„Алкалоид“ во 2020 оствари 1,5 милијарда денари инвестиции и 210 нови вработувања

Инвестиции од над 1,5 милијарди денари и раст на консолидираните продажби од 9 проценти забележал „Алкалоид“ во 2020 година. Притоа, во текот на минатата година имало и 210 нови вработувања.

Од компанијата соопштуваат дека според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2020 продажбите достигнале 9.188.259.186 денари, а вкупните консолидирани продажби 12.132.328.349 денари, што е исто така 9 проценти повеќе во споредба со 2019 година.

Консолидираните продажби на домашен пазар се зголемиле за 9 отсто, исто колку и вкупниот консолидиран извоз. Од вкупните консолидирани продажби, 65 проценти биле остварени во странство: од тоа, 33% во земјите од Југоисточна Европа, 20% во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА), 10% во Русија и другите земји од ЗНД, како и 2% на другите пазари. Во 2020 биле реализирани првите продажби на сегментот Фармација во Канада во вредност од 30,4 милиони денари..

Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество, дури 87 проценти заземаат производите од сегментот Фармација, додека сегментот Хемија, козметика и билкарство учествува со 13 отсто.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА) лани е зголемена за 10 отсто и изнесува 1.959.849.982 денари, а единечната нето добивка изнесува 1.142.650.910 денари и е зголемена за 13 проценти.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата во периодот јануари-декември 2020 достигна 2.077.934.491 денари, што претставува пораст од 12 отсто, а консолидираната нето-добивка изнесува 1.167.484.742 денари, односно, зголемување од 15 проценти

Минатата година „Алкалоид“ инвестираше вкупно 1.571.226.812 денари во основни средтва и тоа е 44 отсто повеќе во однос на 2019 година.

Од компанијата потенцираат дека на крајот на декември 2020 во „Алкалоид“ во земјата работат 1.832 луѓе, а во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 560 вработени.

Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година.

Цената на една акција на „Алкалоид“ на Македонската берза во 2020 се движеше од 8.354,00 до 13.499,00 денари, или просечно 12.174,86 денари, што претставува раст од 28 отсто во споредба со претходната година.

Според бизнис-планот за 2021, компанијата  предвидува да инвестира околу 12 проценти од консолидираните приходи од продажбите во материјални и нематеријални средства, да оствари раст на консолидираните продажби од 7 отсто и истотолкав процент раст на консолидираниот профит пред оданочување.

 


Статијата е прочитана 584 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско