Интервјуа

Македонските вина се вистински амбасадор на државата во светот

среда, 17 март 2021

Интервју со Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“ во кое говори за тоа што е се направено откако е тој на чело на компанијата и какви промени се воведени за вината на „Тиквеш“ денес да станат светски бренд, за бројните награди што ги добиваат флашираните вина „Тиквеш“, особено оние од премиум сегментот, за вината произведени во винарницата „Châteaux de Gourdon“ во Франција, која во 2018 година стана дел од „Тиквеш“, за предизвиците со кои се соочувал во текот на својот долгогодишен професионален ангажман, но и за плановите за во иднина и желбата „Тиквеш“ да стане прва зелена винарница на овие простори што своето работење ќе го базира врз користење енергија од обновливи извори

 

МАРИЛИ: Веќе 135 години винарската визба „Тиквеш“ е симбол на вековната винска традиција во Македонија и има огромен удел во создавањето, негувањето и во промоцијата на таа традиција во земјата и ширум светот. Накратко кажете ни од кога сте на чело на компанијата и какви промени воведовте за вината на „Тиквеш“ денес да станат светски бренд? 

ЈАНЕВСКИ: Трансформацијата на винарската визба „Тиквеш“ ја започнавме во 2003 година, кога нашата инвестициска група „М6“ стана мнозински сопственик. Таа се состоеше во темелно менување на стратегијата на производство и развој на брендот, фокусирајќи се на производство на висококвалитетно вино во шишиња, постепено напуштајќи го пристапот на производство на големи количини наливно вино што се продава на странските пазари по многу ниски цени.

За остварување на оваа цел беа неопходни интензивни инвестиции во сите области на производството и работењето на компанијата. Од 2003 година досега инвестиравме повеќе од 40 милиони евра во нова, најсовремена технологија и опрема за производство на висококвалитетно вино, во лозови насади и примена на модерни агротехнички мерки за одгледување на грозјето, во едукација и техничка поддршка на нашите кооперанти – лозарите, како и во развој на кадри и професионално надградување на вработените во компанијата, но и во промоција на нашите вина на странски пазари. 

Овие инвестиции, како и вложениот труд и експертиза на целиот тим резултираа со унапредување на квалитетот на сите вина и проширување на портфолиото на „Тиквеш“ со нови вина, особено во премиум сегментот. Денес „Тиквеш“ веќе не продава наливно вино, а нашите флаширани вина, особено оние од премиум сегментот, стојат рамо до рамо со најквалитетните вина од цел свет и секоја година добиваат над 50 високи награди и специјални признанија на реномирани меѓународни натпревари. Дополнително, тие се признаени и од светски познати вински критичари како вина со исклучителен карактер и квалитет. Не е едноставна задача да се одржува континуирано висок квалитет на толку широко портфолио на вина. Винските познавачи се свесни за тоа и затоа нашето реноме постојано расте на меѓународната сцена. Дури можам да кажам дека, за жал, ваквите напори повеќе се препознаваат надвор од нашата земја отколку тука, кај нас.

Исто така, во портфолиото на „Тиквеш“ се вклучени и вина произведени во винарницата „Châteaux de Gourdon“ во Франција, која во 2018 година стана дел од „Тиквеш“, со што се проширивме и надвор од границите на нашата земја и направивме голем чекор кон сѐ поголемо етаблирање и присуство на брендот на глобално ниво. Со тоа значително напредувавме во остварувањето на намерата „Тиквеш“ да биде значаен фактор во светската винска индустрија.

 

МАРИЛИ: Освен одличното поднебје за производство на високо квалитетно сортно вино, колку се важни инвестициите, современиот маркетинг и промоција за да може брендот да излезе надвор од границите на нашата држава?

ЈАНЕВСКИ: Поволните климатски услови на поднебјето се основа за развој на винската индустрија и за производство на висококвалитетно вино. Но не се доволни за успех и за пробив на странски пазари. Винарството е исклучително високо конкурентна индустрија во светски рамки и неопходни се огромни инвестиции во промоција на брендот и, пред сѐ, на земјата како производител на квалитетни вина. Промоцијата на сопствениот бренд и сопствените вина секако е задача на секоја винарница поединечно, но, исто така, заеднички, винарниците и релевантните институции мора систематски и стратегиски да работат и да вложуваат во препознатливоста на земјата и на регионот. Преку здружението „Вина од Македонија“, ние активно работиме на градење на имиџот на Македонија како производител на квалитетно вино и реализираме низа проекти во соработка со Министерството за економија и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а соработуваме и со здруженија и винарници од регионот, при што сме поддржани од странски фондови и донатори.