Инфо

Историска победа на Македонија над Германија со 2:1

четврток, 01 април 2021

Не само што беше победен четирикратниот светски и трикратниот европски шампион, туку големиот Пандев, Елмас, Барди и сите останати покажаа како се игра со срце и се гине на теренот и докажаа како фудбалот, како најважната споредна работа на светот, може да ја сплоти целата земја

 

Репрезентацијата на Македонија во рамки на квалификациите за Светското првенство во Катар синоќа направи вистинска сензација со победата на гости против четирикратниот светски првак и трикратниот европски шампион Германија. По историскиот пласман на Европското првенство, македонските фудбалери вчера во Дуизбург остварија историска победа против моќните Германци совладувајќи ги со 1:2

И не само што беше совладана една од најмоќните репрезентации, туку нашите фудбалери се надигруваа со противникот, креираа шанси, беа сигурни во одбраната, се бореа, го оставија срцето на теренот и – победија. Големиот Пандев, Елмас, Барди и сите останати покажаа како се игра со срце и се гине на теренот и докажаа како фудбалот, како најважната споредна работа на светот може да ја сплоти целата земја. 

Горан Пандев погоди за 1:0, а потоа, во 86.минута Германија израмни од пенал преку Гундоган. Сепак, на крајот се радуваше Македонија со голот на Елиф Елмас за водство и конечна победа од 2:1.

„Ова е историја! Никогаш досега Македонија не успеала да победи една така трофејна селекција. Овие момци уште еднаш ја направија Македонија горда. Го победивме четирикратниот светски и трикратниот европски шампион. Радувај се Македонијо, слави ги овие херои! Пресреќен сум што работам со овие момци, честитки за нив“, изјави синоќа селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски.

Ова за Германија е прв пораз во квалификациите за Светско првенство на домашен терен по цели 20 години, а последната селекција која ја совлада е Англија во 2001 година. Дотолку поразбирливо е разoчарувањето кај Германците.  

Германскиот селектор Јоаким Лев го претрпе и првиот пораз во еден квалификациски циклус за Светско првенство и тоа на својот последен квалификациски меч како селектор. Тој по поразот не криеше дека неговите фудбалери немале решение за добро поставениот тим на Македонија. 

„Разочарувањето е огромно, наша цел беше да освоиме девет бода на овие три меча. Вината треба да ја бараме само кај себе. Тешко е да се направи анализа со жешка глава, но бевме изморени, ни недостасуваше свежина. Бевме многу бавни во нападот, а дури и во моментите кога бевме побрзи, немавме решение. Македонија беше одлично поставена во одбраната и не ни дозволи да најдеме простор за да направиме проблеми. Едноставно, немавме решение за нив, а истовремено беа многу опасни со своите контра-напади“, изјави Лев по натпреварот.

Победата на Македонија наиде на бурни реакции и воодушевување не само кај познавачите на фудбалот во регионот, туку и во целиот свет. Да се победи светски и европски првак и тоа на него терен е подвиг кој го можат само големи репрезентации.

Од реакциите за вчерашната сензационална победа на македонските фудбалери особено е вредна онаа на поранешниот германски репрезентативец Бастијан Шванштајгер:

„Почит од моја страна за Северна Македонија, несреќен пенал против нив, чист недосуден пенал и овие момци победуваат на гости против четирикратниот светски првак. Симнувам капа“, напиша Швајнштајгер на социјалната мрежа Твитер.

 

 

Содржината е прочитана 44 пати.