или не. За среќа, за нашата економија тие проекции за првиот квартал се покажаа не како амбициозни, туку како реални“, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, кој заедно со премиерот Зоран Заев и економскиот тим на Владата го презентираа збирниот ефект од четирите пакет мерки и реализацијата на Буџетот.

Приходната страна на Буџетот, како што истакна, има раст од 4,4 проценти, даночните приходи бележат раст од 5 проценти, а даноците се наплатени во висина од 27,8 милијарди денари, или се за 6, 2 отсто повисоки во однос на истиот период лани.

„ДДВ-то е со наплата од 13,1 милијарди денари и е повисоко за 11,4 отсто во однос на првото тримесечие лани, данокот на добивка имa наплата од 3,1 милијарди денари и е на ниво повисоко за 5 отсто во однос на лани, увозните давачки се наплатени во износ од 1,870 милијарди денари и се повисоки за 10,4 отсто во однос на истиот период лани, персоналниот данок на доход е на скоро исто ниво како и лани, со раст од 0,8 отсто и наплата од 4,4 милијарди денари и придонесите се наплатени во износ од 16,3 милијарди денари и се на повисоко ниво во однос на првите три месеци лани за 3,3 отсто“, нагласи Бесими.

Расходите се извршуваат редовно и во рамки на проектираното. Раст има и кај капиталните расходи кои се реализирани скоро со 4 милијарди денари или 16,6 отсто во однос на планираното за целата година.

Буџетскиот дефицит е понизок за 7,4 проценти во однос на првото тримесечје минатата година, што, според министерот се должи на добрата реализација на приходите.

„Остварено е пониско ниво на дефицитот како резултат на добрата реализација на приходите. Односно, дефицитот е само 1 процент од БДП доколку се исклучат каматите, односно, примарниот дефицит е само 0,7 проценти од БДП“, посочи Бесими.

Охрабрувачки, според него, се податоците во март кога наплатата на приходите е 17,3 милијарди денари, или за 14,2 проценти е повисока во однос на истиот месец лани. Повисока е и наплатата на даноците за 19,5 проценти. Наплатата кај ДДВ-то е 29,5 отсто повеќе во однос на лани, раст има кај персоналниот данок за 12,5 проценти, а расте и наплатата на акцизите со 12,6 проценти и на увозните давачки за 46 проценти.

Проекцијата за економски раст од 4,1 процент за годинава, како што оцени Бесими, е реална.

„Ние сме реални и сме свесни за предизвиците кои ги носи пандемијата. Се уште сме во период кога пандемијата е активна на светско ниво и кај нас. И од тој аспект ние работиме и ги следиме евентуалните ризици и предизвици што доаѓаат од пандемијата, но затоа нагласувам дека основа и предуслов за реализација и на планот за забрзан раст е заздравувањето на економијата. На тоа сме фокусирани секојдневно“, истакна Бесими.

Важна улога, според него ќе има и Планот за финансирање нa забрзан раст во однос на зголемувањето на бројот на работни места, како и зголемување на капацитетите и инвестициите не само во приватниот, туку и во јавниот сектор.

Пренесено од МИА

 


Статијата е прочитана 524 пати.

Сподели: