Македонија

Стартува пријавувањето за вакцинација, првите вакцини стигнуваат утре од Србија

среда, 10 февруари 2021

Од денеска сите заинтересирани граѓани кои сакаат да примат вакцина против Ковид-19 ќе може да се пријават на интернет страниците vakcinacija.mk и kovid19vakcinacija.mk, а покрај електронската регистрација пријавувањето ќе се прави и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“

 

Стартуваше пријавувањето за вакцинација. Од денеска сите заинтересирани граѓани кои сакаат да примат вакцина против Ковид-19, ќе може да се пријават на интернет страниците vakcinacija.mk и kovid19vakcinacija.mk каде секој граѓанин ќе може да се регистрира, а самиот систем ќе ги регенерира податоците за тоа кој прв би бил повикан на вакцина, односно кому би му се дал приоритет. Освен по електронски пат, пријавувањето за вакцинирање ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“. Повозрасните лица и оние со хронични заболувања, закажувањата треба да ги направат во консултација со нивните матични лекари и тие ќе бидат регистрирани преку системот „Мој Термин“.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека е направен оперативен план за процесот на вакцинација, согласно бројот на вакцини кои ќе бидат на располагање, како и приоритетните групи според кои ќе се спроведува имунизацијата. 

А, утре ќе пристигнат првите вакцини против Ковид-19 од Србија, од производителот „Фајзер“. Пратката од 8.000 вакцини ќе пристигне на граничниот премин Табановце, а според најавите, ќе ја достави делегација предводена од српскиот претседател Александар Вучиќ кој ќе го пречекаат премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче.

Денеска Заев изјави дека попладне ќе се знае точно и кога ќе пристигнат најавените 200.000 вакцини од Кина.

Содржината е прочитана 41 пати.