Успешна жена е таа што има способност да биде автентична

Интервју со Мерита Рамадани Алими, директор за бизнис и развој во DOGAN Air Conditioning Solutions во кое зборува за работењето на компанијата во услови на пандемија, за новиот продажен салон во Скопје и новото претставништво во Косово, за улогата на Групацијата на жени претприемачи во СКСЗМ, чиј претседател е, во креирањето предлог- политики за подобро бизнис-опкружување во земјава, за тоа што треба да поседува една жена менаџер за да опстојува и успешно да менаџира долги години во континуитет, но и за пораката што се испраќа дека жените треба да го заземат својот дел во општеството и во економија

                     

МАРИЛИ: Вие сте директор за бизнис и развој во интернационалата компанија DOGAN Air Conditioning Solutions. Што значи да се работи со бренд што повеќе од 60 години е присутен на пазарот на разладни уреди и климатизација? 

РАМАДАНИ-АЛИМИ:DOGAN“ е сериозна компанија што се занимава со комплетна разладна опрема. Влегувањето во сферата на овој машки бизнис ми беше сериозен предизвик, но привилегијата што ја добив да работам во машкиот свет ми даде огромен поттик да успеам да се борам против дискриминацијата на жените во работата. Посветеноста, амбицијата и моето долгогодишно менаџерско искуство се моќно оружје што ме движат кон успехот и освојувањето на поставените цели. Сите се водат од мислата дека жената не може да биде успешна во бизнис-секторот, особено во машките бизниси, но нашиот тим го покажа спротивното.

 

МАРИЛИ: Веројатно „DOGAN“ е една од ретките компании во нашата земја што и во услови на пандемија продолжи успешно да работи и да го зголемува својот асортиман. Кажете ни нешто повеќе за новините што се воведени.

РАМАДАНИ-АЛИМИ: Пандемијата не навлезе само во јавното здравје туку и во глобалната економска благосостојба и во некои од најосновните практики на современото општество. Генерираше голема вознемиреност и предизвика огромен и растечки човечки данок. И тоа бара буквално секоја организација да ги обнови своите процеси за да се справи со светот во кој многу луѓе едноставно не се чувствуваат безбедно да бидат во иста просторија заедно. За среќа, постојат алатки и перспективи што лидерите можат да ги користат за да им помогнат на нивните организации да ги преживеат тешките времиња. Со градењето доверба, управувањето со стравот и со охрабрувањето на чувството на должност и ориентација кон заедницата, секој лидер - без оглед дали е во бизнис, влада или непрофитен сектор, може подобро да се движи по тешкиот пат на управување со предизвиците. И покрај сето ова што се случува, нашата компанија работи на сериозни проекти во делот на проектирањето и изведбата на климатизацијата и вентилацијата, а наедно ја шириме и малопродажбата на клима-уреди и топлински пумпи. Може да се пофалиме со новиот отворен продажен салон на „Џон Кенеди“ во Скопје, каде што се нуди широка палета на производи и системски решенија, а се трудиме да понудиме врвна техничка експертиза. Не застануваме тука, продолжуваме да се шириме и надвор од границите, DOGAN Air Conditioning Solutions веќе има претставништво и во Косово. Нашиот тим постојано се зголемува и тоа ни овозможува непречено да ги остваруваме нашите поставени визии. 

 

МАРИЛИ: Што треба да поседува една жена менаџер за да опстојува и успешно да менаџира долги години во континуитет?

РАМАДАНИ-АЛИМИ: Според моето мислење, успешна жена е онаа што има способност да биде автентична. Знаете, има жени што дале голем придонес во овој свет, тие жени не се плашат да зрачат со своето знаење, напротив, тие жени си дозволуваат нивната сопствена светлина да ги допира и другите луѓе и, бидејќи се ослободени од сопствениот страв, нивното присуство автоматски ги ослободува и другите да се развиваат. Од досегашното искуство сум забележала дека една од најважните работи што ме мотивираат е конзистентноста. Односно, дека успехот не доаѓа доколку работите ги правиме повремено, туку дека успехот потекнува од истрајноста.

 

МАРИЛИ: Вие сте член на УО на Стопанската комора на Северозападна Македонија и ја предводите Групацијата на женското претприемаштво во рамките на Комората. Дали сметате дека личниот пример на успешна жена менаџер го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското лидерство во нашата земја?

РАМАДАНИ-АЛИМИ: Стопанската комора на Северозападна Македонија преку афирмативна политика успеа во својата структура да има успешни примери на жени претприемачи. Групацијата на жени претприемачи што ја предводам и како една од нејзините основачи уште од почетокот е светлата точка на функционирањето на СКСЗМ. Не е лесна работа да се добие место во управувачкото тело, но да се функционира од таа позиција со конзистентност е уште потешка работа. Како рамноправни претприемачи со другите членови на УО креираме ставови и предлог-политики за подобро бизнис-опкружување во земјава, но, исто така, преку нашиот пример сакаме да праќаме порака до целото општество дека жените треба да си го заземат својот дел во општеството и во економијата. Сѐ уште учеството на жените менаџери во фирмите е под просек од 10 проценти, а колку многу имаме да дадеме ние како жени! Убедени сме дека со нашиот пример ги поттикнуваме младите девојки и жени да сонуваат поголеми соништа. И тоа се чувствува преку постојаните контакти што ги имаме со младите, преку интересот да учествуваме на различни обуки и мотивирачки семинари и да го пренесеме нашето искуство.

 


Статијата е прочитана 1483 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско