Брокерското друштво ја зголемува довербата на клиентите кон осигурувањето

Интервју со Виолета Поп Василева, претседател на Одбор на директори на „Нов Осигурителен Брокер“ во кое зборува за предизвикот да се навлезе во основата на осигурувањето, ја објаснува улогата на брокерот во соработката со осигурителните компании, раскажува за работењето во услови на ковид-криза, за успешните примери на жени менаџери кои може да им дадат поттик на другите да направат исчекор во својата кариера

 

МАРИЛИ: Долг период Вие сте во осигурителниот бизнис. Кажете ни колку знаењето, постојаната едукација, но и искуството се важни за да се започне сопствен бизнис во оваа дејност, имајќи го предвид токму Вашиот пример како основач на брокерското друштво „Нов Осигурителен Брокер“?

ПОП ВАСИЛЕВА: Осигурувањето како дејност е моја последна определба во текот на мојата професионална кариера што од самиот почеток е во финансискиот сектор на дејности. Голем предизвик е да се навлезе во основата на осигурувањето ако се има предвид потребата на луѓето да добијат можност да бидат заштитени од ризиците во секојдневјето. За тоа тие имаат направено полиса за осигурување со минимален надоместок да учествуваат во резервираните средства кај осигурителните компании што се наменети за исплата на трошоци за настанати штети на осигурениците и овие износи како надоместок на штети во голем дел се многу поголеми од износите на премијата што се плаќа за одредено осигурување.

Од една страна, работењето во осигурителна компанија е многу одговорна работа и управувањето со фондовите на осигурителната компанија и усогласувањето на минималните премии за секој ризик што како продукт им е понуден на осигурениците и кој е врзан со прецизни актуарски пресметки. Осигурителните компании се грижат за креирањето на продукти и пакети за осигурување за обезбедување на потребите на осигурениците заради покривање на одредени неизвесни ризици што можат да настанат во текот на едно секојдневје. Од друга страна, осигурувањата на живот се однесуваат само на физички лица со вклучена компонента на штедење и дел за надоместоци поврзани со здравјето на осигуреникот.

Искуството во основите на осигурувањето од периодот кога бев извршен директор во осигурителна компанија, како и желбата за поинтензивна комуникација со клиентите - осигуреници на пазарот на осигурување, беше основен мотив за преземање на брокерското друштво „Нов Осигурителен Брокер“.

Брокерот работи во името и за интересите на клиентите и ги застапува во случаите кога треба да се надомести штета по основа на направена полиса и тоа го прави без надоместок. Брокерот е лиценциран од Агенцијата за супервизија во осигурување за соработка со сите осигурителни компании и работи како нивен надворешен продажен соработник и со тоа клиентите преку брокерот имаат можност да се запознаат со условите за осигурување што се претставени од компаниите.

Близината до клиентите преку работата во брокерското друштво, како и грижата за нивните потреби е можност за зголемување на довербата кон осигурувањето како дејност воопшто, а во исто време претставува можност за зголемување на обемот на премијата на осигурителните компании што би имале можност за креирање на повеќе нови осигурителни продукти.

 

МАРИЛИ: Што значи да се работи во услови на криза со Ковид-19 и дали во време на пандемија се фаворизираат одредени осигурувања, како што е, на пример, здравственото или животното осигурување?

ПОП ВАСИЛЕВА: Ова беше тешка година за целото стопанство и со самото појавување на вирусот речиси од почетокот на годинава светот се затвори буквално херметички, а, барем за мене, тоа значеше дека ако првиот удар е здравјето на луѓето, вториот и уште пострашен беше и е економијата што, исто така, застана. Неизвесноста за иднината, за жал, продолжува и ќе трае во нареднава и во годините што следуваат. Оваа генерација менаџери нема доживеано ваква криза, ниту здравствена ниту, пак, економска во вакви размери, односно ова е регистрирано само во учебниците како потрес на глобално ниво во период од 1928 до 1930 година - светска криза и од 1918 до 1920 година - здравствена криза позната како „шпанска треска“.

Со почетокот на затворањето на бизнисите во интерес на здравствените политики на стартот на глобалното затворање оваа година, застана и функционирањето на нашата дејност. Во последователниот период кон летото започна во некој поскромен обем да се извршуваат задолжителните осигурувања на возила, обновата на осигурувањата од имот и незгода, а, секако имаше и повеќе барања за дополнително здравствено осигурување, како и прашања дали во постојните услови на осигурителните компании за ова осигурување е вклучен и ризикот од заболувања од новиот вирус. 

 

МАРИЛИ: Колку е тешко во континуитет успешно да се менаџира со компанија од осигурителниот бизнис, независно дали сте дел од голем систем или сопственик на брокерско друштво?

ПОП ВАСИЛЕВА: Менаџирањето на осигурителна компанија е многу одговорна функција, како што објаснив претходно, со оглед на обемната регулатива, усогласувањето на расходите и резервите за штети во исто време, во согласност со статусот на компаниите како акционерски друштва, менаџментот на осигурителните компании е обврзан и кон акционерите за остварување приходи од работењето и зголемување на акционерскиот капитал.

Кај брокерското работење, кое е со ист статус на акционерско друштво, е многу поразлично бидејќи се работи за услуга – посредување, но, сепак, останува одговорноста кон клиентите за да бидат правилно упатени и информирани за сите услови во осигурувањето и правата за надоместок на штета. 

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?

ПОП ВАСИЛЕВА: Се согласувам дека преку успешни примери може да се надградува секој што има амбиции да се издвои и да даде придонес во развојот на бизнисот за кој се определил и тука нема ограничување врз основа на пол, а успешните примери на жени менаџери во различни сфери од животот се добар пример за тоа. Сметам дека ваквите успешни примери на жени менаџери може да им дадат поттик на другите да направат исчекор во својата кариера.

 


Статијата е прочитана 1921 пати.

Сподели: