Бизнис вести

МБА: „Сите фирми - клиенти на банките и штедилниците да се пријават во Регистарот на вистински сопственици“

вторник, 23 февруари 2021

Правните лица треба да го извршат пријавувањето во Регистарот до 27 април оваа година, со цел понатамошно непречено извршување на платниот промет и воспоставените деловни односи

 

Македонската Банкарска Асоцијација (МБА) ги повикува сите правни лица - клиенти на деловните банки и штедилници кои подлежат на обврската за запишување на вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици, да го извршат пријавувањето во Регистарот во законски предвидениот рок до 27 април оваа година, со цел понатамошно непречено извршување на платниот промет и воспоставените деловни односи.

Регистарот на вистински сопственици кој се води во рамки на Централниот регистар почна да функционира на 27.01.2021 година и од тогаш тече рокот од 90 дена за пријавување податоци за вистинските сопственици.

Запишување на вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици се врши електронски во Централниот регистар (https://www.crm.com.mk).

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, сите правни лица кои се предмет на упис во Централниот регистар на Република Северна Македонија имаат обврска до 27.04.2021 година да извршат запишување на податоци за вистински сопственик или сопственици во Регистарот на вистински сопственици, додека правните лица основани (регистирани) по 27 јануари 2021 година имаат обврска во рок од 8 дена од уписот на основањето на деловниот субјект да извршат запишување на податоците за вистинскиот сопственик во Регистарот на вистински сопственици.

Обврската за внесување податоци за вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици не се однесува на: трговци поединци, лица кои вршат јавни овластувања, буџетски корисници, правни лица во државна сопственост, правни лица во постапка на стечај и ликвидација, самостојни вршители на дејност, како и правни лица чии акции котираат на организиран пазар на хартии од вредност и кои се обврзани да се усогласат со условот за објавување на податоците за вистинските сопственици со што се обезбедува соодветна транспарентност на информации за сопственост согласно релевантните меѓународни стандарди.

Започнувајќи од 28 април оваа година банките имаат обврска за сите клиенти - правни лица да ги проверат податоците за вистинскиот сопственик во Регистарот на вистински сопственици и да обезбедат доказ дека е извршен соодветен упис во Регистарот на вистински сопственик.

Доколку клиентот - правното лице не изврши запишување на вистински сопственик во Регистарот за вистински сопственици во предвидениот рок, или податоците во Регистарот нема да бидат ажурирани согласно законските рокови, работењето со сметките ќе му биде оневозможено/одложено се додека не ги запише/ажурира потребните податоци за вистински сопственик во Регистарот.

 

Содржината е прочитана 28 пати.