Успешноста секогаш ја припишувам на образованието и истрајноста да се сменат работите

Интервју со Дита Старова Ќерими, директор на Национална галерија на Република Северна Македонија во кое зборува за тоа што значи континуирано успешно да се менаџира институција од областа на културата, за перманентната активност и многубројните настани организирани и во услови на ковид-криза, за самостојната изложба во 2020 инспирирната од булката, за тоа дали и колку личниот успех може да биде пример за успешноста на жената во професијата и менаџерството во нашата земја, за идните планови

 

 

МАРИЛИ: Како уметник, но и како успешен менаџер во областа на културата внесовте препознатлив дух на работа и перманентна активност, па и во услови на ковид-криза Вие успевате да организирате многу настани. Што би издвоиле од нив? 

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Самата помисла дека музеите беа затворени и постоеше временска неизвесност, желбата да истраеме и сепак да ја одржиме жива културата нѐ впрегна со сила. Себеси се сметам за уметник кој во симбиоза со поставените приоритети и во постојана координација со вработените успешно ги менаџирам трите објекти со активности. Некои од светските музеи се уште затворени поради кризата. Но, водејќи се од идејата дека нашата институција има можности да истрае, согласно сите протоколи, докажавме дека сме успешни со одлични проекти. Националната галерија на Република Северна Македонија, како особено активна институција во доменот на културата и уметноста во нашето општество, особено активно се вклучи во надминување на кризата предизвикана од ширењето на пандемијата и активно осмислуваше нови форми на функционирање и активности во виртуелниот свет, на веб-сајтот и на социјалните мрежи. Оттука, нашите тимови мошне активно работеа на нови, вонредни проекти кои беа актуелни, ја славеа уметноста, ги поддржуваа уметниците, а притоа ја анимираа публиката со цел олеснување на кризните состојби на духот низ кои минувавме. Во тој период се сработија неколку проекти како серијал на „Изолациски дневници“ со рецентни уметници, потоа серијал описи на дела од колекцијата „Од ризницата на Националната галерија“, „На денешен ден“ итн. Во меѓувреме, за време на корона-кризата Националната галерија на Република Северна Македонија доби и еден мошне вреден подарок, донација од словенечката авангардна група IRWIN, дигитален печат од проектот „Нов светски поредок“. Сето ова укажува на нашиот нескротлив ентузијазам и желбата и во секоја новонастаната ситуација да се излезе со нови искуства и сознанија.

Во изминатиот период ги реализиравме проектите:

–Моника Мотеска, „Везење на каменот“ –2.декември 2020, Чифте амам (Изложба и продукција, видео, фејсбук-најави, медиумска промоција);

– Конкурс за млади уметници –Мала станица–10 декември 2020, (Спроведен конкурс, продукција на дело, каталог, онлајн активност на Фејсбук, видео);

– Конкурс за зрел уметник –Мала станица–10. декември 2020 (Спроведен конкурс, продукција на дело, каталог, онлајн активност на Фејсбук, видео);

– 30 години творештво на Решат Амети – октомври 2020, Даут-пашин амам (Монографија, текстови, онлајн изложба, видео, маркетинг кампања);

– Биге Кочишта – септември, Чифте амам (Каталог, плакат, видеонајава, медиумска кампања);

– Изложба на Атанас Атанасоски „Пејзажни фасцинации 20“ – јуни –септември 2020 (Каталог, плакат, фејсбук-анимирање, видеодокументарци, медиумска кампања) итн.

 

МАРИЛИ: Ова е Ваш втор мандат на чело на НУ Национална галерија на Северна Македонија. Што значи континуирано успешно да се менаџира институција од ваков вид, со какви предизвици се соочувате и колку е важна поддршката од државата за тоа?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Континуираниот успех има име - организација. Во работата секој чекор мора да биде јасно дефиниран за да имате добар преглед и да ги усовршувате стратегиите. За што треба да се грижиме? Да си поставиме приоритети, да ги делегираме обврските и да рационализираме сѐ со ладна глава.

На работа, заборавете на вашиот натпреварувачки дух. Доброто дело придонесува за добра атмосфера и останува врежано во сеќавањата на луѓето. Не мора да бидете осамен воин само за да се издвоите од колегите.

Успешноста секогаш ја припишувам на образованието и истрајноста да се сменат работите. Главниот мотив е промена кон подобро. Ние сме мала држава со релевантни имиња во минатото.

По природа сум голем оптимист и водена со голем ентузијазам. Секој може да направи големи промени доколку искрено ја работи својата работа. Вториот мандат го сфатив со поголема одговорност, бидејќи беа започнати големи проекти, како реконструкција на Мала станица како еден битен објект на Националната галерија, како и на куќата на Лазар Личеноски, за кој оваа година славиме 120 години од раѓањето и се надевам дека до крајот на годината достојно ќе го одбележиме овој значаен јубилеј во неговата куќа. Кога искрено ќе се посака нешто, се отвораат железни врати за да се оствари. Секојдневната административна динамика не е секогаш лесна за менаџирање. Склопена е од различни профили и структури кои понекогаш знаат да ја отежнат работата. Искрената комуникација е клуч за сѐ, па и јас како директор еднакво се вклучувам во секојдневните разговори.

 

МАРИЛИ: Што ќе издвоите како најзначајно што сте го реализирале во Вашиот прв мандат, а какви се плановите за во иднина, особено ако се има предвид неизвесноста што ја носи ковид-кризата?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Многу се радувам што Галеријата го врати својот сјај преку интервенциите во Даут-пашиниот амам, отворањето на првата продавница посветена на артиклите на Галеријата, како и со реновирањето на Чифте амам благодарение на американскиот грант, изложбената активност со звучни имиња како Мазев, Лазески, Кастрати и многу други. За 2021, исто така, планираме богата активност благодарение на големата поддршка од Министерството за култура. Тие ја увидоа нашата заложба за време на пандемијата и нѐ поддржа со големи проекти, како Димитар Кондовски, Васко Ташковски, Зографски, Димче Коцо, претставување на светскиот уметник Олег Кулик, на современата косовска уметница Заке Прелвукај и многу други...

 

МАРИЛИ: Во 2019 година ја добивте наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. Колку наградите се важни и претставуваат поттик за натамошната работа?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Морате со сите умствени и креативни сили да се грижите да останете достојни на предизвикот. Верувам дека со мојата сликарска наобразба: учењето сликарство во Париз во најраните години од животот, потоа школувањето во престижното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“, студиите по сликарство и магистерските студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, како и докторската дисертација од областа на историјата на уметноста, ќе бидат основата да бидам и останам на нивото на нашата престижна институција. Кога раководите една институција каква што е Националната галерија, на чие чело се наоѓал и великанот на македонското сликарство и сликарството воопшто Никола Мартиноски, свесни сте дека за достојно остварување на задачата, на мисијата што ви е доверена, покрај образованието, сликарската дарба, секако потребно е и нешто друго: да ги обедините позитивната енергија, емпатијата, знаењето на другите во заедничка акција. Наградата „13 Ноември“ колку што е лично признание толку можам да ја сметам и како признание за целиот колектив со кој работам во Националната галерија.

 

МАРИЛИ: Националната галерија во вашиот период бележи успешна соработка и со медиумите, особено од областа на културата. Колку сте задоволни од нив?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Живееме во време на трансформација на медиумите и доминација на електронските медиуми (портали, блогови и слично). Би можела да речам дека сме свесни за овие промени и секогаш ни е приоритетна брзата и ефикасна медиумска комуникација, особено во пренесувањето на вредностите од нашите галерии до секој љубител на уметноста. Нашите изложби се секогаш квалитетно одбележани со посебно чувство за големите изложби (Мазев, Борко Лазески, Кастрати, Спасе Куновски, Вангел Наумовски, Томо Шијак, Танас Луловски, Решат Амети, Невзат Кица, Мифтар Мемети, Драган Попоски Дада..., многу тематски изложби со дела од колекцијата и други од помладата генерација). Тргнувајќи од креативната претпоставка дека „самиот живот би можел да се смета за вечна изложба“ со иманентна и закономерна хармонија која останува траен предизвик на уметникот, но и на галеристот кој мора секогаш да биде најблиску до тајните на уметноста,медиумите, особено електронските ја шират „изложбата на животот“ правејќи ја достапна до сите.

 

МАРИЛИ: Колку сликарството како творештво беше присутно лично кај Вас во овој период во кој сте професионално многу ангажирана? Кон крајот на 2020 имавте самостојна изложба инспирирана од булката. Колку долго ги подготвувате овие сликарски дела?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Мошне е тешко кога еден уметник се наоѓа и во улога на селектор на националните и светски вредности што ѝ се прикажуваат на публиката, да мисли и на своето творештво. Но, сепак, кога како сликар и уметник се наоѓате на чело на една врвна институција од областа на сликарството и уметноста, не треба да го запрете внатрешниот креативен порив. Мојот творечки сликарски немир е од полза за моето раководење со Галеријата, и обратно. Уметникот е во постојана потрага. Така е и во мојот случај. Додека се справувам со менаџирањето на големиот број изложби во Галеријата, често се изолирам и отворам можности за моите творби. Мојата последна изложба, одржана неодамна во Скопје, е од тематски карактер, инспирирана од црвениот цвет на булката. Познато е дека црвената боја содржи над 400 нијанси, а една од нив е црвената боја на булката. Нејзината боја е поврзана со метафората на војната, редок предизвик за еден сликар. 

 

МАРИЛИ: Кои се Вашите најзначајни претставувања како ликовен уметник во Македонија, но и надвор?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Во Македонија имав неколку претставувања пред да станам директор во Националната галерија, во Музејот на современата уметност, во КИЦ и др. А, надвор од државата - во Њујорк, Париз, Турција...

 

МАРИЛИ: Вие сте и професор на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ колеџ – Скопје. Што предавате и колку Ве исполнува едукативната работа со младите луѓе?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Постои една изрека според која во уметноста не е доволно да создаваш, туку е битно да пренесуваш. Јас по вокација сум сликар, но мое постојано работно место е професор по цртање на Архитектонскиот факултет при Универзитетот Амарикан колеџ во Скопје. Свесна сум дека занаетот се учи, додека уметник се станува секој ден. Андре Малро има забележано дека уметноста е најкусиот пат од човек до човека. Но како да се мине и открие тој пат? Василиј Кандински ќе рече дека уметноста е моќ чија крајна цел е да се разбере и продлабочи човечката душа. Овие премиси беа водечки во мојата неколкугодишна сликарско-педагошка вокација. Има низа аспекти од доменот на цртањето, особено техниката, кои се разбира, се учат врз основа на дарбата. Според еден сликарски педагог, кога некој ќе има диплома за сликар, ќе има слика, но не и гаранција за уметник. Се разбира, можеби пресудна е дарбата, која не е многу податна за дефинирање. Но, кај секој човек постои атом дарба кој треба да се открие и да се стави во дејство со другите атоми...

 

МАРИЛИ: Што за Вас претставува сликарската уметност на која го посветувате верно и сестрано овој дел на животот останувајќи воедно вредна мајка и сопруга? Дали е лесен патот да стигнете до посакуваната цел во уметноста?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Една од основните детерминанти на сликарската уметност е како да го изразите невидливото преку видливото. Се вели дека секоја сликарска линија има свој зачеток во духот, во мислата. Втората, неопходната фаза на постоењето на сликата и нејзината потврда е кај консументот. Ежен Делакроа, знаменит француски сликар тврдеше дека при сликањето се воспоставува еден вид мистериозен мост помеѓу душата на сликарот и душата на гледачот. Крајната смисла што ја има уметноста е радоста, човековата радост. Само таквата сликарска уметност може да тежнее кон универзалното. 

 

МАРИЛИ: Сметате ли дека личниот успех може да биде пример за успешноста на жената во професијата, менаџерството и лидерството во нашата земја?

СТАРОВА-ЌЕРИМИ: Кога се третира вечната тема за реалацијата маж – жена во нашата цивилизација, посебно на Балканот и во овој негов дел, не би можела да се одрече традиционалната мајоризација на мажот за сметка на жената. Иако овој сооднос се менува во позитивна смисла за жената, сепак, остануваат негативни рецидиви од минатото. Искуството во повеќе земји во Европа и во светот покажа дека таму каде што жената ќе се најде на лидерски позиции во политиката, економијата, социјалните работи, дипломатијата, менаџментот – успехот е речиси загарантиран. Што се однесува до нашата земја, процентуалната застапеност на жените во овие сфери е помала од очекуваната. Веројатно во иднина овој сооднос уште повеќе ќе се менува во прилог на поголемата застапеност на жената и напредокот на нашето македонско општество. Колку порано толку подобро!

 


Статијата е прочитана 1677 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско